(Во спомен на Љупчо Сивески, 1961-1981 г.)
При мојот неодамнешен престој во Шангај, за време на Фестивалот на краток игран филм на Југоисточна Европа, заедно со црногорскиот режисер Андро Мартиновиќ, а со помош на Паскал Делпеш, директорка на Француската алијанса во Шангај и преведувачка на Данило Киш и на Иво Андриќ, ја откривме црквата „Св. Тихон Задонски“ во која две децении од својот живот поминал свети Јован Шангајски (1896-1966). Овој светец е еден од најголемите исцелители на модерните времиња и неговиот живот е исполнет со недоброј чуда, од неговата родна Русија и бегството за време на Октомвриската револуција, како и неговото патешествие по сите континенти, почнувајќи од Балканот (Белград, Битола и Охрид) преку Кина и Париз, завршувајќи го својот босоног поход до божјата вечност во 1966 година во Сан Франциско.
Да се открие црквата во која св. Јован Шангајски се грижел за 4.000 сирачиња, помеѓу двете светски војни, во овој град што сега станува прва метропола на глобалната иконографија, само по себе е чудо, но вистинското книжевно чудо се случи на мојата средба со повеќе кинески балканолози и слависти! Имено, еден од нив, Јанг Ли, ми се обрати со молба да му испратам поголем број текстови од младиот македонски поет Љупчо Сивески, кој беше застапен во последната Антологија на современата македонска поезија, објавена во Пекинг, приредена на крајот на 1980-тите години од академик Гане Тодоровски, бидејќи во антологијата имало две негови песни. Причината поради која кинескиот балканолог ги побара песните на Сивески е, според неговите зборови, тоа што иако овој автор живеел само 20 години, му изгледал и му звучел дури и на кинески како светец на македонскиот книжевен идеализам. Деновиве ја најдов книгата „Тестамент“, што за тогашната издавачка куќа „Мисла“ ја подготвивме заедно со Петре М. Андреевски, летото 1981 г., непосредно по неговата смрт на 18 јули во сообраќајна несреќа, во местото наречено Светец, помеѓу Демир Хисар и Крушево и погребот во неговата родна Слојштица. Петре М. Андреевски со својата позната прецизност и перфекција, ги дешифрираше неговите ракописи од неговите студентски соби во Белград, каде што студираше светска книжевност и во Скопје каде што беше запишан на историја на јужнословенска книжевност, а јас го пишував опсежниот предговор со наслов „Испеана смрт“. Љупчо Сивески беше заљубен во поезијата на исто така прерано починатиот поет Наум Манивилов-Преспански (1934-1961) и стиховите на Петре М. Андреевски, посветени на подземниот градинар:
„Кој скријан, која Македонија ти се врти во слухот блажен
Ја измени ли водата низ тебе што тече
Кој то беше зборот што не успеа да го кажеш
Подземен градинару со смртта што се лечиш“
Подготвувајќи ги текстовите што скенирани треба да патуваат во Кина, всушност ја открив големата тежина на конфуцијанската дефиниција на Јанг Ли, која може да биде илустрирана со сите песни во „Тестамент“ и во записите во проза, кои се чувствуваат како да се напишани денес, иако поминаа речиси четири децении од нивното создавање. Насловната песна на книгата има животворна сила да нѐ увери дека поезијата не познава јазични духовни и историски граници.
„Тестамент“
Јас!
Квазимодо,
ѕвонарот на црквата Св.
Богородица
од село Слојштица,
домот господов
загинав невиден од никого
откако си го ископав
својот гроб
Димов Рид на нивата
Јоноска.
Сега ви пишувам по
темница
и си мислам:
Што ли им оставам на
моите сирачиња?!
Добри луѓе што ќе го
чуете мојот Говор
(што ќе помине низ
вашите заголнати уши)
и што ќе го видите мојот лик
врз огледалата со кои си
ја довикувате
заблудата,
Ве преколнувам во
името што го немате!
Пренесете го во мојот
сакат дом
заветот што по туѓи
ветрови го праќам
место наследство за децата
кои се уште го слушаат
ехото
на тешкиот звук на
мојата камбана
како задоцнет плач на
планините.
-Детулиња мои отсега
и натаму
барајте го лебот и
татковината
гонејќи го во бескрајот
звукот на сите камбани.
За да се собере книгата „Тестамент“ се бараа ракописи во Слојштица, во Демир Хисар, во домот на неговите родители, чие благородие и достоинство се исто толку бескрајни и топли, колку душата на нивниот вознесен син. Потоа се одеше по одаите низ Белград и Скопје каде што се симнуваа од ѕидовите неговите цртежи и размножени распетија, неговите соништа раскажани низ линии, во кои секој миг на стравот и пркосот ја добиваше својата заокружена и закатанета енигма. Се чекаа писмата од неговите девојки. Се претресуваа приватните студентски архиви на театарската работилница „Неверни години“. Се збираше сѐ што беше раздадено во неговиот ведар и прозрачен Дуовден, зашто тој самиот се даруваше, раздаваше за душа, не знаејќи што значи ни зол чекор, ни зла мисла, ни злословие. Беа веќе поминати првите денови од закопот, спроти Илинден, летото 1981 г., на полноќ, во неговиот дом во Демир Хисар, додека мислевме како земјата го впива неговиот лик, како жедна аждаја и како му капеа росите од зрелите плодови, на неговата вечна стража на Слојштичката порта, каде што тече Бела Река, во сонот што му продолжува, токму на полноќ паднаа книгите од ѕидот над нас и се појавија нови хартии пишувани непосредно пред денот на смртта: песната се вика „Збогум погубителу!“
Љупчо Сивески се збогува со својот погубител, кој дојде по него веќе следниот ден и ни ги завешта зборовите на една поезија, која ќе се обновува во времето што доаѓа како профетски занес, како литургија на животното ингениозно претчувство. Ако песната „Тестамент“ беше самоанализа на искушението, загатнатиот вовед во она што доаѓа, „Збогум погубителу“ е скаменета и пеколно жива проштална закана од вечно младиот македонски автор Љупчо Сивески, негово отворено обраќање до иднината, која тој ја воспеа и презре низ зборовите „поетите не знаат за смрт“.
Благодарение на кинескиот балканолог и на неговата желба да прочита сѐ што има и нема напишано Љупчо Сивески, а следејќи ги неизбришливите духовни траги на Конфуциј, дека духот е толку силен што може во едно деноноќие да го пресоздаде светот, му испратив и два текста, кои се пишувани во два различни историски периоди. Едниот е пишуван пред крвавото распаѓање на Југославија, а вториот пролетта 2011 година, 30 години по неговата смрт.
Кога тргнаа скенираните текстови на Љупчо Сивески, спроти Илинден 2019 г., меѓу Македонија и Кина, меѓу сонот и јавето го видов чудотворецот св. Јован Шангајски со бескрајната прегратка меѓу Шангај и Сан Франциско, во истиот град каде што Андре Малро го пишуваше романот „Човечката судбина“, како ги упатува неговите зборови во интернационална молитва за цивилизацијата на љубовта и носталгијата по единството: „Господе голем, та најголем спаси ја Човечката надеж од меѓународната перверзија на политичкиот криминал, од тиранијата на баналноста и трите ледени брега кон кои плови планетата како Титаник – социјалниот, еколошкиот и нуклеарниот!“ Чудотворната синтеза на откритието на црквата на св. Јован Шангајски и книгата „Тестамент“ на вечниот мадич на македонската книжевност е скромен прилог во интернационалните архиви на бесмртноста на идеалите и духовната ризница.
Јордан Плевнеш