Пишува: Блаже Миневски
Пред 75 години, на 4 септември 1944 година, на Милеви Скали, на Родопите, во близината на Пазарџик, бугарската фашистичка војска и полиција водат борба со околу 240 партизани. Во борбата загинуваат дванаесет партизани, меѓу кои и Методија Шаторов-Шарло, командир на Третата востаничка оперативна зона на Народноослободителната востаничка армија на Бугарија. И до тој момент, и по смртта, всушност со децении потоа, тој ја имаше таа судбина неговата активност различно да биде толкувана во југословенската и во бугарската историографија, а кај нас долги години беше етикетиран како контрареволуционер, саботер, националшовинист и предавник на македонскиот народ. Архивските документи потврдуваат дека Шарло застанал на чело на Покраинскиот комитет на македонската комунистичка организација во април 1940 година, со одобрение и согласност на Коминтерната и со одлука на Тито и ЦК на КПЈ. Во текот на целата своја револуционерна дејност ја застапувал идејата за посебноста на македонската нација, различна од другите национални субјективитети на Балканот.
Бил идеен творец на Националната програма што била донесена на 8 септември 1940 и која е единствена политичка програма на КП на Македонија до АСНОМ во 1944 година. Во својот обид Вардарска Македонија да ја претвори во јадро што ќе ги обедини Пиринска и Егејска Македонија постојано бил во конфликт со политичките субјекти во КПЈ и БРП, но докрај останал доследен на својот идеал.
Колишевски барал Шарло да го суди српски партизански суд?!
Кога Шарло бил политички секретар на ПК на КПЈ за Македонија, веднаш по германскиот напад врз Советскиот Сојуз, до македонскиот народ бил издаден повик за подготвување за оружена борба. На 28 јуни била формирана воена комисија при ПК на КПЈ за Македонија, на чело со Шарло, а воената комисија пристапила кон формирање диверзантски групи, од кои на 22 август 1941 година бил формиран Скопскиот партизански одред, кој при крајот на август 1941 година ја извршил првата борбена акција. Претходно, во почетокот на мај 1941 година, во Загреб, ЦК на КПЈ свикува советување на кое, по извршената анализа за новонастанатата ситуација, се утврдува единствена линија на дејствување на КПЈ на територијата на Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, и заедничка борба на сите прогресивни и револуционерни сили во заеднички народноослободителен фронт: „Методија Шаторов-Шарло не присуствувал на мајското советување во Загреб, па сакајќи да изврши увид во состојбата со македонската партиска организација, ЦК на КПЈ ги испраќа Лазар Колишевски и Мара Нацева во специјална мисија во Македонија. На состанокот на МК за Скопје дошло до средба со Шарло, на која биле разменети мислења по однос на понатамошното дејствување на македонската организација. Лазар Колишевски ги изнел насоките на ЦК на КПЈ, кои веќе биле утврдени на мајското советување, но и во априлскиот и мајскиот проглас, со кои Шаторов не се согласувал, односно застапувајќи го националниот став и македонската национална политичка програма, имал неколку забелешки на одлуките на КПЈ. Се спротивставил на Директивата за прочистување на редовите на партиската организација, со образложение дека, доколку постапи по наведеното, во македонската партиска организација нема да останат ниту пет луѓе. Во таа насока, спротивно на овој став на КПЈ, Шаторов се залагал за вклучување на сите прогресивни структури, со исклучок на предавниците, во редовите на македонското националноослободително движење. Како резултат на ваквата политичка платформа во Македонија, партиската организација до септември 1941-та се зголемила на 740 члена“, подвлекува д-р Соња Николова, која темелно го има истражувано сите аспекти од животот и дејноста на првиот политички секретар на ПК КПЈ за Македонија, а во меѓувреме има и докторирано на тема „Методија