Во галеријата Ел Греко утре со почеток во 19 часот ќе се отвори изложба на Сашо Поповски.
Сашо Поповски во периодот од 1991 – 1996 година студираше скулптура во Скопје и Мастрихт, усовршувајки ја техниката со класичните материјали, работејќи во дрво и мермер како и моделирање и лиење во бронза. Почнува да излага од 1989 год.
Холандските професори Хан Вон Ветеринг, мајстор за “груба“ керамика и Јо Санес, мајстор за работа во бронза, извршија значајно влијание во неговото формирање.
Поповски твори по сеќавањето на класичните форми, но ги прати и модерните тенденции во уметноста. Во создавачкиот процес иконографскиот и тематскиот слој стануваат подеднакво важни, како и свеста за формата, додека во котекстот на стилизираните антропоморфни облици, концепирани во духот на миметичката традиција внесува елементи на меки геометриски форми. Неговите дела се технички убаво обликувани, доработени и наликуваат на драгоцени предмети изработени со сигурна рака и јасен концепт.
Поповски паралелно работи на две различно концепирани серии на скулптури: едната серија се карактеризира со фигурален пристап и органско обележје на формата, а другата содржи обележја со иронично критичен поглед на реалноста.
Поповски во најновите творби го шири иконографскиот репертоар и симболичкото значење правејки синтеза со елементи на класични и модерни скулптури проткаени со хуманистичка содржина. Во поголем број на скулптури доминира женскиот акт создаден од бел мермер, а во некои вметнува и елементи во бронза складно и ефектно укомпонирани. Скулптуралната маса е компактна, а обликот затворен, напнат сугерирајќи исконска симболика на плодноста, т.с. естетски стилизирана еротика на обликот.
Во Галерија Ел Греко Поповски ќе се престави со галериска пластика, што значи дека авторот во процесот на создавање го реализирал саканиот пластичен и визуелен ефект во целост.
Поповски внимателно ги користи модерните искуства во скулптурата во распон од Пикасо, Мур, Мештовиќ, Роден, Дали, па се до рококо мајсторот Буше за да постигне интегрирана целина. Интересот за формата и тематскиот слој го елиминира психолошкиот аспект во скулптурите на Поповски. Во неговите творби доаѓа до израз едноставноста на формата, како и сугестија на сложена концепција со која успешно се избегнува чувството на пренатрупаност.
Изложените дела се создадени последните две години и преставуваат синтеза на неговите идеи и истражувања за неговото лично обележје во скулптурите. Тој вешто ја поврзува формата со сугестија на тродимензионалност. Експресијата на обликот ја постигнува со варијации на изобличеност и вдлабнатини, полирање и грубост на површините, робусност во обликувањето и префинета линија на движењата како и светлосен рефлекс на површините. Фигурата на бикот (чест мотив во македонската уметност) содржи снага на формата и карактеристична примена на плишни “фасети“.
Патинираниот постамент е дел од скулптурите во склад со целината. Вметнува и потенциран контраст на црно–бел однос со природната структура на мермерот.
Скулптурите на Сашо Поповски имаат различни имиња и пораки и се како реакција или противење на континуираното уништување на животот и човекот во време на долготрајната криза во уметноста.