Високата мода нема улога во општеството. Таа е наменета за мал кругклиентела, принцези, аристократи, буржоазија, секако, и за други личности што можат да си ја дозволат, вели Петит
Душица Петит е наша дизајнерка, која дипломира на Одделот за висока мода на „Есмод“ во Париз, каде што и го развива својот бренд „Шалева калчр“. Брзо добива статус на еден од најнадежните млади креатори. Нејзини креации се појавиле во познати модни списанија како што се: „Ел“, „Елегант“, „Мари Клер“.
Како изгледа француската елеганција во вашите мисли?
– Француската елеганција е мода што прикажува црни свечени тоалети, која е препознатлива по „малиот црн фустан“. Секоја модна француска куќа ја има прикажано својата визија за малиот црн фустан. За последната колекција се инспирирав од барок-стил и елементи, но и од француски модни куќи што ја лансираа француската елеганција како „Балман“, „Диор“, „Сен Лорен“. Најголемото искуство во Франција прво е мојата едукација на една од најпрестижите школи во светот, „Есмод“, како и можноста да работам во неколку модни куќи како текстил-дизајнер, каде што учам нови изработки и техники на материјали. Во Македонија сакам да го споделам сето тоа преку моите креации.
Што ја дразни најсилно вашата креативност?
– Најголемата инспирација доаѓа од моето детство. Неизмерната љубов кон татко ми кому му ги посветувам сите мои колекции, и кој ми е мотивација за сѐ што правам и сакам да постигнам во животот. Секако се инспирирам и од сѐ што е околу мене, од моите патувања, од Париз… Креативноста ја носиме сите, но треба само да се најде начин за да ја изразиме.
Со кои зборови би направиле компарација на модата во Македонија и во Франција? И во која насока треба да расте модната сцена?
– Во Франција модата се диктира, а во Македонија се адаптира. Франција е голема држава, а Македонија мала. Тоа е главната причина што дизајнерите во Македонија се малку ограничени со понудата на мода што ја прикажуваат, и мораат да се адаптираат според побарувачката и стандардот на самата држава. Луѓето сѐ уште немаат навика да купат нешто оригинално кај талентиран македонски дизајнер, претпочитаат да купуваат во странство. Би сакала да има поголема комуникација помеѓу македонските дизајнери, да почнат да диктираат тенденции, и да се согласат во која насока би сакале да направат промени. Во Македонија, на пример, често девојките за излегување носат секси здолниште, деколте и високи потпетици, а во Франција се подискретни, претпочитаат фармерки, кошула, ниски чевли или влечки.
Која е суштината на високата мода, која е нејзината улога во општеството?
– Високата мода е наменета за мал круг клиентела, принцези, аристократи, буржоазија, секако, и задруги личности што можат да си ја дозволат. Во целиот свет постојат само 50.000 клиентки на високата мода, што е многу малку во споредба со сите луѓе на оваа планета. За мене високата мода е врвот на една креација, занаетчиството и изработката. Јас имам направено само три креации за висока мода, кои беа дел од мојата прва колекција за дипломирањето во „Есмод“ и кои ми одзедоа десет месеци за изработка. Во Македонија нема висока мода, креација од високата мода е уникат што е комплетно рачно изработен, нема ни грам машина, перфекција од почетокот на идејата до крајот на изработката. За жал, кај нас не верувам дека некој е подготвен да плати петцифрена европска сума за едно парче од висока мода. Со секоја продадена креација за висока мода се дава сертификат на уникатност.
Каков бренд сакате да изградите?
– „Шалева калчр“ е млад бренд што прави уникатни креации, би сакала да изградам бренд „калчр стрит“, што значи луксузни парчиња што би можеле луѓето лесно да ги носат на улица, дополнети со рачната изработка на цветови и везови, кои се мојот заштитен знак.