Редакторот и уредник на Гласникот на УНЕСКО, Трезоро Хуанг Јинбао, издејствува списанието да се објавува и на есперанто. Гласникот е официјална ревија на организацијата, кој првпат почна да излегува во 1948 година, како важно средство за комуникација и за ширење на мисијата на УНЕСКО и промовирање на меѓукултурниот дијалог. Ревијата некогаш имаше водечка улога во развојот на мисиите на УНЕСКО во областите за кои е одговорна. Таа беше издадена на шесте јазици на Обединетите нации.
Во 2012 година ревијата престана да излегува поради недостиг од финансиски средства, но во 2016 година кинеската влада донира 5,6 милиони долари за повторно издавање на гласникот. На 12 мај 2017 г., УНЕСКО го публикува првиот број на гласникот на шесте официјални јазици на ОН, и потоа и на португалски јазик. Во тимот се приклучуваат 36 есперантисти од 23 земји и на листата на издавачки јазици е вклучен и есперанто.
Инаку, целите на Унеско честопати се во согласност со оние на есперанто-движењето и организациите. Универзалната есперанто-асоцијација е во официјални односи со УНЕСКО од 1954 година, а Меѓународната лига на есперанто-инструкторите има статус на набљудувач во организацијата. Постојат две важни резолуции на УНЕСКО во полза на есперанто (резолуцијата од Монтевидео од 1945 г. и од Софија од 1985 г.), кои покажуваат сериозен третман на есперанто во оваа организација. Првата резолуција се состои од принципиелно признавање на есперанто и потврда дека целите на неутралниот меѓународен јазик се во согласност со генералните цели на УНЕСКО, а втората ги потврдува декларациите на првата и силно го поддржува празнувањето на стогодишниот јубилеј од постоењето на есперанто.
Преводот од есперанто на информацијата објавена во ревијата „Есперанто“ на Универзалната есперанто-асоцијација од Ротердам ја направи Татјана Шошолчева Ропајкова, една од ретките активни есперантисти во Македонија.