Високите температури особено ги погодија пролетните култури, како што се сончогледот, пченката и градинарските култури на отворено. Не се поштедени ниту овошките, а топлата вода не му одговара ниту на производството на ориз, објаснува агрометеорологот од УХМР Ангелко Ангелески
Поради екстремно високите температури, кои овие денови ја зафатија нашата земја, земјоделските култури се на удар. Почвата е дехидрирана и во неа нема вода. Поради ваквата состојба агрометеоролозите наведуваат дека е неопходна влага во почвата и дека е потребно земјоделците итно да ги наводнуваат земјоделските површини, секаде каде што има услови за такви активности. Притоа, агрометеоролозите советуваат наводнувањето да се изведува во раните утрински или подоцните вечерни часови.
– Топлото време особено ги погоди пролетните култури, како што се сончогледот, пченката и градинарските култури на отворено. Не се поштедени ниту овошките, а најмалку трпи виновата лоза. Ваквите температурни услови и топлата вода не му одговараат ниту на производството на ориз – објаснува агрометеорологот од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) Ангелко Ангелески. Тој објаснува дека пред неколку години биле забележани температури слични како и оваа година, било исто така многу жешко, поради што во оризот имало многу крш при лупењето на арпата. Поточно бил забележан голем растур на зрното.
Во овој сушен период е потребно одржување со наводнување и на овошките од сите видови без разлика дали имаат род или е веќе обран, заради формирањето на плодните папки за наредната година.
– Ова е периодот кога овошките формираат родни пупки за наредната година. Затоа треба да се обрне особено внимание. Да се обезбеди доволно вода за убаво да се оформат цветните пупки. Во спротивно, в година цветањето и плодонесењето ќе бидат редуцирани – објаснува Ангелески.
Наводнувањето во наредниот период треба да им биде главната преокупација на земјоделците во сите региони каде што има услови за тоа, и притоа дали истото тоа ќе се изведува со површински или со подземни води не е важно, туку битно е вегетацијата да се одржува во живот и кондиција.
– За разлика од овошките, на раните сорти винова лоза им годат ваквите услови зашто се во фаза на зреење. За подоцнежните сорти, кои се во полна зрелост, можеби бранот врнежи што се најавува ќе им ја донесе потребната влага иако во подлабоките слоеви на почвата влага сѐ уште има во одредени количества -дополнува Ангелески. Ангелески порачува да се наводнуваат и дрвцата во парковите, кои, евидентно, веќе ги отфрлаат новооформените ливчиња за да ја спречат транспирацијата и да се одбранат од високите температури.
– И во овој сегмент мора да се преземат мерки, дрвцата по парковите редовно да се наводнуваат зашто е жално, ливчињата што ги пуштиле, сега да ги отфрлаат за да се самоодбранат – истакнува Ангелески.
И за денешниот ден од УХМР најавуваат сончево и многу топло време, со максимални дневни температури до 40-от степен. Сепак, кон крајот на денот наместа ќе има зголемување на облачноста со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со појава на град и силен ветер. УВ-зрачењето повторно ќе биде високо, и ќе достигне 9. Од утре се очекува благ пад на температурите, што може поволно да влијае на развојот на земјоделските култури.