Северна Кореја се закани со откажување на претстојниот историски самит на лидерот Ким Јонг-ун со американскиот претседател Доналд Трамп, поради воените вежби во Јужна Кореја. И покрај убедувањето на Пентагон дека маневрите се рутински и исклучиво одбранбени, Пјонгјанг во знак на протест веќе ги откажа денешните преговори на високо ниво со јужнокорејски претставници. Северна Кореја ги смета за закана воените вежби, кои редовно ги одржуваат армиите на САД и на Јужна Кореја. Зад одлуката за откажување на преговорите со Сеул, како што оценува Би-би-си, стои стравувањето на Ким Јонг-ун да не заврши како либискиот лидер Моамер Гадафи, кој беше соборен од власт и брутално убиен од бунтовниците.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека нема информации дека Пјонгјанг сака да го откаже самитот помеѓу лидерите на Северна Кореја и на САД. Според Стејт департментот, продолжуваат подготовките за долгоочекуваната средба помеѓу Трамп и Ким, закажана за 12 јуни во Сингапур.
– Продолжуваме и понатаму со подготовките и не сме известени за никакви промени – порача портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.
Претходно, Пентагон соопшти дека воените вежби со Јужна Кореја се рутински и исклучиво од одбранбен карактер. Американскиот полковник Роб Менинг изјави дека целта на маневрите е подобрување на способноста на САД и на Јужна Кореја да дејствуваат. Во големата воена вежба, која почна во понеделникот, а треба да трае до 25 мај, учествуваат околу 100 воени авиони. Првпат во овие маневри ќе учествуваат осум стелт-авиони „ф-22“, како и неодреден број стратегиски бомбардери „б-52“, кои се стационирани на пацифичкиот остров Гуам.
– Станува збор за редовна годишна вежба и нејзиниот одбранбен карактер е јасен веќе со децении и не се сменил – додаде Менинг.
Од друга страна, Би-би-си оценува дека зад одлуката на Северна Кореја за откажување на разговорите со јужниот сосед стои стравот на Ким Јонг-ун да не ја доживее истата судбина како либискиот лидер Гадафи, кој беше убиен од либиските бунтовници. Па така, Пјонгјанг е алармиран од изјавите на Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Трамп, дека Северна Кореја би можела да го следи либискиот модел за нуклеарно разоружување. Аналитичарите сметаат дека тоа го вознемирило севернокорејскиот лидер поради познатата судбина на либиското раководство по соборувањето и ликвидацијата на Гадафи. Во острото соопштение од севернокорејското МНР, САД се обвинети за непромислени изјави и дека кријат зли намери.
Би-би-си исто така наведува дека поставувањето на Болтон на функцијата во Белата куќа во март годинава ја разгневило Северна Кореја, бидејќи овој конзервативен и воинствен политичар е цврст во одбраната на американската моќ и заговара примена на сила во странство. Во една од претходните изјави, Болтон порача дека би било сосема легитимно да се изврши превентивен напад врз Северна Кореја.