Македонската држава е монументална градба изградена на темелите на своите историски стремежи

Единаесетти октомври 1941 година претставува врвен израз на слободарски традиции на македонскиот народ изразени во минатото преку Карпошовото (1689), Разловечкото (1876), Кресненското (1878) и Илинденското востание од 1903 година.

Еден месец по окупацијата на вардарскиот дел на Македонија од страна на Царството Бугарија, Методија Шаторов-Шарло (секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, испрати проглас до македонскиот народ). Во прогласот меѓу другото беше истакнато: „Како резултат на војната, и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и бугарски војски. Сѐ што е наше ни се претставува како да било бугарско. Македонците се борат за своја национална и политичка слобода. Некои Македонци врховисти сакаат да кажат оти борбата на Македонците е завршена со окупацијата на Македонија од страна на германски, италијански и бугарски војски. Дали това е вистина. Не е и не може да биде, затоа што Македонија не доби национална и политичка слобода“. Шарло исто така повика кон обединување на „сите Македонци и други народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не и цепење на македонската земја и македонскиот народ“.

Партизани влегуваат во Битола

Што значи востанието од 11 октомври 1941?

Набргу потоа започнаа подготовките за кревање оружено востание, а засилената активност водеше кон диверзии, демонстрации, оружени судири, но и кон првите жртви во текот на јули 1941 година. На 11 октомври 1941 година, прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ изврши напад врз бугарската полициска станица, затворот и поштата. Со овој чин, како организиран облик, почнаа востанието и дејствувањето на македонската народноослободителна војска, која ги продолжи традициите и историските борби на македонскиот народ за реализирање на сопствените идеали. Македонскиот народ со востанието уште во 1941 година застана на страната на антифашистичкиот сојуз, на чие чело се наоѓаа САД, СССР и Британија.

Првите воени мисии при главниот штаб на Народноослободителната војска во Македонија – британската (1943 година), американската и советската (1944 година), всушност се и првото меѓународно признавање на македонскиот народ како посебен национален супстрат, кој се бори рамо до рамо со другите народи во антифашистичкиот сојуз, а наедно и за остварување на вековните стремежи за своја држава.

Народноослободителната борба, која започна на 11 октомври 1941 година, водеше кон АСНОМ, кога македонскиот народ врз основа на правото на самоопределување доби со сопствена држава. Првпат во историјата, на еден дел од територијата на Македонија се реализираа стремежите на македонскиот народ за добивање национална слобода.
Значењето на Народноослободително востание на македонскиот народ во Втората светска војна беше забележано од бугарскиот водач Георги Димитров, кој на 25 декември 1945 години се обрати пред Бугарското народно собрание. Според Димитров: „Македонската слобода се роди во борбата против фашизмот. Македонската држава се создаде врз урнатините на великобугарскиот и великосрпскиот шовинизам. Македонскиот народ го извојува своето право на самоопределување како резултат на победата на демократијата во Југославија“.

Георги Димитров: Не постојат три Македонии

Георги Димитров со своите ставови за македонскиот народ не застана тука. Во својот говор од 9 август 1946 година, во текот на десеттиот пленум на ЦК на Бугарската комунистичка партија истакна дека НР Македонија треба да биде јадро за обединување на другите делови на македонскиот народ, особено на Македонците од сегашниот пирински крај. Димитров исто така истакна дека не е „правилно да се употребуваат фразите Вардарска Македонија, Пиринска Македонија и Егејска Македонија. Не постојат три Македонии. Постои само една Македонија и таа со својот основен дел е претставена во создадената Македонска Народна Република во границите на ФНРЈ“.
Димитров исто така забележал дека не е доволно признавањето дека Македонците не биле ниту Бугари, ниту Срби, туку посебен народ, и треба да се работи кон реално остварување на националните права на Македонците во пиринскиот дел.


Посмртните останки на Гоце Делчев

Македонските власти побараа согласност од Сојузот на македонските братства во Бугарија за пренесување на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје. Барањето беше прифатено, и на 4 октомври 1946 година започнаа подготовките. Македонскиот уметник Нестор Алексиевски изработи нов саркофаг – на страничните делови се наоѓаат грбовите на Југославија и на Македонија, на предната страна се наоѓа ликот на Гоце Делчев, а на задната страна знамето на внатрешната организација. Дотогаш останките на македонскиот национален херој беа чувани во дрвена урна, на која беа изрезбани кама и револвер со натписот „Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребени во престолнината на независна Македонија“. Во македонската држава беа одржани голем број манифестации, кои кулминација ја доживеаја на 10 октомври 1946 година во Скопје, кога пристигнаа останките на Делчев.