Ако се докаже дека на кралицата не ѝ е дадено детално објаснување за суспензијата на парламентот, судот би можел да пресуди дека таа била доведена во заблуда. Најлошото сценарио за кралицата Елизабета е она во кое таа сама би морала да донесе политичка одлука за брегзит, оценува Си-ен-ен

Одлуката за излегување на Британија од Европската Унија ја загрози политичката стабилност на оваа земја, а како што стојат работите, кралицата Елизабета Втора сепак ќе мора да избере страна. Кралицата по секоја цена се обидува да го избегне тоа. Кога премиерот Борис Џонсон од неа побара да ја одобри суспензијата на парламентот, таа го стори тоа без да го доведе во прашање мислењето на премиерот. Сепак, ако се докаже дека на кралицата не ѝ е дадено детално објаснување за суспензијата, судот би можел да пресуди дека таа била доведена во заблуда. Најлошото сценарио за кралицата Елизабета е она во кое таа сама би морала да донесе политичка одлука за брегзит, оценува Си-ен-ен.

Врховниот суд на Британија ќе мора да преземе одредени чекори во текот на неделава. Како ќе се развиваат работите во Врховниот суд, најмногу ќе зависи од тоа дали премиерот Џонсон успеал да ја придобие кралицата на своја страна. Тој претходно порача дека суспензијата била неопходна, за да може парламентот да добие шанса за нов почеток, а политичките партии потребното време за одржување на годишните конференции. Сепак, највисокиот суд на Шкотска не смета така, па минатата седмица одлучи дека целта на суспензијата на парламентот била намалување на расположивото време за расправа за опциите што се однесуваат на брегзит.

На прашањето дали ја излажал кралицата, актуелниот премиер кратко одговори со „апсолутно не“.
– Како што кажав, Високиот суд во Англија се согласи со нашите ставови – порача Џонсон, повикувајќи се на пресудата, која во посебен случај ја донесоа судиите во Лондон.

Но како што наведува Си-ен-ен, работите по сѐ изгледа се поинакви, бидејќи англискиот суд остана на ставот дека нема моќ да одлучува за овој случај, кој потоа стигна во надлежност на Врховниот суд. Единаесет судии ќе донесат одлука за ова прашање во текот на оваа седмица, а нивната пресуда ќе биде обврзувачка.
Експертите и историчарите сега имаат тешка задача, бидејќи треба да најдат случај на премиер што бил прогласен за виновен поради доведување во заблуда на монархот.
– Владата мора да го почитува законот. Ако премиерот го прекршил законот, тогаш ќе биде процесиран и изведен пред суд, како и кој било друг граѓанин на оваа земја – истакнува Вернон Богданор, професор од лондонскиот „Кингс колеџ“ и автор на книга за уставните аспекти на процесот брегзит.

Евентуалната одлука против Владата би можела да го доведе Џонсон во непријатна позиција, бидејќи во таков случај, тој ќе мора да се врати кај кралицата и да побара од неа да го повлече претходниот негов совет, што се однесуваше на суспензијата. Меѓутоа, тоа не го намалува фактот дека посрамотувањето на премиерот би значело и посрамотување на самиот монарх. Па, така, кралицата Елизабета прави сѐ што може за да не излезе од рамките на церемонијалната должност, и за разлика од колегите во другите монархии, како Данска и Белгија, таа не се гледа себеси како медијатор меѓу раскараните политички партии. Британската кралица ја задржува својата политичка независност со помош на одамна воспоставената конвенција, која предвидува монархот да реагира само по совет од премиерот.

Од друга страна, опозицискиот лидер Џереми Корбин порача дека лабуристите и другите опозициски партии ќе ги искористат гласовите во Долниот дом за да блокираат дополнителна суспензија на парламентот, ако Врховниот суд пресуди дека сегашната суспензија е незаконска.

– Ако Врховниот суд одлучи парламентот повторно да биде свикан, тогаш ќе бараме итна акција во парламентот за да го спречиме премиерот да го суспендира Долниот дом до 31 октомври – истакна Корбин.

Лидерот на лабуристите, сепак, не посочи како опозициските партии би можеле да спречат втора суспензија. Вообичаено премиерот одлучува кога парламентот е суспендиран, наведува „Гардијан“.


Корбин: Со добар договор, на Британија ќе ѝ биде подобро надвор од ЕУ

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, порача дека на Британија ќе ѝ биде подобро надвор од Европската Унија, доколку биде постигнат добар договор за брегзит. Тој истакна дека не треба да се заборави зошто 17 милиони гласачи го поддржаа брегзит.
– Не заборавајте зошто луѓето гласаа за напуштање на ЕУ, зошто гласаа против брегзит, но исто така, запаметете дека има повеќе работи што ги обединуваат сите овие луѓе – за мерките за штедење, за инвестициите, за образованието и здравството, за домувањето и зелената индустриска револуција – отколку што има работи што ги разделуваат – додаде Корбин, пред одржувањето на годишната конференција на лабуристите.