Веќе седум дена, демонстрантите од Сура, предградие во главниот град на Кашмир, Шринагар, патролираат на влезовите во областа забарикадирана со помош на метални шипки, цигли и паднати дрвја, со цел е да ги држат надвор индиските безбедносни, како и паравоени сили, пренесува „Ројтерс“.
Сура, дом на околу 15.000 жители, по 5 август стана епицентар на отпорот против индиската власт и обидите на Нарендра Моди да се одземе делумната автономија што досега ја уживаше Кашмир.
Ваквите промени, според Моди, се потребни за интеграција на Кашмир во Индија, забрзување на неговиот развој, како и чекор кон поразување на тероризмот. Но, населението во Сура го гледа Моди како тиран.
Кашмир со децении е точка на раздор помеѓу Индија и Пакистан, кои од 1947 година водеа две војни за неговата територија. Веќе седум дена во Сура се случуваат масовни протести, а демонстрациите се разбивани од паравоената полиција на Индија со солзавец.
Друг начин на справување со толпите е исклучувањето на Интернет во регионот, како и затворањето на над 500 политичари и активисти. И покрај тоа, на 9 август се собраа над 10.000 демонстранти, откако околу 200 целосно опремени членови на паравоената полиција се обидоа да влезат во населбата, се наведува во полициските извештаи.
Индиските власти првин негираа за случувањето на протестот, за потоа да тврдат дека се работи само за 1.500 демонстранти. Сепак, нивниот број е значително поголем.
– Целта на паравоената полиција е да воспостави контрола над областа, главно околу светилиштето Џинаб Сахиб, збирното место на демонстрантите. Но, голем дел од младината е радикализиран. И тука се чувствува влијанието на Исламската држава – изјави полициски службеник од Сринагар.
Исламската држава, која се бори да воспостави Калифат во исламскиот свет, ја презеде одговорноста за некои од нападите врз индиските трупи во Кашмир.
Иако нивото на поддршка на исламистичките групи во Сура засега е непознато, низ градот можат да се забележат милитантни плакати. Битката за Сура не ја следат индиските медиуми, главно поради ставот на локалните медиуми и телевизии кој е во согласност со оној на индиската власт, а тоа е дека отпорот на Кашмир е претставен како слаб.
Но, реалноста во регионот е поинаква. Дел од муслиманското население во Кашмир сака да прогласи независност од Индија, па дури и присоединување кон Пакистан. Затоа паравоената полиција ги надгледува сите рути кон и од Сура, а небото над регионот постојано е полно со дронови и хеликоптери.