За скопските општини со најголема загаденост
Само општините што ќе ги исполнат критериумите ќе имаат право да им биде доделена опрема што ќе ја користат за намалување на загадувањето на воздухот. Од Министерството за животна средина не знаат за каква опрема станува збор.
Владата објави јавен повик за реализација на програмата за намалување на загадувањето на воздухот за 2019 година. Предмет на повикот е доделување средства од оваа програма, а преку утврдување на потребата за спроведување мерки за намалување на загадувањето и на високите концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5. Средствата ќе се доделуваат и за уредување зелени површини на градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините на територијата на градот Скопје. Оттаму, право на учество на јавниот повик имаат само скопските општини што имаат високо ниво на загадување на воздухот, а во согласност со податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг-систем. Заинтересираните општини за учество можат да се јавуваат најдоцна до 15 август годинава. Само општините што ќе ги исполнат критериумите ќе имаат право да им биде доделена опрема што ќе ја користат за намалување на загадувањето на воздухот.
Од јавниот повик не може да се заклучи за каква опрема станува збор. Но ако се работи само за прочистувачи на воздух за градинките, училиштата или здравствените установи, тоа не е решение на загадувањето на воздухот, бидејќи децата штом ќе излезат од овие образовни установи повторно ќе дишат загаден воздух и ќе мора да носат маски на лицето. Интересно е што од Министерството за животна средина и просторно планирање не знаеја за деталите на јавниот повик и ни кажаа дека треба првин да го видат, а потоа да дадат мислење и одговор.
Некои скопски општини тврдат дека знаат за што станува збор и ќе аплицираат за средства за да воведат посовремени начини на греење во дел од образовните установи. Како што е познато, греењето на дрва на домаќинствата беше еден од главните извори на загадување на воздухот, покрај тоа што меѓу најголемите загадувачи се спомнуваа сообраќајот, индустријата, согорувачките и енергетските постројки, градежните активности, депониите (особено дивите) за отпад и земјоделските активности. За да се намали загадувањето, потребно е да се намалат емисиите на загадувачки супстанции од сите овие извори. Ако тие не се решаваат, тогаш ниту зимава нема да дишеме чист воздух.
– Општината Карпош е запознаена со јавниот повик на Владата за реализација на програмата за намалување на загадувањето на воздухот. Општината ќе аплицира за добивање средства за промена на вториот дел од системот на греење на ООУ „Аврам Писевски“ во Бардовци. Ова училиште во одреден дел се грее на нафта, а целта е промена на греењето преку сончеви колектори, што е конкретен придонес кон намалување на загадувањето. Претходно општината, исто така на владин повик, аплицира и доби средства во износ од 50.000 евра за промена на системот за греење во градинката „Пролет“ во Влае и очекуваме натамошно спроведување тендерска постапка од страна на Владата. Другите училишта и градинки се приклучени на централниот систем на греење, а училиштата „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири-Трена“ веќе користат обновливи извори на енергија, односно незагадувачки извори на затоплување. Здравствените објекти не се во надлежност на општината, информираа од Карпош.
И во општината Аеродром веќе ја подготвувале потребната документација за учество на јавниот повик.
– Засега немаме информации за висината на финансиските средства што ќе ги додели Владата. Ова е еден сегмент и една од мерките за справување со загадувањето на воздухот. Општината Аеродром исто така во својот буџет има издвоено средства за реализација на низа мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Активно работиме на засадување нови дрвја, субвенционираме еколошки начини на загревање, набавивме прочистувачи на воздух за сите детски градинки, редовно се грижиме за хигиената на јавните површини и ги расчистуваме дивите депонии. Општината и во иднина ќе продолжи со реализација на мерките за намалување на загадувањето и ќе ги поддржува сите активности што се во таа насока – најавуваат од Аеродром.
Планот за чист воздух во земјава, како што посочи и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули при неговата презентација, покажува неколку важни аспекти, како јасно изразена политичка волја за намалување на загадувањето на воздухот. Дури и во планот стои дека спроведувањето на мерките ќе се одвива преку интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.
Сега се поставува прашањето дали со опремување на училиштата и на здравствените установи ќе следуваат и идните чекори, како на пример пронаоѓање на загадувачите, казнување, обновување на мониторинг-станиците. Дали ќе се направи сето тоа пред зимата, останува да видиме.
Дали во Скопје зимава ќе имаме почист воздух за 50 отсто
Планот за чист воздух предвидува преку мерки на Владата да се намали загадувањето на воздухот до 2020 година, и тоа во Скопје до 50 отсто, додека во другите градови да постигне намалување помеѓу 30 и 50 отсто. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милион евра, и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштитата на животната средина, во висина од 20 милиони евра. Планот предвидува и комплетна замена на сите 18 мониторинг-станици, зачестени инспекциски контроли, јавни кампањи, законски измени, справување со изворите на загадување и низа други чекори. Ќе даде ли плод сето ова, ќе видиме зимава, откако ќе констатираме дали ќе дишеме почист воздух од минатата зима.
Греењето е најголем загадувач на воздухот
Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за загадувањето на воздухот во Европа, Македонија е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу десетте најзагадени градови во Европа во 2017 година. Според најновите анализи на Светската здравствена организација (СЗО), загадувањето на воздухот е главниот причинител за над 1.300 смртни случаи годишно и зголемен број лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светска банка, загадувањето на воздухот ја чини државата околу 2,5 отсто од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно. Градот Скопје и други релевантни институции во изминатите години направиле серија анализи и студии со кои е утврдено дека највисоки концентрации, кога се анализираат просечните месечни или дневни концентрации, се јавуваат во текот на зимскиот период, за време на грејната сезона, што е веќе и општо познато. Сите анализи и наоди спроведени досега, се вели во планот, укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот и во Скопската котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт, каде што е пресметано дека дури 90 отсто од вкупните емисии на ПM-честичките доаѓаат од загревањето со огревно дрво.