Откако партиите, т.е. власта и опозицијата, сфатија дека законот за Јавно обвинителство не влијае на добивањето датум за почеток на преговорите, веднаш изгубија интерес за него, сметаат аналитичарите
Иницијално претставуван како закон со кој ќе се манифестираат заложбите на политичката елита за спроведување реформи во правосудниот систем, а преку тоа и унапредување на владеењето на правото, законот за Јавно обвинителство, по укинувањето на СЈО, како да исчезна од приоритетниот политички интерес и на власта и на опозицијата. Кога во јавноста првично се пласираше идејата за потреба од новиот закон за Јавно обвинителство, (во март, годинава) со намера да се најде решение за статусот на СЈО во редовното правосудство, овој закон беше најавуван и како своевиден услов за добивање датум за почеток на преговорите со Унијата. Сепак, уште пред јунското очекување на датумот веќе беше релативизирано значењето на законот за ЈО, до степен дека само треба да се покаже намера за негово донесување. Во текот на летото, аферата „Рекет“ „неочекувано“ му пресуди на СЈО и како да ги дефокусираше партиите од реформата на правосудството. Навистина, имаше уште неколку обиди пред јавноста, за наводно усогласување на ставовите околу законот за јавно обвинителство, но зачестеното пропаѓање на лидерските средби по тоа прашање, како и разидувањето во предлозите на работните групи од власта и од опозицијата, оставаат впечаток дека овој закон треба да отиде во заборав.
– Откако партиите, т.е. власта и опозицијата, сфатија дека законот за Јавно обвинителство не влијае на добивањето датум за почеток на преговорите, веднаш изгубија интерес за него. Усогласувањето на ставовите на работните групи меѓу власта и опозицијата на оваа тема секогаш завршуваат со сѐ поголеми разидувања – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Терминот за самитот на ЕУ, на кој се очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, веќе сериозно наближува, но нема најави за лидерска средба.
Премиерот Зоран Заев, уште пред десетина дена, од Њујорк порача дека е можно законот да се донесе до 15 октомври доколку работните групи постигнат компромис, а потоа да се утврди на лидерска средба. Но министерката за правда Рената Дескоска вели дека нема поместување на разликите.
– Компромис што ќе значи газење на стандардите и европските принципи, или носење компромис за полош закон од постојниот што го имаме, не е нешто што ќе биде добро прифатено од Европската Унија – е последната изјава на министерската за правда, во однос на законот за ЈО, кој формално е во собраниска процедура.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, одговорноста целосно ѝ ја префрла на власта, обвинувајќи ја дека нема капацитет да донесе квалитетен закон. Порачува да се престане со меѓусебното надмудрување, а за предлог-законот да се побара мислење од Венецијанската комисија, што го предложиле уште во февруари годинава.
– Според мене, предлог-законот за Јавно обвинителство е мртов. Партиите што наводно ги усогласуваат ставовите преку работни групи, навлегоа во препукување, без никаков пресек на гледиштата и интересите. И штом законот не е приоритет за ЕУ, никој не гледа причина за компромис. Сосема извесно е дека до 15 октомври законот нема да биде донесен. Дали по одлуката за датум за преговори со ЕУ ќе продолжи интересот за него, зависи од притисокот на власта, зашто пред сѐ, таа е заинтересирана да продолжат судски да се процесираат предметите на СЈО – смета аналитичарот Петар Арсовски.
Во однос на заинтересираноста на македонската власт за спроведување европски реформи, пред сѐ во насока на правосудството и владеењето на правото, аналитичарот и дипломат Арсим Зеколи смета дека таа може да се активира само под влијание на „пријателски диктат“.