Кога Европскиот совет ќе се состане да одлучи за отворањето на пристапни преговори со Македонија и со Албанија, тој исто така ќе одлучува и за иднината на Европската Унија, пишува албанскиот експерт за надворешна политика Акри Чипа, во колумната објавена од „ЕУрактив“.
Одлуката ќе има значителни последици и ќе даде приказ за тактиката, стратегијата, па дури и за совеста на блокот.
Според последните информации, се очекува одлуката за отворањето на пристапните преговори со двете балкански држави да биде одложена за следната година. Проблем е што одложувањето станува појава што се повторува.
Уште едно одложување ќе ја потврди неодлучноста на ЕУ во очите на народите од Балканот, како и неспособноста и отуството на желба за отворање на нејзината врата за еден од последните делови од Европа што уште не е интегриран во заедничкиот европски проект.
Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија ја прилагодија нивната надворешна политика и спроведоа комплексни и тешки интерни реформи за да ги исполнат очекувањата на ЕУ.
Ова е вообичаено за државите кои тежнеат кон членство во Унијата. Но, ако ЕУ ја затвори вратата за Македонија и за Албанија, многумина ќе се запрашаат дали има оправдување за тешките одлуки и досега спроведени реформи.
Ако блокот уште еднаш ги одложи преговорите, тоа ќе биде јасно нагласување оти постои ненадминлива дистанца помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Одлуката ќе претставува ризик за залогот кој ЕУ го има во однос на балканските држави.
Последиците од нерешителноста на членките на ЕУ може да се протолкува и како погрешна стратешка пресметка, бидејќи оние кои одлучуваат во Брисел го потценуваат влијанието на странските актери во регионот. Одложувањето ќе испрати порака и за долгорочната стратегија на ЕУ, според која регионот моментно не е предвиден во проектите на ЕУ, односно дека овие држави треба да почнат да разгледуваат други опции.
На крај, одлуката за Албанија и за Македонија кажува многу за способноста на ЕУ да го одржи зборот пред балканските држави кои се посветија со ум и со срце на европскиот проект.