Ивана Манова

На ЕП во машкиот состав се враќа Кирил Георгиев, а во женскиот Катерина Петровска (поранешна Јоноска), додека нови име е Ивана Манова

Велемајсторите (ВМ) Кирил Георгиев (2.581 рејтинг-поени) и Трајко Недев (2.500), интернационалните мајстори (ИМ) Филип Панчевски (2.490) и Никола Николовски (2.422) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Тони Лазов (2.386), во машка и ЖФМ Моника Стојковска (2.108), Бојана Бејатовиќ (2.004), ЖИМ Габриела Коскоска (2.036), Катерина Петровска (1.950) и Ивана Манова (1.795) во женска конкуренција, се македонските претставници, кои ќе ги бранат боите на 22-то Европско екипно шаховско првенство (ЕП) што ќе се одржи во Батуми, Грузија (24 октомври – 2 ноември). Ова е изборот на селекторите Роландо Кутиров (мажи) и Влатко Богдановски (жени).
Во однос на последното ЕП во 2017 година во Крит (Грција), кај шахистите, ново име е Кирил Георгиев (последен пат настапил во Пловдив 2003 н.з.), а го нема ИМ Дејан Стојановски.

– Разговарав со ВМ Никола Митков и со ВМ Владимир Георгиев, кои живеат во САД, од првиот добив одговор дека не е заинтересиран за ова ЕП, но ќе размисли за следната Шаховска олимпијада (ШО), додека вториот не е здравствено подготвен да настапи. Го вклучив Лазов во составот, оти сметам дека токму низ вакви силни турнири тој може да се челичи и истовремено да напредува, а сметам дека и репрезентацијата треба да се подмладува. Ако некој од повиканите се откаже, тогаш прва резерва е ВМ Звонко Станојоски, кој како искусен велемајстор посебно го ценам. Засега не се предвидени некои заеднички подготовки, туку индивидуално ќе се работи – смета селекторот Кутиров, кој на оваа функција е од 2018 година, кога ја предводеше Македонија на ШО, а порано бил и селектор на женската селекција.

Кај шахистките првпат на ЕП ќе настапи талентираната Ивана Манова, а во однос на претходното ЕП, во составот ја нема Драгана Николовска, која од лични причини се откажала. Во репрезентацијата, по ЕП во Нови САД 2009 година, се враќа Катерина Петровска (порано Јоноска).

– Изборот секако не беше голем, оти тоа се нашите најквалитетни шахистки, кои и најчесто играат, додека јуниорките сметам дека сѐ уште не се доволно искусни за ваков силен турнир. Индивидуални подготовки со секоја шахистка ќе има, а побарав од ШФМ да имаме и тимски мини-подготовки – вели селекторот на шахистките Влатко Богдановски, кој дојде на местото на Александар Чоловиќ.

Македонските шахисти досега настапиле на 10 ЕП, а најдобриот пласман им е во Пловдив (2003), кога завршиле на 14-то место. Шахистките, пак, биле дел на шест ЕП, а најдобро минале, 19-ти исто така во Пловдив. На последното ЕП во Крит (2017), мажите биле на 28-то место, а дамите на 23-то. На ЕП во Батуми, мажите се рангирани 29-ти од 39 селекции, а жените 26-ти во конкуренција на 29 држави. Ќе се игра на по четири табли вкупно девет кола, а титулите ги бранат Азербејџан (мажи) и Русија (жени). 


Македонски медалисти на ЕП

Македонскиот шах може да се пофали со три освоени три медали на ЕП и сите во Пловдив во 2003 година. Кај шахистите тоа им успеало на ВМ Трајко Недев, кој освои сребро на четвртата табла и ВМ Кирил Георгиев, кој се закити со бронза играјќи на првата табла. Кај шахистките, пак, тоа ѝ успеало само ЖФМ Весна Секуловска, која стана сребрена настапувајќи на втората табла.