Пред 90 години, во 1929 година, се одржа свечена инаугурација на Меѓународниот есперанто-музеј во Виена. По повод 90-годишниот јубилеј, музејските посетители во 2019 година имаат можност да учествуваат во т.н. специјално есперанто-ателје. Во јубилејната година ќе се одржи и меѓународниот научен симпозиум на темата „Есперанто, плански јазици, јазично планирање“ (24 и 25 октомври) во Австриската национална библиотека.
Во 1927 година, Феликс Заменхоф (1808-1933) доаѓа на идеја за систематизирање на есперанто-документацијaта, и за време на одржувањето на 19-от Универзален конгрес на есперанто во Данциг, тој предложил да се формира есперанто-библиотека по повод 50-годишниот јубилеј од постоењето на овој јазик. Хуго Штајнер (1878-1969), есперантист и ентузијаст, кој исто присуствувал на конгресот во Данциг и ја прифатил идејата, не сакал да чека 10 години, туку веднаш по враќањето во Виена го основал музејот со библиотека и архива. Тоа е еден од музеите со најдолга традиција, како и еден од најстарите јазични музеи во светот.
По основањето музејскиот материјал брзо се зголемувал, но развојот бил прекинат во 1938 година кога Гестапо го затворил музејот. По завршувањето на војната во 1947 г., тој повторно е отворен и продолжува со своите музејски, библиотечни и архивски дејности. Од 2005 г. музејот и колекцијата за плански јазици се наоѓаат во приземјето на барокната палата на улицата Херенгасе бр. 9 во Виена. Тука денес може да најдат важни публикации, предмети, архивски материјали, кои веродостојно ги презентираат видливиот развој и многустраната примена на есперанто. Постојаната изложбена поставка на посетителите им дава одлична слика за најуспешниот плански јазик, но и за многу други свесно креирани јазици, како на пример, волапик, идо и клингона. Музејот располага со околу 40.000 свитоци, 35.000 тома, 25.000 исечоци од весници, 22.000 фотографски материјали, 10.000 потписи и ракописи, 3.700 различни наслови од весници и ревии, 3.000 музејски предмети, 1.500 афиши, 1.200 тонски ленти и 66 претставки, тестаменти и архиви на есперанто-сојузи, издавачки куќи и новински редакции. Ова богатство грижливо се чува во најмодерен конзерваторски простор, кој е климатизиран и обезбеден од пожар. Околу 14.000 фотографии, поштенски разгледници, музејски предмети, повеќе од 1.200 книги и 130 различни наслови од весници веќе се дигитализирани. Меѓу нив се наоѓаат и оригинални писма од Лудовико Л. Заменхоф.
Превод од есперанто на македонски: Татјана Шошолчева-Ропајкова