Неодамна, по „Јанѕа и рана“, се појави од печат во издание на „Матица“ новата книга есеи од Ефтим Клетников. Во неа се широко развиени неколку антрополошки и културно-цивилизациски теми, толкувани од авторот во херменевтички, феноменолошки и филозофски клуч како специфични цивилизациски, културолошки и духовни топоси, кои говорат за историската и метафизичката ситуација на човековото постоење, негово промислување и осмислување кај разни народи, региони и колективни менталитети. Притоа авторот со една извонредно рафинирана интелектуална, интуитивна и филозофска рефлексија ги детектира точките на сличностите и разликите од антрополошки и културолошки аспект, на архитепалните изохипси во таа смисла на темите-топоси што се во видното поле на неговиот интерес.
Тука, на почетокот, се средишните есеи: „Исток-Запад“ и „Русија/Европа“. Во првиот Клетников извонредно проникливо пишува за разликите на колективната душа, менталитет и филозофија меѓу Истокот (Азија) и Западот (Европа), за контрастите меѓу источниот интуитивизам и западниот рационализам и материјализам, меѓу источната душа интегрирана со Целината (Јин и Јанг) и западниот „еднодимензиоанален човек на профитот“ (Маркузе), чедо на строгиот сциентизам и прифитабилната логика. Во есејот „Русија/Европа“, пак, овој автор, русист и одличен познавач на руската литература и култура, расправа за сличностите и разликите од антрополошка и културолошка природа меѓу Русија и Европа и од аспект на затегнатата политичка ситуација меѓу овие два цивилизациски ентитети денес. Една навистина извонредна феноменолошка и антропофилозофска анализа на таа, денес со анимозитет на Западот кон Русија, посебно актуелна тема.
Особено внимание исто така заслужуваат во вториот циклус на книгата на Клетников неговите есеи, на што директно сугерира и нејзиниот наслов, во кој авторот говори, во клучот на К. Г. Јунг, за некои основни архетипови, топоси на македонскиот колективен менталитет и душа. Тука особено се карактеристични есеите „Македонскиот женски архетип“, „Македонскиот архетип И-и-и-их!“, „Елегија за испустените македонски села“, „Скица за портрет на македонската колективна шизофренија“, „Македонскиот архетип Беласица 1014“ и уште неколку други. Сите овие архетипски топоси Клетников ги открива со една длабинска антропофилозофска и психолошка сонда, скицирајќи го, толкувајќи го и расветлувајќи го низ еден супериорен есеистички стил архетипскиот портрет на македонската колективна душа. Една навистина драгоцена, ретка книга во нашата современа есеистика.