Шаторов-Шарло во македонското национално ослободително движење“. Според неа, априлскиот проглас на ЦК на КПЈ од 1941-та по својата содржина бил неприфатлив и контрадикторен во однос на реалната состојба во Македонија. Во него се зборувало дека „народите на Југославија ја изгубија независноста“, со што статусот на македонскиот народ се идентификувал со оној на српскиот, хрватскиот, словенечкиот, значи со народите што имале целосен национален идентитет во Кралството Југославија, за разлика од македонскиот народ, кој бил подложен на тортура и српска асимилација и денационализација. Затоа, со право Шаторов вели дека „Македонија немала слобода и независност пред окупацијата, а по неа паднала во ново ропство“. „Во прогласот на ЦК на КПЈ, упатен по повод 1 Мај, Македонија воопшто не се споменува ниту во еден дел од текстот, а, кога е веќе така, сметал Шарло, тогаш со кои аргументи ќе застане во одбрана на текстот пред обесправениот македонски народ. Во однос на мајското советување, Шарло не се согласувал со констатацијата дека Македонија е поделена само помеѓу Бугарија и Италија, затоа што во неа не биле содржани и другите претходно поробени делови, пиринскиот и егејскиот дел, односно поделбата што настанала со Версајскиот договор. Особено го иритирало тоа што за Словенија се прокламирал ставот за обединување на сите нејзини делови окупирани уште од 1918 година, а Македонија воопшто и не се третирала како поделена земја. Веднаш по состанокот во Скопје, Колишевски заминува во Белград, каде што пред ЦК на КПЈ поднесува извештај за состојбата во Македонија. На 24 јули 1941 година, по доставениот извештај и согледувањата на Лазар Колишевски, за кои историографијата нема зачуван документ, односно нема податоци за содржината на извештајот, Тито донел одлука за смена на Методија Шаторов-Шарло од должноста секретар на ПК на КПЈ и исклучување од редовите на КПЈ. Одлуката на ЦК на КПЈ во писмена форма била доставена до ПК на Македонија. Веднаш потоа инструкторот на ЦК на КПЈ, Драган Павловиќ-Шиљо, заедно со Колишевски, се разбира, доаѓа во Македонија на средба со Шарло и ПК на Македонија, запознавајќи ги со одлуката на генералниот секретар на ЦК на КПЈ за исклучување на Шаторов од КПЈ и суспендирање на членовите на Покраинскиот комитет. Се разбира, Шаторов не ја прифаќа одлуката на ЦК КПЈ. Тогаш, Драган Павловиќ го испраќа Колишевски во Бугарија, па заедно со Кузман Јосифовски-Питу стигнуваат во Софија, каде што првично се сретнуваат со Цола Драгојчева, членка на ЦК на БРП. На средбата Колишевски упатил тешки обвинувања кон БРП и Шарло, и покрај објаснувањето на Драгојчева дека лично Димитров го дал одобрувањето за поврзување на Македонската партиска организација со БРП поради опасноста од можна изолација во новонастанатите услови. Но, и покрај објаснувањата, Колишевски не сакал да го прифати изнесеното, односно барал испорачување на Методија Шаторов на КПЈ и негово судење од страна на нејзиниот партизански суд. Информирани за ваквиот арогантен и обвинителен тон на претставникот на КПЈ, политичкиот и организацискиот секретар на ЦК БРП, Антон Иванов и Трајчо Костов, не сакале да се сретнат со Колишевски“, заклучува Николова.
Сталин и Димитров имала полна доверба во Шарло!
Во меѓувреме, алармирани за ваквиот тек на настаните, БРП го испраќа својот делегат Петар Богданов за средување на состојбата во Македонија. На покраинската конференција одржана на 17 август 1941 година, Богданов зазел одбранбен став кон активноста на Шаторов, кон кого БРП и Коминтерната имале полна доверба, па затоа на конференцијата уште еднаш било соопштено дека поврзувањето на македонската партиска организација со БРП станало по одобрување на Димитров, нагласувајќи дека за една недела ќе стигне и писмено известување од Коминтерната. Истото објаснување Богданов му го дал и на Драган Павловиќ-Шиљо.
