Ветерниот парк „Богданци“ ќе се проширува со дополнително инсталирање на нови ветерни турбини. Во рамките на втората фаза од градбата, паркот ќе се прошири од моменталните 36,8 мегавати инсталирана моќност на 50 мегавати. ЕСМ планира изградба на нов ветерен парк во близината на Миравци, Гевгелија и веќе има подготвен идеен проект
Позитивните резултати од првиот ветерен парк во земјава се причина за негово проширување, но и за изградба на уште еден во близината на Миравци, Гевгелија. Постојниот ветерен парк „Богданци“ наскоро ќе се проширува, при што неговата инсталирана моќност ќе достигне 50 мегавати. Надлежните посочуваат дека постојните ветерници ги наминуваат очекувањата и од неговото отворање редовно испорачуваат повеќе енергија отколку што било планирано.
– Во досегашниот период на производство на ветерниот парк „Богданци“ редовно се надминуваат планираните количества електрична енергија. Годишното производство во просек изнесува 110.000.000 киловат-часа (110 милиони киловат-часа) и го надминува планот од 97.500.000 киловат-часа за 12,8 проценти. Поточно за 12.500.000 киловат-часа – велат претставниците на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Од ЕСМ информираат дека на месечно ниво во просек се произведуваат по 9 милиони киловат-часа, а месечните производства варираат и се движат од 5.200.000 до 18.700.000 киловат-часа. Меѓу другото од компанијата истакнуваат дека во тековната 2019 година досегашното производство изнесува 79.613.000 киловат-часа што претставува 114,7 проценти од кумулативниот план за оваа година.
– Ветерниот парк „Богданци“ ќе се проширува со дополнително инсталирање на нови ветерни турбини. Во рамките на втората фаза од градбата, паркот ќе се прошири од моменталните 36,8 мегавати инсталирана моќност на 50 мегавати, колку што изнесува лиценцата добиена од Регулаторната комисија за енергетика. Ова значи дека ветерниот парк „Богданци“ ќе биде проширен со дополнителна моќност од 13,2 мегавати. Бројот на нови ветерни турбини, кои ќе бидат изградени, зависи директно од моќноста на ветерна турбина што ќе биде избрана на тендерот што ќе биде распишан – додаваат од ЕСМ.
Оттаму информираат дека парите за проширување на паркот се веќе обезбедени, а избрана е и консултантска компанија од Германија, која ќе ги следи процесите на изработка на тендерската документација и изградба на ветерните турбини. Додаваат дека забрзано се работи на подготовка на тендерската документација за проширувањето на ветерниот парк, и се очекува првите активности на терен да почнат од следната пролет, односно во 2020 година.
– ЕСМ планира изградба на нов ветерен парк во близината на Миравци, Гевгелија и веќе има подготвен идеен проект. Во моментов се прават подготовки за изработка на студија за влијание на животната средина – посочуваат од компанијата.
Извештаите на Државниот завод за статистика за производството на електрична енергија во Македонија, покажуваат дека најголем дел на енергијата од обновливи извори доаѓа од хидроцентралите. Но, сепак, и количеството што се добива од ветерниот парк не е за занемарување, особено ако се има предвид неговата инсталирана моќност.
Упатените во проблематиката истакнуваат дека хидроцентралите многу години се присутни во земјава и дека е сосема очекувана од нив да имаме поголемо производство на енергија и додаваат дека во иднина дополнително ќе се зголемува производството од другите обновливи извори.
– Хидроцентралите ги имаме веќе 80 години, а фотоволтаиците и ветерната енергија или технологиите на биомаса се релативно нови и кај нас се имплементираат во последните 10 години, така што нивна експанзија се очекува и во наредните пет години, со што и нивниот удел би бил повисок во снабдувањето со обновливи извори на енергија – вели универзитетскиот професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Тој додава дека државата треба да вложува во сите технологии, и во мали и во големи хидроенергетски објекти, фотоволтаици, ветерни централи и технологии на биомаса од животинско и растително потекло.
– Мора да напоменам дека хидроенергетските капацитети треба максимално да се форсираат, а другите да бидат контролирани за да има балансирање на моќноста и енергијата во електроенергетскиот систем. Премногу висока пенетрација на ОИЕ и истовремено без контрола од операторот може да предизвика проблем во системот – додава Чаушевски.
Вкупно бруто-производство на електрична енергија, јули 2019 г.
Соларни електрични централи 0,5%
Ветерни електрични централи 1,7%
Хидроцентрали 18,6%
Биогасни централи 0,9%
Комбинирани централи 30,7%
Термоцентрали 47,6%