Загрижувачки резултати за перцепцијата на младите во поглед на несаканата бременост открива последното истражување на јавното мислење поврзано со религиозноста на младите во Македонија, спроведено од Институтот за политички истражувања Скопје, „Конрад Аденауер“ и порталот Религија.мк. Речиси една четвртина од младите одговориле дека ќе абортираат ако се соочат со несакана бременост. На прашањето доколку има случај на несакана бременост на што би се одлучиле, 23,7 отсто од испитаниците млади го избрале абортусот како опција. Дополнително, 39 отсто како опција за ваква ситуација би одбрале раѓање на детето и негово давање на посвојување, а 37,3 отсто од младите, пак, не знаат што би направиле во таква ситуација. Но интересен е податокот дека во исто време, речиси половината, или 46,9 отсто од младите, за себе сметаат дека се целосно религиозни, а кога на таа бројка ќе се додаде и бројката 36 отсто, колку што велат дека донекаде се религиозни, се доаѓа до еден висок процент на млади за кои религијата треба да има важна улога во животот, што, според многумина, е неспоиво со горенаведените ставови за абортус.
Анализирајќи ги ваквите резултати, православните теолози, но и теолозите по исламски науки, велат дека ова е резултат на нискиот степен на активен верски живот на младите, а религиозната декларативност е резултат повеќе на традиција отколку на практика.
Милан Ѓорѓевиќ, професор на Православниот богословски факултет во Скопје, смета дека од прикажаното може да се забележат следните карактеристични црти, како доминација на идеолошката перцепција на прашањето за религијата и моралот и, следствено, една неконзистентна и недоследна претстава за добродетелта и добродетелниот живот, како и недоволна перцепција на претходно изложената дистинкција меѓу световното и сакралното, т.е. на општествениот и религиозниот живот.
– Со тоа кореспондира нискиот степен на активно учество во верскиот живот, евидентен од првата група прашања. Останува заклучокот дека доследното и редовно практикување на верата не само што не претставува закана за општеството изградено врз секуларни и демократски начела туку претставува негов значаен предуслов. Токму недоследноста, селективноста и произволноста во разбирањето и практикувањето на верата се причини за губењето на вредносната ориентација во општествениот живот – вели професорот Ѓорѓевиќ. Професорот на Факултетот за исламски науки, Хасан Џило, пак, смета дека верските заедници мора многу повеќе да работат на придобивање на младите, бидејќи ваквите резултати се поразителни.
– Ако ги следиме европските искуства во областа на економијата, образованието, културата, слободата, еднаквоста и другите вредности, тогаш е неопходно верските заедници да поведат иницијатива за организирање трибини, тркалезни маси, семинари и други образовни форми во кои ќе се третира проблематиката за партиципација на религијата во јавниот живот за да му се помогне на човекот како човек, без разлика на неговата етничка и религиска припадност. Оттука, посебен акцент треба да претставуваат младите – вели професорот Џило.
Ова е прво големо истражување од овој тип и открива дека генералната перцепција кај младите е почитување одредени морални критериуми што се дел и од религиските нормативи, но, сепак, во одредени случаи свое влијание имаат и современите општествени текови, кои понекогаш делумно или целосно се косат со одредени традиции или религиозни начела.
Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16 и 35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година.