Предвидената глоба за правно лице што создава бучава е 3.000 евра

Граничните вредности за дозволено ниво на бучава во станбен простор изнесува 35 децибели. Доколку има надминување на оваа вредност, граѓаните можат да пријават во општината или во Министерството за внатрешни работи

Скопје е град што изминативе години е зафатен од градежна експанзија. Постојано се градат нови станбени објекти, a сите тие градежни активности секојдневно создаваат бучава. Ова урбана врева веќе почна да им пречи на локалните жители во тие градежни зони. Поголем е проблемот на оние што живеат со бучава повеќе години во низа, каде што се градат згради една по друга.

Во градовите има многу извори на бучава, а тука веројатно најпрвин ќе се вброи онаа од сообраќајот и од индустријата. Истражувањата покажуваат дека изложеност на урбаната бучава може да предизвика сериозни нарушувања на здравјето на луѓето. Некои скопјани веќе се жалат на урбаната бучава од градежните активности, а други имаат на ум своите поплаки да ги достават усно или писмено и до своите општини за да побараат некаква контрола и мерење на бучавата, колку е таа и до каде законски е дозволена. Таков е примерот со дел од жителите на Кисела Вода, во делот на средното економско училиште „Васил Антевски-Дрен“, кои се жалат на бучава предизвикана од градежни активности во поголемиот дел од денот. Велат дека периодов немаат мир и од соседските градежни активности за реновирање и градење. Не е поинаку ниту во другите населби каде што градежниците воопшто не водат сметка за бучавата или за зачувување на околината од загадување, прашина и од други отпадни материјали.

– Скоро секој ден слушам од зградите во околината некакво чукање, брмчење, разни звуци допираат до нас. Три години едноподруго нема мир, завршија една зграда, почнаа друга, па трета и така секој ден живееме со бучава. Ако случајно не работат работниците, тогаш соседите прават нешто со бормашина. Не е прегласно секогаш, но е постојано и во поголемиот дел од денот. Ова е особено лошо во овие топли денови и летово кога не можеме да бидеме со затворени прозорци преку ден – се пожали жителка од Кисела Вода.

Од општината Кисела Вода, пак, велат дека во изминатиов период до општината нема доставено пријави од граѓани за бучава предизвикана од градежни активности, но тврдат дека има законски утврдени гранични вредности до каде може да оди таа.
– Граничните вредности на основните индикатори се утврдени со правилник за граничните вредности на нивото на бучава во животната средина, донесен во 2008 година. Истите тие се дефинирани според степенот на подрачјето во кое се мери бучавата. Граничните вредности се движат: за подрачје од втор степен од 45 до 55 децибели, во зависност од периодот во денот. За подрачја од трет степен од 55 до 60 децибели исто така во зависност од периодот во денот. Граѓаните можат да пријават бучава во општината или во текот на 24 часа во Министерството за внатрешни работи – информираат од општината Кисела Вода.

Од општината Карпош, пак, појаснија дека според Законот за заштита од бучава во животната средина, проектот за изградба на зграда треба да предвидува како да се контролира бучавата, дали се исполнети посебните услови и мерки во врска со стандардите за заштита од бучава. Тие стандарди и ограничувања мора да се содржани во самиот проект.

– Ние не можеме да ја мериме бучавата на отворен простор. Но граничните вредности за станбен простор се 35 децибели. Досега имаме добиено четири-пет поплаки од граѓани за бучава при изградба на два-три градежни објекта во Тафталиџе и во Козле. Од општината Карпош се направени контроли, инвеститорите се предупредени дека мораат да ги почитуваат ограничувањата во согласност со добиеното одобрение за градба – тврдат од општината Карпош. Оттаму дополнуваат дека граѓаните, во секое време, може да пријават во општината Карпош и да поднесат барање за увид во бучава од градежни активности. Според Законот за заштита од бучава во животната средина за правните лица што не преземаат мерки за заштита од бучава, предвидена е глоба од 3.000 евра, додека за физичко лице глобата изнесува 500 евра.


Хроничното изложување на прекумерна бучава го оштетува слухот

Бучавата создадена од градежните активности може да влијае на квалитетот на здравјето. Хронично или повторено изложување на звуци до или над 85 децибели може да предизвика губење на слухот, се наведува во „Ерт џурналисм нетворк“. Додека градската бучава може да изгледа неизбежна, дури и најгустите и најактивни места можат да преземат чекори за ограничување на бучавата. Многу градови и држави имаат закони со кои се ограничува бучавата во станбени области, сепак, овие закони некогаш тешко се спроведуваат. На пример, кај нас се вршат неколку мерења со кои се утврдува дали има бучава што ги надминува вредностите.
– Нашите инспектори излегуваат на самото место и во разговор со инвеститорот му изрекуваат усна опомена, да го почитува дозволеното ниво на бучава. Доколку бучавата и натаму продолжи, се ангажира фирма што врши две до три мерења на бучавата, и доколку тие покажат надминување, поточно, бучавата е надвор од границите на дозволеното, следува парична казна во согласност со Законот за прекршоци – нагласуваат од општината Карпош.