Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, во едно неодамнешно интервју за грчки медиум, го претстави неформалниот план на актуелната грчка влада за да ги „намали штетните последици“, според нив, од ратификуваниот Преспански договор. Главната цел на таквиот план, се чини, е целосно релативизирање на македонскиот идентитет како националност и сведување на државјанството – граѓанин на Република Северна Македонија
Потписниците на Преспанскиот договор од македонска страна, како главна придобивка од договорот со Грција постојано го истакнуваат „бетонираниот македонски идентитет“, односно македонската националност, иако во името на државата е додадена географската одредница – северна. Македонското министерството за надворешни работи, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор издаде некакво упатство како странските медиуми и во дипломатската комуникација да се применуваат одредбите од договорот, односно за националноста на граѓаните на државата да се пишува: Македонец(ка), македонско…, без додавката „северна“…, но во практиката тоа упатство ретко се применува. Па, така, странците, почесто се водат од обичната логика, според која жителите на една земја ги нарекуваат според (официјалното) име на земјата. Сепак, и понатаму официјалната верзија на актуелната македонска власт е дека – македонскиот идентитет е „бетониран“.
Факт е дека потпишувањето на Преспанскиот договор предизвика незадоволство во јавноста и кај двете земји-потписнички на договорот, и во Грција, и во Македонија. Тогашната грчка опозиција, која сега е на власт, сметаше дека договорот е „предавнички“ за нив со тоа што воопшто останало името Македонија во новото композитно име на нашата држава, иако во голем дел одредбите од Преспанскиот договор се рестриктивни за македонската страна. Од позиција на власт, сегашниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, во едно неодамнешно интервју за грчки медиум, го претстави неформалниот план на актуелната грчка влада за ги „намали штетните последици“, според нив, од ратификуваниот Преспански договор. Главната цел на таквиот план се чини е целосно релативизирање на македонскиот идентитет како националност и сведување на државјанството – граѓанин на Република Северна Македонија. За постигнување на таквата цел ќе биде искористен процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, односно целиот процес на преговарање во сите поглавја, по евентуалното добивање датум за почеток на преговорите.
– Преку европскиот тек на С. Македонија ќе се обидеме да ја убедиме другата страна да биде целосно прифатено дека називот на граѓанинот на земјата е „граѓанин на Северна Македонија“ – кажал во интервјуто грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас.
Сепак, Дендијас ја отфрлил можноста за промена на Преспанскиот договор, велејќи дека „Грција има конвенционални обврски кон Северна Македонија, кои треба да ги исполни“, но објасни што би можело да се направи во иднина. За одредбите од договорот, што се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет, кои грчката страна ги смета за спорни, шефот на грчката дипломатија вели дека би ги сменил, заедно со уште една: „можноста правно лице од приватното право да го користи називот македонски, без да може да биде спречено“.
По објавувањето на намерите на грчката страна за релативизирање на националниот идентитет на Македонците преку процесот на евроинтеграција, се отвора дилемата во македонската јавност, колку навистина со Преспанскиот договор тој е заштитен.
– Колку ни е забетониран идентитетот со Преспанскиот договор, се гледа во промената на името на националните институции од кои се избриша именката „македонски“.
Моќта на „гаранцијата“ се виде и неодамна, на прославата на Денот на независноста, кога зачудувачки ниту еден од државните функционери не го употреби зборот Македонија. Тоа само ни кажува дека не само што не е заштитен идентитетот, туку основната идеја на Преспанскиот договор е целосно бришење на македонизмот. И немам сомнеж дека грчката страна ќе ја користи секоја можност за уцена, односно за бришење на сите остатоци од македонизмот во процесот на нашите евроинтеграции. И ако тогаш биде некоја ваква предавничка власт во Македонија, немам сомнеж дека таквите уцени ќе бидат прифатени и ќе биде користена истата реторика во земјава како пред референдумот за Преспанскиот договор – дека ќе станеме членка на ЕУ. Затоа граѓаните на Македонија мора многу внимателно да одлучуваат при секои наредни избори – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во однос на можноста за ревизија на Преспанскиот договор, грчкиот шеф на дипломатијата повторил дека ставот на неговата држава има континуитет, а „ревизионизмот на договорите е опасен за Грција на многу нивоа“.
– Земјата има конвенционална обврска кон една друга земја. Кон оваа друга земја кон која има конвенционална обврска мора да ги исполни обврските, односно Грција кон Северна Македонија да ги исполни нејзините конвенционални обврски. Но, му кажав јасно на Димитров и тие треба апсолутно да се придржуваат до збор, до запирка, до точка, до нивните обврски – истакнал грчкиот министер Дендијас.
Фактите, пак, говорат дека од стапувањето во сила на Преспанскиот договор, главно македонската страна ги исполнува обврските, додека Грција и тие малку обврски што ги има, постојано одложува да ги исполни. На пример, нивните функционери и понатаму јавно нашата земја ја нарекуваат „Скопје“, а ниту во сообраќајната сигнализација на грчките патишта никаде не е означено кон која држава води коридорот Е75.
– Со Преспанскиот договор еден децениски билатерален проблем е ставен во одредена рамка и пристојно е двете страни да се однесуваат според одредбите од таа рамка. Но потпишувањето на договорот воопшто не значи дека тој со леснотија ќе се спроведува. Сигурен сум дека на грчката страна се нотира сѐ што ќе се каже кај нас и тоа ќе го употребат во свој интерес во процесот на нашите евроинтеграции. Тоа се виде и од односот на Грција и кон другите нејзини соседи со европски аспирации. Иако сме во позиција на земја-кандидат за ЕУ, сепак и нашата страна треба да се постави соодветно во однос на обврските што ги има Грција, во согласност со Преспанскиот договор. Треба да се нотираат сите несоодветни изјави и да се испратат писмени барања за спроведување на прифатените обврски. На пример, според договорот, дипломатските претставништва требаше да прераснат на ниво на амбасади, но нема информација дека тоа е спроведено. Досегашниот однос кон договорот од грчка страна не влева оптимизам дека тој лесно ќе се спроведува – смета македонскиот дипломат Љупчо Арсовски, наедно и прв дипломатски претставник на независна Македонија во Грција.