Британија со повлекувањето од структурите на Унијата сака да го зачува своето новосоздадено финансиско царство, оценува Марио Стефанов од „Геополитика“
Политичката врева создадена од хаотичното излегување на Британија од Европската Унија го насочи медиумското влијание на модалитетите и последиците од брегзит, а во сенка ги турна вистинските причини за британското напуштање на европските интеграции. Се доби впечаток дека британската политика го направи тоа импулсивно, без некој однапред направен план. Но вистинските причини се наоѓаат во финансиските сфери на моќ и на политичкото одлучување. Па така, едноставно кажано, брегзит не е ништо друго освен панично бегство со вреќи полни валкани пари, собрани од филијалите на веќе создаденото ново британско царство на даночни оази. Во ситуација кога најмоќните држави на ЕУ, предводени од Германија, сѐ помалку сакаат да го толерираат даночното затајување на своите граѓани и префрлање на големи суми пари во даночните оази, Британија со повлекувањето од структурите на Унијата сака да го зачува своето новосоздадено финансиско царство, оценува Марио Стефанов од порталот „Геополитика“.
Целото Обединето Кралство, според Стефанов, практично е претворено во даночна оаза во која се слеани валкани пари од даночни затајувања, шверц на дрога, оружје и луѓе и други сомнителни бизниси од сите страни на светот. Царството на финансиски услуги, кое го изгради Британија, ги обедини сите политички опции од левиот и десниот крај на политичкиот спектар, како и сите расни и етнички разлики на клиентите. Поради тоа, на британската политика повеќе ѝ одговара т.н. тврд брегзит или напуштање на Унијата без договор, бидејќи ги раскинува сите врски на Британија со регулаторниот систем на ЕУ. Оттаму и жестоката борба на моќните делови на британскиот политички естаблишмент да се спроведе токму таков брегзит.
Британската политичка елита е преокупирана со извршувањето на задачите на сметка на центарот на финансиската и економската моќ на Британија, концентриран во лондонскиот Сити. Мотивирана од своите геоекономски и геополитички интереси, Британија со излегувањето од ЕУ го штити своето царство на даночни оази, како на матичната територија така и на своите прекуокеански територии. Се проценува дека во британските финансиски институции и компании за давање финансиски услуги во овие даночни оази се депонирани речиси 21.000 милијарда долари. Колку за споредба, просечниот британски БДП е околу 3.000 милијарди долари.
Според „Геополитика“, британските функционери повеќе и не кријат што сакаат да постигнат и самите ја прогласуваат Британија за голема даночна оаза. Па, така, уште на средината на 2016 година тогашниот министер за финансии Џорџ Озборн, најавувајќи го намалувањето на корпоративната даночна основа на 15 отсто, отворено изрази надеж дека со тоа Британија ќе стане атрактивна даночна оаза и не остава многу сомнеж дека брегзит се спроведува токму за поголема слобода во дизајнирањето на националната даночна оаза, односно одржување на веќе воспоставеното царство на даночни оази, излегувајќи од регулативите на ЕУ. Со други зборови, според Стефанов, тој изјави дека Британија всушност сака да се трансформира во глобална даночна оаза.
Потоа, во 2017 година британската премиерка Тереза Меј и министерот за финансии Филип Хамонд најавија стратегија за развој на „Сингапур на Темза“, значи создавање даночна оаза со центар во Лондон, која ќе биде на исто ниво со Сингапур, една од најсилните даночни оази во светот. Токму надградбата и зачувувањето на британската мрежа на даночни оази ќе бидат моделот што ќе го следи Британија по брегзит. Пред сѐ, станува збор за политика за намалување на даноците за корпорациите и странските богати физички лица, кои би вложувале во британските финансиски институции, потоа користење на даноците како фискално оружје кон надворешните конкуренти, даночни мерки насочени кон привлекување нерезидентни вложувања во Британија, сеопфатна дерегулација, укинување на поголемиот дел од социјалната заштита, како и избегнување на почитувањето на меѓународните мерки против перењето пари.
И премиерот Борис Џонсон повторно ја употреби синтагмата „Сингапур на Темза“, а отиде и чекор понатаму, па изјави дека всушност сака да изгради пиратска Британија.
– По излегувањето од ЕУ, Британија планира, развивајќи ја доктрината на глобална Велика Британија како глобално финансиско царство, заштитено со воена и дипломатска сила, да склучува унилатерални трговски, царински и финансиски договори со државите од т.н. англосфера, пред сѐ со САД и Австралија, како и со моќните заливски кралства, на чело со Саудиска Арабија и со своите стари азиски сојузници. Истовремено, ќе се обиде да го задржи своето политичко и финансиско влијание во континентална Европа – наведува „Геополитика“.
Интересно е тоа што САД, со кои Британија по брегзит планира да формира специјално сојузништво со ексклузивни и за Британците профитабилни финансиски, трговски и воени договори, го заземаат второто место на листата светски даночни оази, веднаш по Швајцарија. Истовремено, Британија со своите прекуморски територии се наоѓа на третото место на листата, а по неа следуваат Хонгконг и Сингапур. Токму со Сингапур, како моќна даночна оаза, Британија планира да воспостави специјални трговски, политички и воени односи во рамките на сојузот Фајв пауер дефенс аранжментс (ФДПА). Стефанов наведува дека станува очигледно дека вистинскиот британски план по брегзит е дефиниран во агендата „Глобална Велика Британија“, односно формирање моќен финансиски блок со земјите од англосферата, пред сѐ со САД и со сојузниците од азискиот одбранбен систем ФДПА, во кој, покрај Австралија и Нов Зеланд, се и Малезија и Сингапур. Преку посебни услови за инвеститорите, односно вложувачите на пари со непознато и непроверено потекло, блокот сака да привлече масовен, можеби и најголем дел од светскиот финансиски капитал. Па, така, на блокот традиционално поморски сили тоа би им овозможило доминантна финансиска позиција над континентална Европа, ЕУ и Германија.