Србија

Животот во Белград целосно застана, а граѓаните и фирмите не можат да ги извршуваат своите редовни активности, поради протестот на таксистите, кои се противат на користењето мобилни апликации за користење такси-превоз

Белградските таксисти повторно ги блокираа главните сообраќајници, а нивните протести ќе продолжат сѐ додека државата не ги исклучи интернет-апликациите за превоз, за кои велат дека дејствуваат надвор од Законот за превоз на патници во патничкиот сообраќај. Поради блокадите, животот во Белград целосно застана, а граѓаните и фирмите не можат да ги извршуваат своите редовни активности. За овој проблем се огласи лично и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која ја поддржуваше работата на фирмите што ја промовираа апликацијата за користење такси-превоз и вели дека Владата е отворена за разговор со сите заинтересирани страни за да се надмине овој проблем.

– Штрајкот не е начин, затоа што граѓаните не смеат да трпат. Таксистите не смеат да ги уценуваат граѓаните и Владата со тоа што ќе ги затворат улиците. Разбирам дека се загрозени нивните интереси. Законот мора да се почитува – изјави Брнабиќ.
Александар Бијелиќ, претседател на такси-здружението „Статус“, кој се обрати на протестот пред зградата на Владата на Србија, рече дека веќе се потрошени 11 месеци за преговори и дека никој веќе не сака да разговара со премиерката.

– Додека не се угасат „КарГо“ и „Камео“, нема да се тргнеме од улиците. Од понеделник ќе го радикализираме протестот, а третата недела ќе ги блокираме мостовите и главните улици. Ако не издржиме сега, ќе згаснеме до Нова година – изјави Бијелиќ.
Министерот за локална самоуправа Бранко Ружиќ, во изјава за „Вечерње новости“, вели дека овие организации што применуваат интернет-апликации се регистрирани во Агенцијата за стопански регистри. Тој порача дека законите треба да се почитуваат, а државата има инструменти и механизми, за да се дојде од одржливо решение за овој случај.

Проблемот со таксистите во Белград произлезе откако во февруари бил испратен допис до Министерството за сообраќај во кој се наведува дека „здруженијата, во согласност со Законот за здруженија, може да извршуваат стопанска или друга дејност со која се стекнува добивка, а таа дејност да се впише во соодветниот регистар“.
Директорот на компанијата „КарГо“, Вук Губерениќ, објасни дека до него се обратиле „чесните таксисти што не се дел од такси-картелите“ и кои го замолиле да направи „апликација за чесни таксисти“.

– Меѓу нив се и таксисти што плаќаат даноци и кои сакаат да работат. Тие сфаќаат дека нашата апликација не е закана за нивната работа. Гарантирам, ниту еден чесен таксист нема да остане без работа и нашата компанија ќе помогне во изработката на такси-софтвер – вели Губерениќ за „Новости“.

Министерката за сообраќај Зорана Михајловиќ смета дека блокадата на градот од страна на таксистите не е решение, бидејќи се прекршува Законот за превоз на патници.
– Решението е сите компании што превезуваат патници да се регистрираат за работата со која се занимаваат, во согласност со Законот за превоз на патници. Неопходно е локалните и градските власти и комуналната полиција да го контролираат спроведувањето на законот – вели Михајловиќ.

Од секретаријатот за инспекциски работи во Белград од крајот на 2018 година информираат дека со асистенцијата на комуналната милиција, биле извршени 17 вонредни надзори на компаниите што вршат превоз на патници со користењето мобилни апликации. Притоа биле издадени 17 решенија за одземање возила и исто толку барања за поведување прекршочни постапки.