Пијанистката Дуња Иванова на археолошкиот локалитет ќе одржи концерт
Започнаа годинашните истражувања на археолошкиот локалитетот Врбјанска Чука во Пелагонија како продолжување на повеќегодишниот мултидисциплинарен проект, при што главна цел е истражување на тамошната неолитска населба и нејзиниот континуитет во подоцнежните периоди. Во овој меѓународен проект, како што посочува неговиот раководител, археологот Гоце Наумов, учествуваат Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, Институтот за старословенска култура, Музеј и завод – Прилеп, Музејот на Македонија, како и повеќе стручни лица и студенти од неколку европски универзитети.
– На овој локалитет се открија неколку градби, стопански структури и извонредна материјална култура од неолитот, како и повеќе антички и средновековни јами и гробови. Оваа година истражувањата се насочени кон дефинирање на неолитската стратиграфија и карактерот на градбите од лепеж, но исто така и на утврдување на распоредот на јамите и погребувањата во средниот век. Досегашните сознанија дадоа уникатни резултати за хронологијата, архитектурата и животот на оваа тумба, така што годинава се очекува тие да се дополнат со нови информации. Во текот на истражувањата е предвидено на самиот локалитет да се одржи и музички перформанс на пијанистката Дуња Иванова за што медиумите ќе бидат дополнително известени – рече Гоце Наумов.
Овој археолошки локалитет претставува тумба карактеристична за неолитот во Пелагонија, лоцирана помеѓу селата Славеј и Врбјани.
– Плодните житни полиња, реките, мочуриштата, вегетацијата, птиците и животните ја претставуваат еколошката средина каде што во неолитот била основана и се развивала оваа земјоделска населба. Таа била формирана во шестиот милениум пр. н.е како резултат на интензивниот живот на заедницата што живеела во куќи од лепеж опкружени со ров што имал заштитна улога од поплави, диви животни и напади. Оваа неолитска заедница се занимавала со земјоделство, сточарство, рибарење, лов и разни занаети што го вклучуваат грнчарството, како и изработка на камени алатки и разни видови обредни предмети. За исклучителното значење на населбата сведочи масивниот амбар за чување и обработка на житарици, украсен со релјеф карактеристичен за артефактите со симболички обележја. Меѓу нив најкарактеристични се жртвениците, антропоморфните модели на куќите, фигурините, како и сликаните орнаменти на садовите. Овие обележја потврдуваат дека Врбјанска Чука била значаен центар во северната половина на Пелагонија, и тоа не само во рамките на земјоделството, туку и во сферата на верувањата и обредите. Откако завршил животот во оваа неолитска населба, тумбата цели пет милениуми не била активна, сѐ до доцната антика и средниот век, за што сведочат многубројните јами и погребувања. Локалитетот е истражуван во повеќе археолошки кампањи, почнувајќи од 1979 година, на почетокот како соработка помеѓу музеите од Прилеп и од Битола, а од 2016 година се реализираат нови теренски, кабинетски и лабораториски истражувања на тимови од повеќе земји – стои меѓу другото на веб-страницата на Центарот за истражување на предисторијата.
Резултатите од истражувањата на Врбјанска Чука од 2018 година лани беа презентирани на меѓународната конференција „Неолитот во Македонија“, која се одржа во Археолошкиот музеј во Скопје во рамките на петтата во низа, „Недела на археологијата“.