Нови книги: „Златното јаболко и други бајки“ на Христо Петрески
Книгата „Златното јаболко и други бајки“ е најново издание на современиот македонски писател Христо Петрески. Во неа ќе ги најдете следниве четири сказни: „Волшебниот пат до златното јаболко“; „Писмо до Чичко Том – најголемиот светски сом“; „Од никаде до некаде и од некаде до никаде“; „Мајката Ѕвездалија и нејзините дванаесет ѕвездички“.
Прва и централна бајка во делото е онаа за златното јаболко. Во неа авторот става акцент на природата и екологијата, нешто што го има сѐ помалку и што сѐ повеќе ќе ни недостига. Во првиот дел писателот пишува за сечењето на дрвјата во градовите, што стана секојдневна практика, без да се создаваат нови дрвореди, паркови и други зелени и здрави еколошки простори и катчиња. Во вториот дел од истата приказна, односно авторска бајка, станува збор за хуманите и далековиди луѓе што прават добрини, односно садат и калемат дрвца во гората. Така, обичниот патник-намерник не само што ќе може да се одмори во ладовината на тие новозасадени и калемени стебла туку ќе може да вкуси и понекој незаборавен овошен плод. Замислете, додека шетате низ планината, гладни и жедни, покрај бистрата изворска планинска вода непцата да ви ги облажи и некое зрело и сочно јаболко, круша, слива, дуња, кајсија, праска, црешна, вишна…
На крајот од секоја бајка има прашања за прочитаното, па, така, овде авторот ги запрашува читателите зошто во паркот ги сечат старите дрвја пред за засадат нови. Сте засадиле ли вие некое дрво и знаете ли колку години се потребни да пораснат високите тополи? Кое богатство е поголемо: грнето со злато или јаболкницата со волшебни плодови? Зошто во парковите и покрај улиците во градовите нема јаболкници, круши, сливи и други овошја, туку само липи, јавори, чемпреси и други зимзелени растенија?
Во втората бајка „Писмо до Чичко Том – најголемиот светски сом“, писателот нѐ води кај Тиквешко Езеро, каде што има огромни, џиновски сомови, кои ги ловат рибарите за своја лична наслада, но и за продажба во рибарниците. На тоа одлучуваат да му стават крај, односно да се спротивстават едно момче и девојче што се против еколошката катастрофа и уништувањето на флората и фауната и природната нерамнотежа. И во оваа бајка на крајот авторот прашува што се случило потоа со најголемиот светски сом Чичко Лом (дали тој престанал да јаде помали сомови и риби, а рибарите да ловат сомови)? Ќе престанат ли од сомовите да се плашат децата, но и возрасните рибари, а сомовите пак да бидат прогонувани и измачувани од рибокрадците и рибојадците?
Третата бајка зборува за предизвиците, љубопитствата и настаните при патувањата, но истовремено и за создавањето на впечатоците, импресиите и доживувањата, кои се редат, нижат и ткаат и се претвораат во незаборавни искуства, страници и спомени…
Авторот Петрески и на крајот од оваа бајка ги потсетува читателите:
Зарем штркот, навистина, нема веќе никогаш да се врати таму од каде што дошол, или можеби ова е неговиот роден и вечен крај? Имаат ли право туѓите кучиња да напаѓаат наши, па макар и непознати и неканети гости? Знае ли некој точно како денес може да се измисли и напише убава, поучна и вистинска бајка?
Последната бајка во книгата е за годината и за нејзините дванаесет месеци. Со необични имиња сите тие се една заедница, една целост, едно големо семејство… Иако различни, тие се сплотени и се однесуваат како еден и единствен организам… Живеат, се дружат и другаруваат како вистински браќа и сестри, облеани со љубовта на мајката, која е незаменлива и секојдневно, од миг во миг, за нив се грижи, стравува, се радува… Оваа бајка има допирни точки со астрономијата, односно со светот што нѐ опкружува, а во овој случај посебно со ѕвездите и небото…
На крајот и од оваа бајка следуваат неколкуте прашања за проверка и разговор.
Која е Мајката Ѕвездалија? Кои се дванаесетте ѕвездички: запомни ги нивните имиња и наброи ги… Која од ѕвездичките најмногу ти се допаѓа и зошто?