За патријархот Вартоломеј е познато дека во јавноста станал повпечатлив од неговите претходници поради големиот број свештенички и дипломатски посети на земји на пет континенти, отворањето трајна канцеларија во седиштето на Европската Унија, зајакнувањето на одамна воспоставениот патријархат во Прењи-Шанбези, Швајцарија, како и поради неговите еколошки дејствувања, кои му го донеле прекарот зелен патријарх

Вселенскиот патријархат на Цариград е една од најиздржливите институции во светот и има важна улога во светската историја. Вселенскиот патријарх во антиката помогнал во ширењето на христијанството и во решавањето различни доктрински спорови. Во средниот век тие имале голема улога во случувањата во православната црква, како и во политиката во православниот свет и во ширењето на христијанството меѓу Словените. Денес, покрај ширењето на христијанската вера и православната доктрина, патријарсите се вклучени и во екуменизмот и меѓуверскиот дијалог, добротворна работа, и одбрана на православните вредности. Вака познавачите на православието ја толкуваат улогата на патријархот Вартоломеј, кој од 1991 година е на челото на Вселенската патријаршија и е 270-от патријарх. За него е познато дека во јавноста станал повпечатлив од неговите претходници поради големиот број свештенички и диплoматски посети на земји на пет континенти, отворањето трајна канцеларија во седиштето на Европската Унија, зајакнувањето на одамна воспоставениот патријархат во Прењи-Шанбези, Швајцарија, како и поради неговите еколошки дејствувања, кои му го донеле прекарот зелен патријарх.

Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, ако гледаме низ вековите ќе се види дека постоењето на вселенскиот патријарх е по малку спорно, бидејќи ја нема основата во Светото писмо, во одлуките на Вселенските собори.

– Таа титула е разлутат на јакнењето на позицијата на тогашниот Константинопол и на Цариградската црква во петтиот век, која добива надлежност на повеќе дијацези. Тогаш и цариградските патријарси почнуваат да ја употребуваат таа титула. По големиот раскол со Рим во 1054 година и поделбата во христијанството, Цариградската патријаршија го презеде првенство меѓу другите помесни правиославни цркви. Оттогаш и цариградскиот патријарх се смета за прв меѓу еднаквите, со првенство на честа и со не мали прерогативи во православниот свет – да ја претставува православната црква, да свикува собори, да арбитрира во канонски спорови, да издава томоси за признавање на автокефалноста на нови цркви – посочува Ѓорѓевски.
Вели дека позицијата на вселенскиот патријарх е градена со векови и тоа наследство и сега има традиција до која сака да се држи вселенскиот патријарх Вартоломеј.

– Беше изненадување кога пред неколку години, во периодот на свикување на Сеправославниот собор на Крит во 2016 година и Вартоломеј се согласил да се воведува принципот на консензус на православните цркви, кога се работи за признавање нови цркви и за големи одлуки. Тоа значеше како тој доброволно да се откажува од моќта и позицијата што ги имал дотогаш. Знаеме дека се случи бојкотот на Руската и уште на три други цркви на Соборот на Крит и оттогаш вселенскиот патријарх како да сфати дека суштината, на никогаш непрекинатата битка за превласт во православието, на тој бојкот е желбата на црковната Москва да биде „третиот Рим“, да има главен збор во православието. Таа битка меѓу Цариград и Москва трае во изминативе децении и сега кулминира – додава тој.

Според Ѓорѓевски, очигледно е вселенскиот патријарх веќе да не се согласи за какво и да е намалување на своите ингеренции и дека сака да си ја поврати позицијата што Вселенската патријаршија ја имала во минатото.

– На тоа ќе наоѓа на спротивставувања посебно од стана на Руската и на Српската православна црква, кои го сметаат само како „прв меѓу еднаквите“, но во смисла само како „оној што прв ја послужува супата на заедничкиот ручек“. Нивните настојувања да нема „прв“ во православието, поточно, „први“ да бидат Москва и Белград, ќе бидат постојани и обратно, настојувањата на вселенскиот патријарх ќе бидат постојани. Оваа борба е лоша за православието, но така е кога црквите се водат со геостратегиски интереси и кога не се држат до изворни принципи на Христовата црква. Ако не се раководеа со такви интереси немаше да има наплив на етнофилетизмот, немаше да има толкави конфронтации околу новите цркви. Значи, не е прашањето дали е вакво или онакво значењето на вселенскиот патријарх туку дали православието и неговите цркви живеат во вистинскиот дух на црквата, посебно кога станува збор за нивни меѓусебни односи – додава аналитичарот.

Инаку, вселенскиот патријарх нема директно владение надвор од Цариградската патријаршија, право дадено од канонските записи, неговата првична функција е сметање на целата православна црква како единствена целина и да се справува со односите меѓу автокефалните и автономните цркви. Со други зборови, неговата основна улога е да го промовира и одржува единството во црквата.

Вселенската патријаршија ја носи одговорноста да ги поставува работите во православниот свет во црковен и вообичаен поредок, бидејќи само таа ја има привилегијата да ја извршува оваа врвна и вонредна задача, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со последната одлука на Архијерејскиот собор на Вселенската патријаршија да може да им дава автокефалност на цркви и без согласност на другите помесни цркви.

– Ако Вселенската патријаршија се откаже и не ги исполнува своите одговорности и се оддалечува од православниот ред, тогаш локалните цркви ќе одат „како овци без пастир“, игнорирајќи ги црковните иницијативи, кои ја збунуваат понизноста на верата со ароганцијата на моќта – истакна Вартоломеј пред неколку месеци, укажувајќи на улогата на Вселенската патријаршија во православниот свет.

Вселенскиот патријарх е прв меѓу епископите во православната црка, началствава лично – или преку назначено лице – на секој собор на православните цркви или епископи во кој ја има улогата на главен говорник за православната заедница, особено при воспоставувањето контакти со други христијански цркви. Тој нема директна надлежност над другите патријарси или други автокефални православни цркви, но тој самиот меѓу сите други го има правото да свика вонредни синоди, кои се состојат од патријарсите или од нивните делегати за да се справат со ненадејни ситуации и, исто така, има свикувано сеправославни синоди во последните 40 години.

Покрај тоа што е духовен водач на повеќе од 300 милиони православни христијани низ светот, тој е директен административен началник на диоцезата и архдиоцезата опслужувајќи милиони грчки, украински, русински, и албански верници во Северна и Јужна Америка, Западна Европа, Австралија и Нов Зеланд, и делови од современа Грција, кои, од историски причини, не се под надлежност на Грчката православна црква.


Вселенскиот патријарх не е еднаков со папата

 

Вселенскиот патријарх е духовен водач на православната црква, иако ова не е официјална титула на патријархот ниту пак е користена во пишаните извори на патријархатот. Ваквата титула е прифатлива ако се однесува само на оваа единствена улога, но истата таа понекогаш доведува до погрешното верување дека титулата е еднаква со онаа на папата.
Но не постои православно тврдење за еднаквост со папството, зашто православните цркви функционираат како синодички систем, додека, пак, свештеничките работи се решаваат од соодветен синод од епископи, во кој секој епископ има еден глас. На петте патријарси на старата пентархија (Рим, Константинопол, Александрија, Антиох и Ерусалим) им се оддава поголема чест, но немаат вистинска моќ над другите епископи, освен што го водат синодот (во кој сите имаат по еден глас).

[email protected]