КНИГА ПРЕПОРАКА
По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи
На Вирџинија Вулф ѝ ги должиме блескавите феминистички текстови и откачениот роман за промената на половиот идентитет „Орландо“. Сепак, ниту тој роман, ниту нејзината приказна за тажната судбина што нужно би морала да ја снајде еднакво надарената сестра на Шекспир не ми изгледаат толку директно значајни за разбирање на женската судбина во 20 век како што е овој роман. Новиот начин на пишување, прикажувањето на т.н. внатрешен монолог, текот на свеста, совршено е соодветен за разоткривање на меѓучовечките односи. Нема многу дејство, и двата дела на книгата го прикажуваат престојот на семејството Ремзи и на нивните гости на селскиот имот на островот Скај. Првиот и вториот дел ги дели големо временско растојание, во меѓувреме се случуваат многу умирања и несреќи, но еден дел од семејството сепак оди на посета на светилникот, остварувајќи ја замислата од која морале одамна да се откажат.
Госпоѓата Ремзи е сопруга и мајка на осум деца. Таа се грижи за своите гости, кои секогаш ги има премногу. Госпоѓата Ремзи не е жртва, таа е убава и е предмет на обожавање и на восхит. Себеси се смета за силна и поблиска до животот од својот маж и од другите мажи. Оттаму и уверението дека на мажите им е потребна грижа, да се покриваат нивните слабости за да може воопшто да се продолжи натаму. Читајќи за неа, наеднаш ја разбираме монструозната цена на вака поделениот свет. Господинот Ремзи е емоционален инвалид, целосно неспособен да ги разбере своите деца. Тој постојано очекува признание од жената, потпора, покажување љубов. Споредните ликови, како што е сликарката Лили Бриско, се вовлечени во кругот на влијание на госпоѓата Ремзи, која мисли „во двојки“, не во вулгарна смисла, туку како за еден одговорен начин на живот. Бремето мора да го носат жените затоа што можат да го носат. Но дури ни госпоѓата Ремзи не може, меѓутоа, докрај да се откаже од себе, таа може да му се потчини на мажот, може да му покажува колку го сака, но не може да му го каже тоа. Говорот и онака го презеле мажите.
Ставот дека на мажите треба да им се попушта затоа што сме посилни и подобри, зашто тоа е важно за децата и за семејството, претставува голема заблуда на 20 век. Во историјата тој се појавува кога жените конечно имаат некаков мал избор, некаква самосвест. Тоа доведува до манипулација, а манипулацијата има смисла само ако така се однесувате спрема партнер што не го љубите. Со манипулацијата остварувате некакви цели, но не и радосен живот. Госпоѓа Ремзи, срцето на семејството, живее сама, а на домашните им дава погрешна порака. Таа посредува и смирува, а на крајот секој со секого се разминува.
Вирџинија Вулф (1882 – 1941) е англиска писателка, критичарка и есеистка, која имала силно влијание во интелектуалните, книжевните и културните кругови во Велика Британија меѓу двете светски во 20 век, особено преку дејноста и ставовите на неформалната Блумсбериска група. Со своите психолошки романи, каде што нарацијата е заснована на текот на свеста на ликовите омеѓен со определено време, при што изобилуваат со аудиовизуелни импресии и со исклучителна лиричност, како и со расказите и есеите, си обезбедува место меѓу највисоко рангираните модернисти во англиската и светската книжевност, покрај Дејвид Лоренс и Џемс Џојс. Напишала девет романи, од кои најпознати се „Госпоѓа Даловеј“, „Кон светилникот“, „Бранови“ и „Помеѓу чиновите“; три биографии, од кои се издвојува „Орландо: биографија“; три збирки раскази; седум книги со есеи, меѓу кои најпознати се „Сопствена соба“, „Обичниот читател“ и „Три гвинеи“; една комедија и др. Нејзините писма се собрани и објавени во четири тома.
Надежда Чачинович (Будимпешта, 1947) е современа професорка по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, социолог, компаративистка, феминистка, авторка и преведувачка на дела и учебници по филозофија, со словенечки етнички корени. Се школувала во Цирих, Берн, Белград, Мурска Собота, Љубљана, Бон и во Франкфурт. Студирала филозофија, компаративна книжевност, историја на уметноста и лингвистика, а докторат по филозофија одбранила во Загреб. Била на студиски престои во Берлин, Париз, Мастрихт и во Копенхаген. Предава естетика, филозофија на културата и филозофија на родот. Беше претседателка на хрватскиот ПЕН-центар, а сега е една од неговите потпретседатели. Членка е на Хрватското друштво на писателите.
(Превод од хрватски јазик и кратки белешки за авторите: Весна Ацевска)