Сушата што е присутна во нашата земја во последните четири месеци целосно го редуцира изборот на храна во природата, што е главна причина дивите свињи гладот да го задоволуваат со земјоделски култури
Сѐ поголемата бројност во природата и премалиот избор на храна во близината на нивните живеалишта ги натераа дивите свињи спасот да го побараат во земјоделските посеви во повеќе региони во Кичевско, како што се Беличка Река, Рабетинска Река и Копачијата. Главна цел им се пченката, пченицата, компирот и други култури, кои се најзастапени на земјоделските површини. За да ги намалат штетите од нападите на дивите свињи, земјоделците дежураат покрај своите ниви, а помош бараат и од локалното ловечко друштво.
– Сушата што е присутна во нашата земја во последните четири месеци целосно го редуцира изборот на храна во природата, што е главна причина дивите свињи гладот да го задоволуваат со земјоделски култури. Во селата Речани, Миокази, Светорача, Лисичани и Орланци поголемиот број земјоделци во ловечкото друштво пријавуваа напади од диви свињи и претрпени штети. Тие бараа помош за да се намалат штетите од секојдневните влегувања во нивите. Посевите се преполовени од дивите свињи – вели Даме Петрески, земјоделец од селото Речани.
Тој истакнува дека поради овој проблем земјоделците биле принудени најчесто и сами да ги чуваат нивите од дивите свињи.
– Не само што се хранат со нашите култури туку тие тука и ноќеваат и може да се забележи како се упропастени цели површини ниви и речиси ништо не останува од родот да собереме. Вакви и слични проблеми со дивите свињи ни се случуваат последните неколку години, кога штетите се поголеми од ползата што ја имаме од овие култури и помислуваме да се откажеме од земјоделството поради овие проблеми – вели жител од Беличка Река.
Ни раниот лов на крупен дивеч не ја промени состојбата, и покрај тоа што ловџиите од регионот во изминатиот месец и повеќе имаат застрелано многу примероци диви свињи. Минатиот викенд едно друштво од Кичевско застрела вепар со завидна големина од околу 200 килограми.