Магазинот „Гардијан“ пишува за Кралската академија на уметностите, која во следниов период ќе регрутира млади мажи и жени што ќе треба да стојат голи на врата, свртени еден кон друг, додека тотални странци се стискаат низ непријатно тесниот простор помеѓу нив. Станува збор за рекреирање на познатиот перформанс на славната уметница Марина Абрамовиќ од 1970-тите години. Дали посетителите на изложбата ќе се соочат со голиот маж, или со голата жена, дали ќе остварат контакт со очите или, пак, ќе го избегнат целосното искуството се прашањата што треба да се истражат.
Кралската академија објави детали за ова уметничко дело што резултира со повик на полицијата кога првпат го изведоа уметницата Марина Абрамовиќ и нејзиниот тогашен партнер Улеј во Болоња во 1977 година, но тоа сценарио е помалку веројатно во наредната 2020 година. Во Болоња делото било позиционирано на влезот на галеријата како жива врата.
– Кога беше изведено првпат, некои луѓе стоеја настрана, не можеа да се справат со тоа и не беа целосно сигурни во тоа што го гледаат. Некои поминуваа, некои брзо претрчуваа, а некои поминуваа и неколкупати – вели кураторот на изложбата Андреа Тарсија.
Перформансот, наречена „Импронерабилија“, ќе биде едно од делата рекреирани за ретроспективната изложба на делата на Абрамовиќ, што ќе се случи во Кралската академија, наесен во 2020 година. Абрамовиќ ќе ги надгледува работилниците на кои ќе бидат избрани младите изведувачи.
Абрамовиќ, родена во Белград, е уметничка светска суперѕвезда, пионерка на перформансот, во кој главно го користи своето тело, тестирајќи ги границите на својата физичка и ментална издржливост повеќе од четири децении. Изложбата во Лондон ќе вклучи фотографии, видеа, предмети, инсталации од нејзината кариера.
Уметничкиот директор на Кралската академија, Тим Марлоу, вели дека не може да се очекува Абрамовиќ да биде присутна во галериите додека траат перформансите.
– Нејзината главна грижа ќе биде како ќе се реконструира нејзината работа кога таа не е во близина – вели тој.
Таа е прва жена во низата уметници, меѓу кои Дејвид Хокни, Аниш Капур, Антони Гормли…, на кои им е даден целиот главен простор на галеријата на Кралската академија на уметностите.