Бранислав Светозаревиќ Покорни, доктор на историски науки
Со нетрпение очекувам идниот месец да излезе од печат мојата најнова книга посветена за македонскиот Џејмс Бонд, Виктор Аќимовиќ, чиј живот и дело со години ги истражував
Животниот и работниот век на Бранислав Светозаревиќ Покорни е мошне возбудлив, исполнет со постојани патувања за научни и друг вид истражувања во повеќе области на поголем број региони. Сознанијата добиени од истражувањата ги има преточено во книги, а некои од нив има изнесено на научни симпозиуми и ги има објавувано во научни списанија и во магазини во Македонија и во странство.
Светозаревиќ е роден во Скопје во 1966 година, каде што магистрира архивистика и ја одбранува докторската дисертација по историја. Основното и средното образование ги завршува во Тетово, каде што постојано живееше, а еден период и работеше.
Последниве речиси две децении работи во Државниот архив на Македонија во Скопје и секојдневно патува на релацијата Тетово – Скопје и обратно. Од 2010 до 2018 година беше директор на Музејот на македонската борба. Во 2013 година ја доби специјалната награда на Европската музејска академија во Бурса, Турција, а во 2015 година и наградата „Жива“ на Форумот на словенските култури, кој се одржа во Санкт Петербург. Светозаревиќ како директор на музејот најголем успех остварува кога Музејот на македонската борба беше избран за домаќин и организатор на конференцијата и беше избран за најдобар музеј во Европа во 2017 година.
Како историчар, автор е на 11 книги, каталози од сопствени изложби и зборници од симпозиуми на кои учествувал со сопствени трудови. Добитник е на државната награда „Гоце Делчев“ за 2015 година. Во филателијата е автор на 25 изложби презентирани во Македонија, Бугарија, Србија, Албанија и во Хрватска.
Повод за интервјуво со д-р Бранислав Светозаревиќ е светската награда „Вермејл“ (позлатен медал, што се споредува со трето место на светско првенство) за книгата „Поштенска историја на територијата на Република Македонија 1843 – 2010 (поштенски жигови)“ од областа на филателистиката на Светската филателистичка изложба што неодамна се одржа во Кина од страна на Светската асоцијација.
Каков беше патот за да ја добиете големата светска награда?
– Иако имам 25 самостојни изложби, не сум учествувал на ниту еден натпревар. Првпат учествував во дисциплината филателистичка литература и, прескокнувајќи ги балканските и европските изложби, директно се претставив на светска изложба, што претставува своевиден преседан, а бев награден со позлатениот медал „Вермејл“. Наградата ја добив по 27-годишно истражување на поштенските жигови на територијата на Република Македонија. Со филателијата и картофилијата се занимавам од 1971 година. Добро се сеќавам кога како петгодишно дете од тетка ми Анаталија Апостолоска за подарок добив албум со околу 1.500 поштенски марки. Од тој момент, секојдневно сум со марките.
Во исто време почнав да собирам разгледници. Филателијата и картофилијата беа мојот прозорец кон светот, мојот интернет. Поседувам и збирка од 8.000 значки од Македонија.
На 14-годишна возраст (1980 година) се претплатив во поштата за редовна набавка на марки, а три години потоа станав член на филателистичкото друштво „Скопје“. На 27-годишна возраст бев основач и прв претседател на колекционерското друштво „Менада“ од Тетово. Во 2002 година бев потпретседател на Сојузот на филателисти на Македонија и дадов голем придонес сојузот да биде примен во Европската филателистичка асоцијација на ФЕПА, во Амстердам (Холандија).
Опсегот на вашето интересирање е мошне широк и обемен. И не само тоа, туку еднакво бележите успеси во историјата, етнологијата, архивистиката, културата, спортот, филателијата, картофилијата и сл. Како успевате во тоа?
– Тоа е резултат на мојата посветеност, големата љубов кон науките и хобијата со кои се занимавам од најмали нозе. Освен што се занимавам со филателија и планинарство, долги години бев радиоаматер, членував во воздухопловното моделарство, бев менаџер во две американски фирми, кои работат на нашите простори, преку маркетинг-системи на повеќе нивоа. За моите активности имам голема поддршка и разбирање од сопругата Андријана и од трите деца Марија, Мила и Божидар. Тие ми се и голема мотивација. За успесите и постигањата што ги имам остварено, вложувам најмалку осумчасовно дневно активно работење. Особено сакам да истакнам дека откога знам за себе сум планинар и се запознав со убавините на планините. Од 1982 година започнав со редовно планинарење, кога станав член на најстариот планинарски клуб Љуботен од Тетово. За мене една од најубавите планини е Шар Планина, која има 20 врва со над 2.500 метри, 25 врва со над 2.000 метри, 36 езера од двете страни на планината, безброј планински реки и водопади, богата флора и фауна, многу ендемски видови…
Која е вашата преокупација, на што сте ангажирани во моментов?
– Ја завршив најновата книга посветена за македонскиот Џејмс Бонд, Виктор Аќимовиќ, и со нетрпение очекувам идниот месец да излезе од печат. Инаку, на аеродромот „Брник“, кај Љубљана, пред неколку години чекав лет за Скопје. Во чекалницата го препознав синот на Виктор Аќимовиќ, Карпо Година Аќимовиќ, врвен режисер со брилијантна кариера, кој предава на холивудската филмска академија. Тој не ме познаваше, а јас, благодарение на истражувањето на животот и делото на неговиот татко Виктор, знаев многу за него. Му се претставив и накратко му кажав што знам за него. Тој беше вчудовиден.
Освен тоа, во завршна фаза на пишување се наоѓа книгата „Револуционерниот биографски именик на илинденците од Кичевско, Дебарско, Порече и Демирхисарско“. Идната година планирам за печат да ја подготвам монографијата за богољубивиот и родољубивиот род Поповци од с. Волковија, Тетовско. За пишување на оваа интересна монографија бев поттикнат од случајното откритие на збирката на стари документи од страна на протоколот на овој род Методија Јанакиевски и неговата мајка Веља. Повеќе години работам и на еден тефтер од 1897 година, во кој се пишувало на народен македонски јазик и посебен систем на букви за да го долови мајчиниот јазик неговиот создавач итн. Оваа книга очекувам да привлече голем интерес кај научниот свет, особено од лингвистите. Ако даде господ здравје, ме очекуваат уште многу возбудливи моменти во истражувањата.
За крај, одделете некоја анегдота од вашето секојдневие?
– Пред некое време, еден мој добар пријател ме праша: Добро, бе Бране, од каде ти толку енергија и време за читање и пишување книги и други работи? Јас му одговорив: Времето и енергијата што ги трошам не се ништо помалку од времето што ти го трошиш во обложувачниците и енергијата со која ги следиш натпреварите и спортските билтени.