Двајца познати унгарски автори денеска гостуваат во Скопје. Промоцијата на романот „Спокој“ од Атила Бартиш во издание на „Икона“ ќе се одржи во 19 часот во Книготека Икона.
Наратор на романот „Спокој“ е писателот Андор Вер. Романот започнува со погребот на мајката на Андор. Петнаесет години живеат заедно во ист стан од кој таа одбива да излезе, петнаесет години мора да одговара на нејзиното прашање „Кадебешесине?“ и нејзината општа мизантропија. Сестрата на Андор, Јудит била талентирана виолинистка, ѕвезда која пребегнува на Запад – бега од сопствената мајка и комунистичкиот систем. Нејзиното одбивање да се врати го продлабочува јазот меѓу неа и мајка ѝ, а со тоа завршува и актерската кариера на мајката. „Спокој“ е роман на трагични човечки односи, лажни писма, погребани празни ковчези, големи и необични љубови. Роман за станувањето писател.
Атила Бартиш е еден од најинтригантните унгарски писатели, роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарско малцинство. Наоѓајќи се во немилост на режимот на Чаушеску, неговото семејство е принудено да се пресели во Будимпешта. Атила Бартиш е и успешен фотограф. За романот „Спокој“ објавен во 2001 година ги добил наградите „Тибор Дери“ и „Шандор Мараи“. Во 2008 година според романот е снимен истоимениот филм во режија на Роберт Алфелди. Авторот живее во Будимпешта и Бали, Индонезија. Ова е второ гостување на Атила Бартиш во Македонија, по гостувањето во 2017 година и промовирањето на неговиот последен роман „Крајот“ во издание на „Или-Или“.
Оваа година на Струшките вечери на поезијата гостува највлијателниот унгарски поет Иштван Кемењ. Во 21 часот ќе може да се проследи дел од неговата поезија на Меѓународното поетско читање во Музејот на современа уметност во Скопје.
Иштван Кемењ е роден во 1961 година во Будимпешта. Зад себе има повеќе книги поеми, романи и есеи. Неговите збирки поезија се издадени на повеќе светски јазици. Добитник е на сите значајни награди во Унгарија.
Кемењ е еден од најзначајните живи унгарски поети на преминот на 21 век. Кариерата му почнува во осумдесеттите години на минатиот век и неговата поетика влијанела на три генерации современи унгарски поети. На почетокот спротивставувајќи му се на „идеалот на поемата“ којшто се очекувал од социјалистичката културна политика, тој гради поинакви митови, легенди, внесува дури и елементи на научна фантастика во својата поезија, постепено создавајќи сопствена митологија. Успева од банални реченици да создаде поезија, па поради тоа е наречен „постмодерниот поет на 90-те“.
Во унгарската културна средина Атила Бартиш и Иштван Кемењ се познати по нивното пријателство, сличната поетска/писателска идеологија и ставови за литературата и уметноста. Препевот и преводот на делата од Кемењ и Бартиш ги направија Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов. Гостувањето на авторите е во рамките на Неделите на унгарска култура во Република Македонија во организација на Министерството на надворешни работи и трговија на Унгарија и Амбасадата на Унгарија во Скопје.