Планот на Доналд Трамп за купување на данската територија не е никаков испад или аномалија на американската политика, туку е целосно во согласност со американската стратегија за измена на поредокот, настанат по големите светски војни, и либерално прекројување на границите што беа создадени во него, оценува „Геополитика“
Американската понуда до Данска за купување на Гренланд, иако не е преседан, во сегашната геополитичка конструкција на Европа содржи во себе опасна и скриена димензија. Таа претставува отворен повик на американската администрација за промена на границите во Европа. И тоа не е никаков испад или аномалија на американската политика, туку е целосно во согласност со американската стратегија за измена на поредокот, настанат по големите светски војни, и либерално прекројување на границите што беа создадени во него, оценува „Геополитика“.
Станува збор за продолжување на американската политика, почната во Северна Африка и на Блискиот Исток, што се состои во создавање нова геополитичка слика на регионот со растурање на тамошните држави и уривање на поредокот, кој исто како и во Европа, има ист извор – париската мировна конференција од 1919 година и версајскиот поредок, создадени по американска иницијатива. Според порталот „Геополитика“, речиси сите постојни европски и блискоисточни граници се исцртани во Версај и формално потврдени со идните договори, што се однесуваа на поединечни делови на новата геополитичка конструкција. Оваа конструкција преживеа до денес, а сега, пред својот крај, повторно е под американско влијание.
На овој аспект на американската понуда за купување на Гренланд, неодамна укажа и Оливер Салет, во својата анализа за „Дојче веле“. Според него, американскиот претседател Доналд Трамп со понудата за Гренланд уште еднаш го поткопува повоениот поредок на Западот.
– Трамп навистина го доведува во прашање досегашниот светски поредок. По завршувањето на Втората светска војна, под американско лидерство е воспоставен нов повоен поредок. Земјите од Западот, како и Данска, со САД ги поврза членството во НАТО. Заедничкиот воен сојуз беше гаранција за мирот и мултилатерализмот. Откако стапи на должноста, претседателот Трамп ги тресе темелите на западните свет, се обидува да ја растури Европската Унија, го доведува во прашање постоењето на НАТО, се наклонува кон деспоти, а ги избегнува и ги игнорира старите партнери на Западот – оценува Салет.
„Геополитика“ предупредува дека Европа ја очекува продолжување на процесите почнати на Блискиот Исток, вклучувајќи и конфликти околу новите гранични линии, за што европскиот континент има историски предиспоцизии и масовен воен потенцијал. Логично е да се очекува такво нешто, бидејќи системот на европски и блискоисточни правнодржавни ентитети е направен со Версајските мировни преговори, чии последици само се модифицирани и зацврстени со американското влијание по Втората светска војна. За малите држави тоа значи само едно – добро да внимаваат да не бидат ограбени и притоа реално да го проценат значењето на постојните сојузништва.
Геополитичкиот портал наведува дека во тој контекст многу се симптоматични ставовите на двајца познати американски аналитичари – пензионираниот генерал Ралф Питерс и Џорџ Фридман. Во истражувањето со наслов „Крвави граници“, Питерс нуди своја визија за иднината, за демократски трансформиран Блиски Исток, кој би се темелел на поправедно нацртани граници на држави, со што би бил целосно стабилен регион, безбеден за американскиот и западниот капитал и сигурен извор на енергенти и нивно транспортирање кон САД и европските сојузници. Таквиот Блиски Исток, според него, би бил создаден преку прекројување на наводно неправедните постојни граници на државите во регионот и создавање нови државни ентитети, исклучиво според етнички, верски и секташки критериуми. Па, така, Питерс наведува дека постојните „неприродни“ држави, како што се Сирија и Ирак, би требало да бидат поделени и да престанат да постојат.
Од друга страна, познатиот аналитичар Фридман во анализата од 2017 година се осврнува и на Европа и на прашањето за нејзините граници.
– Европејците прифатија дека животот со неразумни или неправедни граници е многу подобар од обидите за нивна промена. Европската Унија се обиде повторно да го воспостави начелото дека границите се неповредливи, но се појави проблем. ЕУ го потврди начелото на национално самоопределување, избегнувајќи притоа да даде одговор што всушност е нацијата и какви права има. Унијата на сите им вети општ просперитет ако ги занемарат прашањата за границите, но спорно е што го игнорираше идентитетот на народите – истакнува Фридман.
Според него, тоа беше добра спогодба, но времињата се променија, а економските проблеми ги направија границите многу поважни.
– Речиси сите сегашни земји во Европа имаат отворени гранични прашања и територии што сакаат да бидат независни. Мнозинството сега е мирно, но во контекстот на постојните предизвици може да биде актуализирано, и да се отвори темелното прашање за границите на моќта на ЕУ и суверенитетот на земјите-членки – заклучува Фридман.