Европската Унија ја разгледува можноста брегзит без договор да го категоризира како вонредна состојба, слична на поплавите, пожарите или земјотресите, поради што ќе бидат обезбедени вонредни фондови за земјите-членки што се најмногу погодени
Европската Унија ја разгледува можноста брегзит без договор да го категоризира како вонредна состојба, слична на поплавите, пожарите или земјотресите, поради што ќе бидат обезбедени вонредни фондови за земјите-членки што се најмногу погодени. Планот ќе им овозможи на претставниците на ЕУ да дистрибуираат пари од солидарниот фонд на Унијата, што беше воспоставен во 2002 година како одговор на тогашното лошо време. Околу 500 милиони евра се на располагање секоја година, но непотрошените пари од претходната година исто така се достапни доколку тоа биде потребно. Британскиот премиер Борис Џонсон вчера го очекуваше жестока битка во парламентот, каде што се очекуваше пратениците да гласаат за преземање на контролата за агендата за излегување на Британија од ЕУ и за спречување на брегзит без договор, наведува „Гардијан“.
Предлогот за прогласување на брегзит за вонредна состојба јасно ги посочува разликите во подготовките на ЕУ и оние на британската влада, која е цел на критики поради потценувањето на можната економска штета од напуштање на Унијата без договор. Ирската влада веќе доби ветување за дополнителни пари во случај на брегзит без договор. Ирската централна банка неодамна предупреди дека во случај на брегзит без договор до крајот на идната година ќе бидат загубени околу 34.000 работни места во Ирска, додека, пак, на среден рок прогнозира помалку 100.000 работни места. Но и други земји-членки, вклучувајќи ги и Белгија, Холандија, Германија, Данска и Шпанија, ќе се соочат со големи предизвици во областите на нивните економии што најмногу зависат од трговијата со Британија. Деталите за предлогот, кој неделава треба да биде разгледан од дипломатите на ЕУ, се појавија во период кога шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, порача дека Унијата ќе ја остави отворена можноста за продолжување на британското членство и по 31 октомври.
– Се разбира дека трпението не може засекогаш да постои. Но во изминатите две години вложивме многу енергија за да овозможиме брегзит со договор. Брегзит без договор ќе има многу последици што не можеме целосно да ги предвидиме, кога станува збор за финансиските текови и услуги. Ставот на ЕУ е разумен, нашите врати се отворени, нашите раце се подадени. Веќе сме подготвени да разговараме со Британците, но тие исто така треба да ни кажат што сакаат. Борис Џонсон, а не ЕУ, знае што треба за овој договор да биде прифатен во парламентот – порача Шаленберг.
И додека т.н. бунтовничка алијанса во британскиот парламент се обидува да го принуди Џонсон да побара продолжување на рокот, наместо брегзит без договор, Шаленберг истакна дека ЕУ прво ќе ја почека понудата од британската влада.
– Потребно ни е барање од Британците. Незамисливо е ЕУ да принуди земја-членка да остане подолго против нејзина волја. Веќе двапати го одложивме датумот за излегување, и тоа по нивно барање – додаде австрискиот министер.
Главниот советник за ЕУ на Џонсон, Дејвид Фрост, деновиве ќе го посети Брисел. Британскиот министер и натаму инсистира ЕУ да ја тргне одредбата за т.н. ирски бекстоп од договорот за излегување, но Владата во Лондон допрва треба да понуди некаков алтернативен план за избегнување на повторно воспоставување на граница на ирскиот остров по брегзит. Џонсон наместо тоа тврди дека британската влада нема да ги плати своите финансиски обврски, во висина од 39 милијарди фунти, доколку не биде постигнат и ратификуван нов договор. Од друга страна, ЕУ порача дека таквиот потег ќе ја згасне секоја надеж за преговори за слободна трговија во блиска иднина.
– Очекуваме Британија целосно да ги почитува своите обврски како членка, без разлика на тоа дали ќе има брегзит со или без договор. Британија исто така мора да размисли за тоа каква порака ќе биде тоа за идните претприемачите надвор од ЕУ, доколку ги игнорира своите обврски веднаш штом ќе загусти – порача Шаленберг.
Пратениците во британскиот парламент вчера требаше да дискутираат за преземање на контролата на процесот за брегзит, за да се избегне излегувањето на земјата без договор. Бившиот министер за финансии Филип Хамонд, кој е дел од т.н. бунтовничка група кај ториевците, изјави дека постои доволна поддршка за усвојување закон, со кој се бара одложување на датумот за брегзит. Претставници на Владата предупредија дека Џонсон ќе инсистира за избори на 14 октомври, доколку Владата ја загуби битката во парламентот. Самиот британски премиер порача дека не сака нови избори и оти напредокот со ЕУ ќе биде невозможен, доколку пратениците победат.
Голем број пратеници, вклучувајќи и дел од владејачката партија, се обидуваат да спречат брегзит без договор, откако Џонсон вети дека земјата ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, со или без договор. Во британскиот парламент за вчера се очекуваше жестока дебата и гласање за закон, со кој премиерот ќе биде принуден да побара одложување на брегзит до 31 јануари, освен ако пратениците не дадат зелено светло за нов договор, или ја поддржат опцијата за брегзит без договор до 19 октомври.
Во меѓувреме, Хамонд порача дека премиерот Џонсон не направил никаков напредок кон постигнување договор за брегзит. Но шефот на британската дипломатија Доминик Раб, пак, предупреди дека евентуалното усвојување на законот во парламентот ќе создаде парализирачка неизвесност.
– Законот веднаш ќе бара од Британија да прифати какви било услови од ЕУ, без разлика на тоа колку тие ќе бидат строги и без разлика на тоа што тие услови месечно ќе ги чинат даночните обврзници околу една милијарда фунти – истакна Раб.
Според него, законот јасно е дизајниран за одложување, па дури и за укинување на брегзит. Во телевизиското обраќање, Џонсон завчера инсистираше дека може да постигне промени на сегашниот договор за брегзит на самитот на ЕУ на 17 октомври.
– Но ако пратениците гласаат за блокирање на опцијата за брегзит без договор, тогаш тие сериозно ќе ја ослабат позицијата на Британија, кога ќе преговарам – предупреди британскиот премиер.
Со законот, за кој пратениците вчера требаше да дискутираат во парламентот, всушност му се „врзуваат“ рацете на Џонсон, и тој ќе биде принуден да побара од ЕУ продолжување на процесот на брегзит до 31 јануари 2020 година. Големо внимание предизвикува клаузулата што предвидува во случај Европскиот совет да предложи продолжување до друг датум, премиерот да мора да го прифати предлогот во рок од два дена, освен доколку продолжувањето биде одбиено од британскиот парламент. Со други зборови, моќта за одлучување за брегзит ќе биде во рацете на парламентот, а не кај британскиот парламент, заклучува „Гардијан“.