Во случајот со најновиот забележан економски раст во земјава се покажа дека двигател на растот и вработувањата е приватниот сектор, а државата треба да создава амбиент и здрави и ефикасни институции, кои индиректно ќе го поддржуваат растот, објаснуваат експертите
Продолжи растот на бруто-домашниот производ и во вториот квартал и тој повторно е резултат на потрошувачката кај домаќинствата. Експертите појаснуваат дека е позитивна промена тоа што растот на БДП се случува токму во период кога континуирано има слаба реализација на капиталните инвестиции, но предупредуваат дека е неопходно таа да се зголеми.
– Растот во првата половина од годинава е воден од стабилноста на индивидуалната потрошувачка, и од солидниот раст на бруто-инвестициите, што значи евентуално воздржаните инвестициски потфати сега продолжиле со некое понормално темпо. Овој раст е целосно воден од приватниот сектор. Знаеме дека 2019-та беше најавувана како година на економијата, меѓутоа постои консензус дека тоа не се случи и дека фокусот на Владата и понатаму остана на политички прашања. Во тој дух е и реализацијата на капиталните инвестиции, која е значајно бавна – вели Марјан Петрески, професор по економија на Американ колеџ.
Петрески, исто така, појасни дека во минатото капиталните инвестиции се користеа како алатка за поттикнување на растот.
– Видовме раст индуциран од државата. Секако дека државата треба да создава клима за да може приватниот сектор да генерира раст, вклучувајќи и преку капиталните инвестиции, особено што пак во најголем дел единствено државата може да ги финансира капиталните инвестиции. Но добар сигнал е дека приватниот сектор зазема поводечка улога од претходно во генерирањето на растот, што, секако, не треба да биде оправдување за подреализацијата на капиталните инвестиции. За поголема реализација на капиталните инвестиции, потребно е да се испитаат тесните грла, што го генерира тој застој, потоа да се пресметаат мултипликаторите, односно ефектите од секоја потенцијална инвестиција врз економија, и на крајот да се постигне некој консензус во врска со нивната приоритизација – појаснува Петрески.
Државниот завод за статистика во последниот извештај за стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за второто тримесечје од 2019 година, која изнесува 3,1 отсто, посочи дека „финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2019 година, номинално расте за 4,6 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 69 отсто. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 10,2 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 10,5 отсто.
– Економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 отсто (4,1 во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6 проценти и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината. Високофреквентните показатели за економската активност во јули упатуваат на натамошен раст, но бројот на расположливи показатели засега е ограничен за извлекување посигурни констатации за растот во третиот квартал. Во согласност со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5 проценти – велат од Народна банка на Република Северна Македонија.
Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија и претседател на управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев, во својата неодамнешна колумна истакна дека економијата оствари импресивен раст без мешање на државата.
– Се покажа дека приватниот сектор преку невидливата рака на пазарните сили врши најефикасна алокација на ресурсите, кои обезбедуваат долгорочен раст, вработување и просперитет. Невидливата рака ги дефинира цените на стоките, услугите, работната сила, парите, капиталот преку урамнотежување на понудата и побарувачката. Така, и во случајот со економскиот раст во Северна Македонија се покажа дека двигател на растот и вработувањата е приватниот сектор, а државата треба да создава амбиент и здрави и ефикасни институции, кои индиректно ќе го поддржуваат растот – пишува Бишев.
Според него, потребен е нов модел на економски раст, кој ќе биде воден од инвестициите на приватниот сектор, како и од растот на нето-извозот.