„По разговорот со Петар Богданов, односно по враќањето на Колишевски од Софија, делегатот на КПЈ, Драган Павловиќ-Шиљо, на 28 август 1941 година се вратил во Србија и до ЦК на КПЈ поднел извештај за текот на настаните, потврдувајќи го неприфаќањето на одлуката од страна на Методија Шаторов-Шарло во врска со неговото исклучување и суспендирање. Во таа насока, на 31 август ЦК на КПЈ одржува седница на која се донесени одлуки за политичко елиминирање на Шаторов и смена на членовите на македонскиот покраински комитет, со што случајот ’македонска партиска организација’ се затвора. За конечно да се елиминираат Шарло и неговиот ПК на Македонија, на 4 септември 1941 година Тито испраќа писмо до Коминтерната, а на 6 септември до членовите на Комунистичката партија на Македонија и до ЦК на Комунистичката партија на Бугарија. Во писмото до Коминтерната адресирано ’за дедо’, Валтер, псевдоним на Тито, се вели: ’Македонскиот ПК го откажа одржувањето врски со нас и се поврза со КП на Бугарија веднаш во почетокот на окупацијата на Македонија. Спрема српските другари во Македонија зазеде непријателски став. Шарло води харанга кај членството против раководството на КПЈ и секретарот, нарекувајќи го англофилско, поради тоа што во прогласот се рекло дека Југославија е поробена… Ние го исклучивме Шарло од партијата поради саботирање на акциите, поради грубо кршење на дисциплината, поради харанга против раководството, поради национален шовинизам. Во Македонија до денеска нема никакви акции и партизански одреди поради таквиот злосторнички став.’ Добивајќи ги писмата од Коминтерната и од ЦК на КПЈ, со кои партиската организација во Македонија се враќа под капата на КПЈ, особено по добивањето на одлуката за исклучување од партијата, Шарло прави нов обид за објективно разјаснување на состојбата во Македонија и неговата наводна вина. Праќа извештај до Коминтерната со кој се обидува да докаже дека е неправедно осуден од страна на КПЈ, давајќи исцрпни образложенија во однос на сите обвинувања.“
Како бил етикетиран Шарло како „предавник на македонскиот народ“?
Сепак, расплетот и епилогот на случајот „Шарло“ во регионалните и локалните текови на историјата ќе ги надмине димензиите на случај-поединец. Склопот на околности во кои ќе се вкрстат интересите, позициите и повисоките цели на надворешните субјекти ќе биде пресуден за сторената неправда врз Шарло со наметнување етикети со содржина саботер, опортунист и контрареволуционер, па дури и предавник на македонскиот народ. „Концепцијата за единствен општојугословенски антифашистички фронт, како програмска определба на ЦК на КПЈ, на чело со Тито, не соодветствувала со концепциската определба на Национално-револуционерната програма на Шарло, усвоена на 8 септември 1940 година, како и со Заклучокот содржан во Решението од јануари 1941 година за ’потполно ослободување и рамноправност на Македонија – дури до барање за отцепување во самостојна држава’. Идејниот творец на македонската национална програма, кој во секој документ, проглас, повик ќе ја застапува пред сѐ македонската национална линија, секако не бил дел од плановите на Тито. Во таа смисла оцрнувањето на Методија Шаторов-Шарло и пласирањето невистини за неговото опортунистичко и контрареволуционерно држење, саботерството – согледано во наводното непреземање оружени дејства и активности – презентирано од страна на Лазар Колишевски, биле само метод да се елиминира еден македонски револуционер што не се пронаоѓал во концептот за цврста и силна Југославија, која ја вклучувала само (без Пиринска и Егејска) Вардарска Македонија во своите југословенски простори. Знаејќи ги револуционерниот капацитет и човечките квалитети на Шарло, Коминтерната прави обид да го заштити својот кадар, давајќи му шанса својата револуционерна дејност да ја продолжи во Бугарија. Следејќи ги новонастанатите воено-политички моменти и согледувајќи ја шансата за решавање на националното прашање и, евентуално, статусот на Македонија во рамките на балканска федерација, Методија Шаторов во мај 1941 година ќе упати писмо до ЦК БРП(к), во кое ќе бара подетални насоки за понатамошно дејствување на македонската партиска организација. Имајќи ги предвид изменетите услови на Балканот, Шаторов бара одговор од ЦК БРП за најповолното решение за иднината на Македонија. Дали Македонија да остане во рамките на