Ете, на пример, последниве години некои помлади македонски писатели се присутни со своите објави во странство што се рекламираат кај нас како „големи успеси на македонската литература“. Од гледна точка на нашиот културен идентитет, тоа воопшто не е спорно – книжевните таленти и остварувања, како и ликовните, како и музичките, тука виреат на плодна почва. Од друга страна, некои постари автори со долготраен, високовреднуван и често наградуван опус, и натаму, од петни жили, се борат за нови и нови награди. Што, пак, не значи дека тие се најдобрите современи македонски автори. Односно пошироко, дека успешноста е мерило за вредноста на книжевното (уметничкото) дело. Иако во случајов станува збор за инспиративни, често натпросечно вредни автори.
На добрата литература ѝ е важно да патува – надвор од границите на својата држава, надвор од границите на својата јазична територија – и преку соодветни преводи, да предизвикува нови читатели и толкувачи. Оттаму, да не се лажеме, секој писател сака да биде успешен. Не сум ни јас исклучок. Иако во овие времиња писателот станува сѐ поневидлив. Спротивно од политичарот, кој станува еден вид естрадна ѕвезда. Но шансата да бидете препознаени сѐ уште постои… меѓу не толку многубројните читатели, книжевни сладокусци, излетници што обезбедиле сместување во омаѓосаната, кадрава сфера на лектирните задоволства и немири.
Но нашиот минлив, подложен на суетни смешки живот, сѐ повеќе е соочен со една глобална состојба во културата, каде што успешноста се мери преку профитот. „Пазарот влијае врз критиката повеќе отколку што критиката влијае врз пазарот“, признава Џулио Карло Арган, еден од големите зналци и бранители на вредностите на модерната уметност. Што побрза заработувачка, во економска, а кај малите држави особено – и во политичка смисла, тоа подобро, зашто цел еден способен „креативен“ маркетинг е најмен да смислува нови штосни пропагандни реклами и слогани за производите што се нижат како на подвижна лента. Потрошливоста на производот се подразбира, дури и кога ефектот е дегутантен: првичната „Ајкула“ на Демијан Хрст, „создадена“ во 1991 г., поради законите на природата, веќе била полураспадната кога 2004 г. е откупена од бизнисменот Коен за осум милиони долари (!), за потоа, без проблем, да биде заменета со друга, помалечка ајкула, но сега сместена во побезбеден формалдехид.
Што тогаш со слободата, со идентитетот на авторот? Кога тој постојано е советуван да биде „послушен“ кон издавачот, продуцентот, колекционерот, министерот, кон помодноста и успехот диктирани главно од онкнижевни, вонуметнички фактори. Зарем уметностите, особено филмот и визуелните, а литературата сѐ повеќе, не се обвиткуваат со рекламна амбалажа што го поттикнува успехот (трошењето)? Дали и квалитетноста на уметничкиот производ почнува да се мери со неговата економска и политичка рентабилност? Дали моќниот, непредвидлив развој на технологиите ќе ја донесе смртта на „старомодната“ уметност, како што предвидуваат некои теоретичари на културата? Иако западната постмодерна предвидуваше и смрт на историјата, па тоа не се случи. Теоријата и практиката често се разминуваат. Освен тоа, технологијата била и е само моќен помагач, додека создавањето е сепак интимно вживеана дејност.
Да се вратам на основното прашање, дали денес успешноста и квалитетот на книжевното (уметничкото) дело се во расчекор. Дали во ова општо алчно голтање на сегашноста, од кое не се поштедени ни писателите, литературата може да се концентрира, да ја продлабочува најважната душевно и духовно терапевтска димензија на своето постоење?
Одговорот, ако бидат заинтересирани за него, ќе го знаат следните генерации.