Илустрација: Игор Калц

ЕДНА ГОДИНА ПО ГРАЃАНСКОТО (НЕ)ИЗЈАСНУВАЊЕ ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Една година по ланскиот референдум, легитимно е пред граѓаните да се постави и прашањето колку се измени Македонија по референдумот и дали промените нѐ доведоа поблиску до целите што беа наведени во референдумското прашање. И, веројатно, суштинската дилема колку е сега подобро или полошо од претходно, имаме ли подобар живот, повисок економски стандард, подобро здравство и образование итн. На овие прашања и дилеми побаравме мислење од аналитичарите, власта и од опозицијата

В понеделник, на 30 септември, се навршува една година од референдумот, на кој всушност граѓаните на Република Македонија требаше да се изјаснат дали се за интеграција во НАТО и во ЕУ со прифаќање на Преспанскиот договор.

Во вака поставеното референдумско прашање акцентот беше ставен на ЕУ и на НАТО како придобивка од прифаќањето на Преспанскиот договор, без никаде да се спомене промената на името на државата, но и редицата други отстапки што државата треба да ги направи. По затворањето на гласачките места исходот од референдумот, според ДИК, беше дека „не е донесена одлука“, односно дека не беше постигнат законски предвидениот одзив (цензус) за тој да се смета за успешен. Со други зборови, референдумот пропадна. Сепак, без оглед на резултатите од референдумот, процесот на имплементација на Преспанскиот договор продолжи во Собранието, со многу драматични седници и пратенички трансфери, кои сериозно ги ставија на тест принципите на демократијата и на правната држава. Една година подоцна, во официјалното име на државата, пред Македонија, е поставена географската одредница „северна“, но и понатаму нѐ делат уште неколку ратификации на протоколот за НАТО, од земји-членки на Алијансата, до полноправно членство. Во процесот на евроинтеграцијата, се чини, и понатаму тапкаме во место и покрај неколку еуфорични празнувања дека е добиен датум за почеток на преговорите со ЕУ.

– Ете, требало само име да смениме, па секоја година да славиме „датум“ и пак (без)условно да го чекаме Годо… „Све је исто, само њега нема“ и нема… – пишува на социјалните мрежни професорката Билјана Ванковска, по вчерашната информација дека германскиот Бундестаг дал позитивна оцена на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во реформите.

Сепак, зеленото светло на Бундестагот, не значи дека и другите членки на ЕУ (Франција, пред сѐ) ќе се согласат да го доделат „фамозниот“ датум.
Една година подоцна, за политичките фактори во земјава, актуелно е прашањето колку се измени Македонија по референдумот и дали промените нѐ доведоа поблиску до целите што беа наведени во референдумското прашање, до ЕУ и до НАТО, исто така и до подобар живот, повисок економски стандард, подобро здравство и образование итн. Зошто сите овие теми беа споменувани пред референдумот во насока да се мобилизира населението за поголем одзив.

Од страна на партијата на власт, СДСМ, и понатаму се убедени во позитивните придобивки од имплементацијата на Преспанскиот договор, во уставниот поредок на земјава.

– Една година подоцна, веќе сме поблиску до целта што ја поставивме и во самото референдумско прашање – до ЕУ и до НАТО. Тоа докажува дека вредеа сите наши напори и залагања за да успее процесот на имплементација на Преспанскиот договор. Неколку седмици нѐ делат до добивање датум од ЕУ и започнување на процесот на преговори за членство во Унијата. Неколку месеци нѐ делат од полноправно членство во НАТО. Но сите тие придобивки не се нешто што некој ни го подарил, туку нешто што го заслуживме. Од заробена држава до пред неколку години, станавме земја-модел и пример за целиот регион – вели Мухамед Зекири, потпретседател на владејачката партија СДСМ и пратеник во македонското собрание.

Наспроти оптимизмот и позитивното гледиште во владејачката партија, во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, ставовите во однос на придобивките од референдумот се сосема спротивни. Во поглед на спротивставеностите на гледиштата на двете партии, се чини дека состојбата е иста како и пред една година.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Измина една година откако цел свет посведочи на најнедемократската постапка на октоподот на Зоран Заев, а тоа е непочитување на референдум. Причините за пропаста на референдумот беа јасни: беше препознаено дека промената на Уставот со цел легитимација на капитулантскиот Преспански договор е затскриена зад македонските интеграции. Една година потоа сведочиме дека меѓународната јавност пишува и бара одговор за насилство врз пратеници, злоупотреби на сиот правен систем со уцени и поткуп врз пратеници токму за постигнувањето на мнозинството, сиот свет е запознаен за манипулациите што беа направени. Уште повеќе светот е запознаен дека тоа криминогено однесување со уцени, политички прогон и рекетирање на бизнисот оваа година доби и потврди преку сите афери, кои се појавија во домашните и меѓународната јавност. Македонија во оваа година секако дека не е поблиску до тоа што навистина е интеграција преку постигнување на стандарди.