Југославија, со тоа што ќе ѝ се даде автономија внатре во една нова југословенска држава; дали да се отцепи и да се формира независна македонска држава или да влезе во балканска федерација. Во врска со тоа Шарло отворено го поставува и прашањето со која партија би требало да се поврзе македонското партиско комунистичко движење – со југословенското или, пак, со бугарското. Притоа треба да се има предвид дека БРП во моментот на назначувањето на Шарло на чело на македонската комунистичка партија не размислувала премногу за самостојна и обединета Македонија, чекајќи шанса да ги материјализира своите дамнешни желби за целосно влијание врз Македонија. Се разбира, тоа не престанало ниту по отстранувањето на Шарло од партијата. Затоа политичкото манипулирање со фактите и кукавичкиот одговор од страна на ЦК БКП за апстрахирање од евентуалната вина, содржан во писмото-одговор по повод одлуката на Коминтерната во врска со враќање на македонската партиска организација под ингеренции на КПЈ, апсолутно не држи во оној дел каде што се вели дека ’решението за поврзување со македонската компартија беше преземено без посебно известување на претставникот на Југославија и, раководејќи се од практични причини, дека Стариот има направено груби политички и организациски грешки, како што е предавањето на оружјето, непартиското однесување кон Југославија, го осудуваме и тој заслужува казна…’ По донесените одлуки од Коминтерната и ЦК на КПЈ, Шарло ќе упати молба да му биде дозволено заминувањето во партизани во македонското антифашистичко движење. Чекајќи позитивен одговор од повисокото раководство, се обидел да се приклучи во Скопскиот партизански одред. Молбата не му била прифатена, па бил присилен да го напушти одредот, по што заминал во Бугарија да ја продолжи својата револуционерна дејност, каде што и останал до судирот со бугарската војска и полиција, кога, под сѐ уште докрај неразјаснети околности, загинува на 4 септември 1944 година на Милеви Скали, на Радопите, како командант на III-та оперативна зона на бугарското антифашистичко движење. Гробот до ден-денес му е во Пазарџик, а македонската држава никогаш не повела иницијатива за враќање на неговите мошти во Македонија.“
Кој е Методија Шаторов-Шарло?
Методија Шаторов Шарло е роден на 10 јануари 1897 г., во Прилеп, во фамилијата Шаторови. По завршувањето на основното и средното образование во Прилеп и во Битола, со диплома од Учителската школа се стекнува во Скопје во 1915 година. По неколку години (1918), емигрира во Бугарија, каде што започнува неговата револуционерна активност. Интелектуалниот капацитет, одлучноста, чесноста и патриотизмот што ги поседува Шаторов, за кратко време му отвораат пат и станува препознатлив во прогресивните и револуционерни кругови во Бугарија, нивен раководен и респективен член. Од 1920 година е член на синдикалната организација и член на БКП. Учествува во Септемвриското востание во 1923 година. Во декември 1927 во Берлин е избран за член на ЦК на БКП и станува секретар на Софиската партиска организација. Во 1928 година е затворен од бугарскиот режим, но поради немање докази, по 11 месеци затворска тортура, е пуштен на слобода. Во февруари 1930-та се наоѓа во СССР и работи во Коминтерната, а во 1931-та стапува во школата за изучување на ленинските курсеви, но поради болест заминува во Германија, за повторно да се врати во Москва, во мај 1933 година. По налог на Коминтерната, од февруари 1937 до октомври 1939 година заминува во Париз, каде што раководи со пункт, млечен ресторан, собирајќи помош за интернационалните бригади вклучени во Граѓанската војна во Шпанија. Претходно, уште од 1925 година, Шаторов се вклучува во работата на ВМРО(об), за која ќе истакне дека е единствена наследничка на Гоцевата ВМРО, почитувајќи ги и негувајќи ги илинденските традиции. Иако бил комунист по идеолошка определба, активен член на БКП, а подоцна активист на Коминтерната, национално-револуционерниот сегмент полека почнал да навлегува и да биде доминантен во неговите понатамошни дела и постапки. Во 1926 година е избран за член на Обласниот комитет на ВМРО(об) за Пиринска Македонија, а во 1934 година повторно се навраќа на работата во ВМРО(об), укажувајќи на слабостите и истакнувајќи ја потребата за влегување и прифаќање на сите национално-револуционерни структури во рамките на организацијата.
(продолжува)