Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во некои земји во светот е забрането да се демонстрира религиозната припадност на муслиманската жена на јавни места, а во некои не е дозволено целосно да ги скријат нивните лица. Законите на некои земји налагаат хиџабот да го отстранат наставниците, учениците, судиите, жените возачи, жените војници, па дури и жените што го користат јавниот превоз

Македонија е една од ретките држави во Европа во која нема никаква забрана за носење верски обележја на јавни места. Заедно со Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија, Грција и Србија се вбројува во најлибералните држави кога станува збор за правото на носење верска облека на јавни места, а особено тоа важи за покривање на лицето и главата кај муслиманската жена.

Изминативе неколку години повеќето од земјите на Западна Европа донесоа различни закони со кои, пред сѐ, на жените муслиманки им забранија да го покриваат лицето, а познатата бурка и никаб ги забранија како облека што може да се користи на јавни места и во јавни институции. Законските одредби во секоја од земјите се различни, но главно се сведуваат на забрани за носење муслиманска женска облека.

На пример, во соседна Бугарија е забрането носење бурка, никаб и шамија, која го покрива лицето. Отстапки се прават само за поединечни професии и за оние што имаат посебни здравствени проблеми. Сепак, Бугарите дозволуваат носење хиџаб во верските објекти и во домовите. Во Босна и Херцеговина е забрането носењето верски атрибути, вклучувајќи и хиџаб на соработниците на правосудните институции.

Во некои земји во светот е забрането да се демонстрира религиозната припадност на муслиманската жена на јавни места, а во некои не е дозволено целосно да ги скријат нивните лица. Законите на некои земји налагаат хиџабот да го отстранат наставниците, учениците, судиите, жените возачи, жените војници, па дури и жените што го користат јавниот превоз.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поспецифични забрани има во Австрија, Белгија, Германија, Данска, каде што е забрането носењето шамија на јавни места, како и други делови од облека што во целост го покриваат лицето.


Задолжително покриена глава и лице во Иран, Јемен и во Саудиска Арабија

Покрај тоа што во најголем дел од светот делумно се забранува носењето верска женска облека на јавни места, особено во земјите на Западна Европа, сепак во светот има три држави каде што таквата облека е задолжителна.

На пример, ако се најдете во Иран, Јемен и во Саудиска Арабија, како жена мора да ги покриете лицето или главата. За непочитување на овие правила можете да се најдете и пред полиција или да се соочите со казни. Во Иран жените, вклучувајќи ги и странските државјанки, мора да носат хиџаб, во Јемен, пак, мораат да носат абаја и фереџе, особено во Сана, а во Саудиска Арабија задолжително мораат да носат традиционална муслиманска облека.


Симболот на шамијата кај муслиманската жена

Никаб, хиџаб, бурка се дел од големиот број различни покривки што ги носат муслиманките низ целиот свет. Традиционалната женска муслиманска облека разликува неколку стила, од целосно покривање до носење само марама преку главата. Хиџабот е всушност најлиберален и се состои само од марама преку главата.
Главно е што носењето шамија се смета за знак на пристојност и симбол на верата.
Каква е разликата помеѓу хиџабот, никабот, бурката во носењето традиционална муслиманска облека на Балканот?

Хиџабот е превез што жените традиционално го носат во присуство на возрасни мажи надвор од нивното потесно семејство, а служи за покривање на главата, косата и на вратот. Хиџабот се носи во различни стилови и бои, а најчесто користениот вид на Западот ги покрива главата и вратот, но не и лицето. Никабот е превез за лицето, кој е отворен во пределот на очите, но може да се носи и со посебна мрежа за очи, во комбинација со марама. Бурката е најзатворен од сите превези и се состои од еден дел што ги покрива и лицето и телото, често со тесна мрежа во пределот на очите. Ал амира е дводелен превез, составен од тесна капа, најчесто изработена од памук или полиестер, и шамија.

Некои муслиманки носат и химар, превез со должина до половината, кој целосно ги покрива главата, вратот и рамената, но не и лицето.


Муслиманите в недела го слават Курбан-бајрам

Муслиманските верници в недела на 11 август годинава го слават големиот исламски празник Курбан-бајрам или празник на жртвата, зашто тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите. Тоа е празник, кој ги соединува аџилакот како петтиот столб на исламот и курбанот или жртвата што ја симболизира подготвеноста на секој муслиман да го докаже своето убедување како муслиман.
Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница, во бајрамската порака до верниците се осврна и на политичката состојба во земјата, за која вели дека е најзасегнат токму обичниот човек, кој е оптоварен со лошата економска состојба.

– Тоа ги тера нашите млади да ја напуштаат земјата во бранови барајќи надеж и утеха надвор од своите огништа. Се плашам, браќа и сестри, дека во блиска иднина нашите Бајрами ќе ги славиме со многу мал број наши синови и ќерки. И токму затоа, не сакајќи никако да го нарушам нашето бајрамско расположение, се обраќам и апелирам до нашите политички чинители, да подразмислат сериозно и да рефлектираат во врска со наведените проблеми – посочува поглаварот Реџепи.


Каде во светот делумно се забранува носење муслиманска женска облека?

– Австрија
– Казахстан
– Русија
– Азербејџан
– Камерун
– Сенегал
– Алжир
– Канада
– Белгија
– Киргистан
– Таџикистан
– Бугарија
– Кина
– Тунис
– Конго
– Туркменистан
– Босна и Херцеговина
– Летонија
– Узбекистан
– Габон
– Луксембург
– Франција
– Германија
– Малезија
– Чад
– Мароко
– Данска
– Швајцарија
– Нигер
– Шри Ланка
– Шпанија
– Холандија
– Италија
– Норвешка