Хрватите деновиве можат да се потпишат на две иницијативи за спроведување референдум, кои се однесуваат на укинување на Истанбулската конвенција и за менување на политичкиот систем во земјата. Втората иницијатива, која се реализира под називот „Народот одлучува“, се однесува на измена на Уставот на Хрватска заради спроведување избори на една изборна единица, намалување на изборниот праг на четири отсто, намалување на бројот на пратениците на 120, а на националните малцинства на шест како и воведување дописно или електронско гласање. Со второто референдумско прашање се настојува да им се ограничи бројот на пратениците на малцинските заедници во Хрватска за гласање доверба на Владата и за носење на државниот буџет.
Организаторите на двете иницијативи сметаат на потписите од граѓаните, кои претставуваат гласачко тело на ХДЗ, која е десно ориентирана партија, додека медиумите во Хрватска пишуваат дека зад ова стојат личности што се блиски до Католичката црква и на крајната десница. Претседателот на ХДЗ и премиер на Хрватска Андреј Пленковиќ отворено се заложи за спроведување на Истанбулската конвенција и се противи на законски измени, кои би оделе на штета на своите коалициски партнери од редовите на националните малцинства.
– Изборниот систем не е тема што треба да биде предмет за референдум. Не знам во која земја изборниот систем се дефинира со референдумско изјаснување на народот. Што се однесува за конвенцијата за заштита на жените од насилство, ништо драматично не се случи по ратификацијата – вели премиерот Пленковиќ.
Некои од градовите одбија да им отстапат бесплатен простор за собирање на потписите, а градоначалниците на Риека и на Градац не ни дозволија да се собираат потписи за референдум за Истанбулската конвенција.
– Од граѓанската иницијатива „Вистина за Истанбулската конвенција“ досега покажаа дека не се откажуваат да говорат со манипулации и лаги. Затоа заклучувам дека на бараните локации повторно ќе манипулирате со вистината, и би ширеле погрешни информации за граѓаните на Риека за овој документ – вели Војко Оберснел, градоначалник на Риека.
Од општината Градец јавно порачаа дека се залагаат за заштита на жените од семејното насилство и затоа го користат своето право да не им се дозволи да поставуваат штандови на кои ќе се собираат потписи против заштита на послабиот пол.
„Индекс“ во својот текст за двете референдумски иницијативи забележува дека двете страни што се залагаат за организирање референдум не објавиле финансиска програма за својата кампања. Според хрватското законодавство, за спроведување референдум на национално ниво потребно е да се соберат 375 илјади потписи.
Координаторот на иницијативата „Народот одлучува“ Звонимир Троскот вели дека се залага за праведен изборен систем
– Не станува збор ни за црква ни за ХДЗ, ни за десницата. Зад нас стои само хрватскиот народ – изјави Троскот.