Македонија како земја-увозник на нафта и нафтени деривати, како и повеќето европски држави, е директно зависна од случувањата на светските берзи и од растот на цените. Во согласност со поскапувањата на цените на суровата нафта во светот, можеме да очекуваме и нафтените деривати во Македонија да добијат повисоки цени. Сепак, властите имаат можности преку државните резерви да интервенираат на пазарот доколку се јави потреба. Но експертите велат дека најважно е прво да се види колку ќе траат тензиите и колкав период ќе има намалено производство на нафта.
Според аналитичарот Марио Шаревски, порастот на цените на горивата се одразува негативно врз населението, бидејќи горивото како основна состојка во цената на секој производ и услуга што се нуди на пазарот, само по себе создава спирала на поскапувања на сите сегменти од живеењето. Тоа, во услови на низок раст на економијата и низок стандард, ги осиромашува граѓаните и го става населението во сѐ потешка положба.
– Македонските власти со своите механизми на фискалната и на монетарна политика, би требало да размислат на некои фискални – даночни мерки за олеснување, односно намалување на акцизата и на ДДВ за нафтените деривати, кои би го намалиле товарот на поскапувањето на цената на горивото. Македонија како држава без излез на море и наедно земја низ која не минуваат стратегиски значајни нафтоводи и гасоводи, е во незавидна положба на целосно увозна зависност и тоа со дополнителен товар на царините и превозот на суровите и преработените нафтени деривати – појаснува Шаревски.
Во земјава од неодамна е утврдена нова методологија за одредување на цента на нафтените деривати, со која се зголемија давачките кон трговците, кои сега имаат малку поголема заработка. Имено, во согласност со измените, малопродажната маржа е зголемена од 3,2 на 4,6 денари по литар. Во крајната цена за горивата се вклучени и давачките кон државата, поточно најголем дел од парите одат кај државата. Според пресметката по новата методологија, покрај набавната цена за литар гориво се вклучени големопродажна и малопродажна маржа, надоместок за екологија, за задолжителни резерви, акциза и плус ДДВ од 18 отсто.
Сега цените на горивата се утврдуваат секој понеделник, па во согласност со новите случувања на светските берзи, од понеделник може да очекуваме уште поголеми цени на горивата и во Македонија.
Според последната измена на цените на бензините во понеделникот, еуросупер БС-95 се продава по цена од 67,50 денари за литар. Набавната цена на ова гориво чини 27,733 денари за литар, а во крајната цена е вклучен надоместок за големопродажна маржа во износ од 1,20 денар за литар. Потоа надоместокот за малопродажна маржа 4,60 денари за литар и транспортни трошоци од склад до бензинска станица во износ од 0,75 денари за литар. Во малопродажни цени е содржан надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина, кои за еуросупер БС-95 изнесуваат 0,080 денари за литар. Во цената влегува и надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кој изнесува 0,890 денари за литар. Во цената е вклучена и акцизата, која за ова гориво изнесува 21,950 денар за литар. Дополнително на ова е пресметан и данокот на додадена вредност.
Еуросупер БС-95
Малопродажна цена 67,50
Набавна цена 27,73
Надоместок за големопродажна маржа 1,20
Надоместок за малопродажна маржа 4,60
Транспортни трошоци 0,75
Надоместок за животната средина 0,08
Надоместок за задолжителни резерви 0,89
Акциза 21,95
ДДВ 10,29
Извор: Регулаторна комисија за енергетика