Економијата пропаѓа, парите завршуваат во џебовите на октоподот на власт, граѓаните се сѐ посиромашни, граѓаните ја чувствуваат девастацијата преку образованието, здравството, производството на храна, прогонот на критичките медиуми, секојдневно се соочуваат со мизериите на лагите. Уште пострашно, Македонија не е ниту чекор поблиску од сите ветувања за референдумот, било за европско образование – нема учебници, а наставниците се под пресија со забрани и закани ако протестираат, било за европско здравство – докторите и пациентите се тепаат бидејќи здравството е девастирано, за кој било сегмент – важи само дека сѐ беше лага! Домашни и странски компании се рекетирани и лажени, дипломатите алармираат, никој не реагира. И најстрашно е дека цела година Заев и октоподот лажеа дека Македонија има датум за преговори, од лани во јуни, а пројде и овој јуни, а датумот за Македонија „виси“ и за октомври! Едноставно, лагите не значат интеграција, граѓаните се чувствуваат мизерно и излажано! Преспа е штетен нерамноправен договор со кој Македонија се откажува од идентитетот – е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за состојбите во Македонија, една година по референдумот.

Наспроти спротивставените партиски гледишта на истото прашање побаравме мислење и од аналитичарите. Пред одржувањето на референдумот, минатата година, повеќе групации и интелектуалци (индивидуално) водеа своевидни кампањи за поддршка, но и за бојкот на референдумот. Какво е нивното гледиште за промените што ѝ се случија на Македонија во оваа измината година?

– Моето гледање е дека по ФИРОМ, долгогодишните блокади и бесперспективноста, Преспанскиот е нешто најдоброто што ѝ се случи на Македонија. Компромисот, кој резултираше со промена на уставното име и со уште некои ступидни каприци што ги бараше и ги „извојува“ долгогодишната, и за овој век неразбирлива ксенофобична грчка политика, е болен и од тој аспект и непосакуван за никого од нашава земја, за никого без исклучок. Но ние не можевме со децении државава да ја оставиме да ни остане фиромска и блокирана.

Договорот, со сите мани, ако објективно и без политикантство се измерат нештата, е непосакуван но нужен и оптимален компромис, кој отвори перспективи. Неговите непобитни историски придобивки би ги дефинирал во неколку многу евидентни поенти.
Прво, договорот решава еден долгогодишен неразбирлив но тежок спор со нашиот јужен сосед. Второ, договорот ги деблокираше интеграциите, кои се круцијални програмски определби на сите наши политички партии. Трето, договорот во најпосакуваната насока меѓународно ги бетонираше идентитетските атрибути – името на државата Македонија и јазикот на Македонците – македонски.

Да го сублимирам најлогичното и највпечатливото: нашата држава Македонија е на север од историскиот регион Македонија, нашата република, сега Северна, е на север од тој регион. Нашата држава Македонија е единствената запишана во регистарот на ООН што во своето име го содржи брендот Македонија, единствената. Ние Македонците сме единствениот народ во светот што зборува на својот македонски јазик, исто така, евидентиран во тетратките на ОН.

Тоа се болните факти за грчката политика и силната идентитетска легитимација за нас. Од тој идентитетски аспект, тема што ги подели македонските граѓани, во Преспанскиот силно го имаме нашето парче победа. Сега во однос на нашите перспективи, сѐ е само до нас – размислува новинарот Зоран Иванов за аспектите на референдумот од Преспанскиот договор.

Од друга страна, се чини дека разликата во ставовите и меѓу експертската јавност за ефектите од Преспанскиот договор и референдумот, останува непроменета и по едногодишниот „стаж“ на примена на договорот, кој несомнено ја промени Македонија.
– Ако целите на референдумот и на Преспанскиот договор биле побрза евроатлантска интеграција, еве, една година подоцна не сме членка на ЕУ, а ниту на НАТО. Навистина поголема е веројатноста наскоро да добиеме полноправно членство во НАТО, но добиваме и сериозни сигнали дека услов за ЕУ не било само името, туку и правосудството, кое се покажува дека е руинирано. Пред една година, повикував на бојкот на референдумот, зашто со Преспанскиот договор не само што го сменивме името на државата туку со него се откажеме и од голем дел од нашето минато како народ и нација.

Со тој договор се откажавме од Македонците што живеат надвор од земјата, а не можеме да кажеме дека и идентитетот ни е зачуван. Дали случајно, или намерно, но во меѓународните обраќања почесто нѐ нарекуваат „северномакедонци“ (иако не е така договорено во договорот од Нивици), отколку Македонци. Онаа Македонија од пред една година, од пред референдумот, не е иста со оваа сегашнава. И што е најтажно, ќе биде многу тешко тоа да биде коригирано во иднина и ситуацијата да биде вратена во нормала – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.