Во услови на пазарна економија, примарната улога на државата во поттикнувањето на растот на економијата е да креира квалитетен амбиент за работа, кој поттикнува инвестиции и отворање нови работни места, велат бизнисмените
Разни грантови за постојните и за новооснованите компании, за комерцијализација на иновации и слично, се дел од владината поддршка за стопанството. Грантовите се доделуваат преку Фондот за иновации, а поддршката е преку кредити со ниски камати, кои државата ги исплаќа преку Македонската банка за поддршка на развојот. Овие форми на поддршка за стимулирање на стопанството не се новина, но прашањето е колку истите тие го постигнуваат посакуваниот ефект и какви други начини имаат надлежните институции за да ја поттикнат економијата. Во исчекување на некакви мерливи резултати, стопанствениците главно се согласни во констатацијата дека најважно, сепак, е да се креира амбиент за работа, да има правна сигурност и владеење на правото.
– Во услови на пазарна економија, примарната улога на државата во поттикнувањето на растот на економијата на земјата е да креира квалитетен амбиент за работа, кој поттикнува инвестиции и отворање нови работни места. Тоа значи дека државата треба првенствено да обезбеди постоење силни институции, правна сигурност и владеење на правото, макроекономска стабилност, компетентна и ефикасна јавна администрација, квалитетен образовен систем, соодветна енергетска и комуникациска инфраструктура… – велат од Стопанската комора на Македонија (СКМ).
Од СКМ додаваат дека дополнително, со користење на својот инструментариум од фискалната политика, државата може фокусирано, во рамките на модерна и внимателно дефинирана индустриска политика, да му помага на приватниот сектор.
– Помошта може да биде насочена кон зголемување на обемот и квалитетот на производството. Во земјоделството, на пример, тоа може да биде преку подобрување на капацитетите за повисок технолошки развој и примена на нови технологии во индустријата, истражување и развој и поврзување на бизнис-секторот со универзитетите итн. Крајната цел на таквата помош е зголемување на конкурентноста на приватниот сектор. Сите активности на државата во таа насока, без оглед дали преку постојниот Фонд за иновации и технолошки развој или во друга форма се добредојдени за приватниот сектор и ги прават економскиот раст и развој на земјата долгорочно одржливи – појаснуваат од комората.
Претставниците на Сојузот на стопански комора на Македонија (ССК) објаснуваат дека доколку се имплементираат барањата на деловната заедница, во законските одредби ќе можат поефикасно да се искористат средствата за финансиска поддршка на компаниите.
– Реалноста е дека производите на малите и на средните компании, кои се најмногубројни во македонското стопанство, тешко се пробиваат на странските пазари. Преку јакнење на дијалогот може да очекуваме развој на приватниот сектор како носител на економскиот раст – вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, и додава дека од голема важност за раст на инвестициите се предвидлив деловен амбиент и демонстрирање јасна волја за владеење на правото.
Арсовска посочи дека правната сигурност е основа за функционирање и развој на една држава и се спроведува преку независност на судството и борбата со секој вид коруптивно однесување.
– Владеењето на правото е услов за инвестиции во земјата. Потребно е целосно реформирање на системот на правна држава и воспоставување механизми за почитување на правниот систем, регулативата и ефикасна јавна администрација. За исполнување на наведеното, време е државата да направи сериозен чекор во борбата со корупцијата и криминалното однесување, за што поскоро приватниот и граѓанскиот сектор да ја вратат довербата во правната држава. За да се излезе од оваа состојба, која директно влијае на стопанството и инвестициите, потребен е силен исчекор и заложба од страна на сите позиции и органи на власта, како и подготвеност да се справат со предизвиците – истакнува Арсовска.
Од ССК појаснуваат дека институциите ќе работат поефикасно доколку се посветат на минимизирање на поларизацијата и на постигнување политички консензус со сите чинители.
– Неопходно е зајакнување на сите капацитети што се во интерес на овозможување сигурен економски раст, а тоа значи минимизирање на дневнополитичките несогласувања, наоѓање компромис за клучните прашања за националниот просперитет и посветување кон забрзан економски развој. Сојузот на стопански комори е отворен за соработка со сите институции на највисоко ниво за спроведување на овие значајни постулати за градење демократско општество. Единствено со унапредување на јавно-приватниот дијалог помеѓу највисоките носители на власта во државата и приватниот сектор и со континуирана дискусија, може да очекуваме подобрување на состојбите на економски план – додаваат од ССК.