Водечките луѓе на Европската Унија изготвија агресивен план од 173 страници за да се спротивстават на трговските потези на претседателот Доналд Трамп и на американските технолошки гиганти меѓу кои се „Гугл“, „Епл“, „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Фејсбук“, пренесува „Политико“.
Според документ до кој дојде во посед „Политико“ , претставници на Европската комисија вршат притисок врз новоизбраната претседателка Урсула фон дер Лејен, да формира Европски фонд за иднината кој би инвестирал повеќе од 100 милијарди евра во европски компании со голем потенцијал.
Целта на планот е овозможување на Европа да се натпреварува со американските и кинеските технолошки гиганти зад кои заостанува со децении.
Тие исто така се залагаат за Европа да покаже поголем интерес во трговската војна на Трамп, велејќи дека ЕУ треба да воведе еднострани тарифи кон САД.
Додека е нејасно дали предлозите ќе бидат остварени, можноста претставува најсилно признание дека Европа е во опасност уште повеќе да заостане зад САД и Кина во трката за зацврствување на статусот на глобални економски сили на иднината.
Сенката на брегзит исто така е надвисната над предлогот. Како членка на ЕУ, пазарно ориентираната Велика Британија сигурно ќе стави вето на ваквите предлози.
Но мотивацијата за предлозите не е тајна. Најголемите американски технолошки компании, со пазарната капитализација која понекогаш надминува и еден трилион долари, се до 100 пати повредни од врвните технолошки компании во Европа.
Покрај најголемите технолошки компании во Америка, официјалните претставници ги идентификуваат кинеските ривали како „Баиду“, „Алибаба“ и „Тенсент“ како фирми на кои Европа треба да им конкурира. Во нивните документи се вели дека Европа нема такви компании.
Во секој случај, плановите кои протекоа ќе ја вооружат ЕУ со нови алатки за воведување на еднострани тарифи за американските производи.