Реакцијата на САД следува откако кинеската воена авијација првпат во Јужно Кинеско Море распореди бомбардери со голем дострел, со што во нивен досег се поставува цела југоисточна Азија

Официјален Пентагон го критикуваше „продолжувањето на милитаризацијата“ на кинеските позиции на островите во спорниот дел на Јужно Кинеско Море. Реакцијата на САД следува откако кинеската воена авијација првпат во ова море распореди бомбардери со голем дострел, со што во нивен досег се поставува цела југоисточна Азија. Кинеските медиуми претходно јавија дека военото воздухопловство спровело обуки за слетување и полетување со бомбардерите „х-6к“ во Јужно Кинеско Море. Кина има повеќе спорови со своите помали соседи и тоа околу островите, коралните гребени и лагуни во овие води, кои се од големо значење за глобалната трговија и богати се со риба и со потенцијални резерви на нафта и гас.

Кинеското министерство за одбрана соопшти дека вежбата е спроведена на островски гребен, но не посочи каде и кога, додавајќи дека е организирана неодамна во областа на Јужно Кинеско Море. Според министерството, во маневрите биле вклучени неколку авиони „х-6к“, кои полетале од воздушната база и симулирале напади врз морски цели пред слетување.
„Асошиејтед прес“ наведува дека САД, кои немаат никакви територијални претензии, но инсистираат на слобода на пловењето и мирно решавање на споровите без принуда или закана со сила, го критикуваа овој кинески чекор. Портпаролот на Пентагон, Кристофер Логан, порача дека САД остануваат посветени на отворен и слободен индиско-пацифички регион.
– Ги видовме тие исти извештаи и продолжената кинеска милитаризација во спорните делови на Јужно Кинеско Море мора само да служи за зголемување на тензиите и дестабилизацијата на регионот – истакна Логан.

Азиската иницијатива за поморска транспарентност, група со седиште во Вашингтон, оценува дека вежбата е спроведена на островот Вуди, најголемата кинеска база на Парацелските Острови, за чии права исто така се борат и Виетнам и Тајван. Според организацијата, со борбен радиус од 3.520 километри, бомбардерот „х-6к“ би можел од островот Вуди на дострел да ја има цела југоисточна Азија.
Појужно од Вуди, во групата острови Спратли, Кина изгради седум вештачки острови и ги опреми со авионски писти, хангари, радари и ракетни станици, со што понатаму ги засили своите територијални претензии во овие спорни води. САД и другите земји го обвинуваат Пекинг дека ја милитаризира таа област, за Кина да ја зајакне позицијата во спорот околу островите. Вашингтон соопшти дека со тоа се кршат ветувањата на претседател Си Џинпинг до бившиот американски претседател Барак Обама дека не сака да ја милитаризира таа област. Кина, од друга страна, инсистира дека има легитимно право да ја зајакнува одбраната на овие острови.


Целосен пресврт – Кина ќе купува повеќе американски производи

Кина прифати значително да го зголеми купувањето американски производи и услуги, се наведува во заедничката изјава по трговските разговори помеѓу двете економски сили.
Двете страни исто така се согласиле и за значајно зголемување на американскиот извоз на земјоделски и енергетски производи, како и на поголеми напори за поголема трговија со производи и услуги. Во изјавата не е наведено дали разговорите довеле до напредок во смирувањето на трговските тензии помеѓу двете најголеми светски економии. Вашингтон и Пекинг се закануваа со казнени такси во висина од десетици милијарди долари. Двете земји исто така постигнале согласност за потреба од „ефикасни мерки“ за намалување на американскиот трговски дефицит и зајакнување на соработката во заштитата на интелектуалната сопственост.
Една од целите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп е да го наведе Пекинг на чекори што би го намалиле дефицитот на САД во трговијата со Кина и тоа за најмалку 200 милијарди долари до крајот на 2020 година.
Разговорите од кинеска страна ги водеше вицепремиерот Лие Хе, додека САД беа претставени од министерот за финансии Стивен Мнучин, министерот за трговија Вилбур Рос и економскиот претставник Роберт Лајтхајзер.