Според најновото истражување на Евробарометар, 57 отсто од македонските граѓани сè уште веруваат во Унијата, но нивниот број е за шест отсто помал во однос на истото
испитување лани
Најновото истражување на Евробарометар покажува дека македонските граѓани полека ја губат довербата во Европската Унија, иако бројката на поддржувачи на нашите евроинтеграции е сè уште висока.
Имено, според најновото истражување на Евробарометар, 57 отсто од македонските граѓани сè уште веруваат во Унијата, но нивниот број е за шест отсто помал во однос на истото испитување лани.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 68 отсто од испитаниците веруваат дека зачленувањето на земјата во ЕУ ќе биде добар потег, додека 72 отсто сметаат дека ваквиот потег ќе ѝ донесе полза на државата.
Македонските граѓани ја губат довербата во Унијата во време кога граѓаните на земјите-членки изразуваат голема поддршка кон ЕУ, на сметка на недовербата што ја искажуваат кон сопствените влади.
Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, клучен за губењето на довербата е моментот кога е правена анкетата, односно периодот откако беше одложена одлуката за доделување датум за почеток на пристапните преговори со земјата.
– Анкетата спроведена во јуни 2019 година покажува пад од шест отсто на довербата меѓу испитаниците во нашата земја во Европската Унија, при што за три отсто е зголемен бројот на испитаниците што немаат доверба во ЕУ. Овој пад, според мене, може во одредена мера да се препише на периодот во кој е спроведена анкетата, во кој, за жал, имавме одложување повторно на одлуката за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Сепак, мора да имаме предвид, дека поддршката за членство помеѓу македонските испитаници е сè уште висока како индикатор за посакуваната иднина – вели Кацарска.
Таа додава дека очекува состојбата да се промени доколку земјата во октомври го добие датумот.
– Сепак, доколку добиеме позитивна одлука во октомври, недовербата може да биде надмината, иако ние и немаме некоја голема недоверба – смета Кацарска.
Директорката на Институтот за европска политика нагласува дека не треба да се занемари и дека овој барометар утврдува највисок степен на доверба на граѓаните на ЕУ во Европската Унија во изминатите четири години.
– Тоа укажува на внатрешна стабилизација во Унијата – посочува Кацарска.
Според некои од аналитичарите, изненадува фактот што и толку голем број граѓани го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ.
– Кај нас сè уште е висок рејтингот на ЕУ со оглед на политиките што таа долги години ги води кон нашата земја. Долги години ние сме од нив блокирани, уценети и под ултиматум, односно ако сакаме членство, мора да се прекрстиме. За жал, тоа и го постигнаа – смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Според него, голема улога во тоа имаат и медиумите.
– Очигледно е дека улога во таквиот погрешен однос на народот имаат и медиумите, кои создаваат слика дека Брисел е нешто идеално и треба по секоја цена да се постигне, но не е така – нагласува Никовски.
Поранешниот амбасадор уште додава и дека е неразбирливо што народот би сакал да влезе во Унијата по цена на неговиот национален идентитет.
– Цената што ќе се плати за зачленување во Унијата не смее да биде превисока како што тоа беше во нашиот случај – констатира Никовски.
Инаку, македонските граѓани во истражувањето на Евробарометар уште посочуваат дека двата најголеми проблеми со кои се соочува државата се економската ситуација (35 отсто) и невработеноста (30 отсто).
Поддршка за прием на нови земји-членки им даваат 48 отсто од жителите на ЕУ, што е пораст од три проценти во однос на есента минатата година. Најголеми поддржувачи на проширувањето се Шпанците, односно 70 отсто, следуваат Полјаците и Литванците со поддршка од 69 отсто, Унгарците со 65 отсто и Словенците со 64 отсто.
Земји-скептици околу проширувањето и натаму остануваат Германија (33 отсто), Франција (32 отсто) и Холандија (31 отсто), но радува фактот што во Германија и Франција има раст од два отсто на поддржувачите на проширувањето во однос на претходниот извештај.
Истражувањето на Евробарометар е спроведено според методологијата лице во лице. Во ЕУ биле опфатени 27.464 испитаници, а во Македонија 1.017 во периодот од 12 до 26 јуни годинава.