Иако навидум изгледа исто, и процесот со избор на европски обвинител се развлекува онака како што се развлекува кај нас изборот за нов специјален обвинител, сепак состојбите на ова поле во Македонија и во ЕУ не се исти
Македонија мака мачи како да се усогласат различните позиции во врска со носење на новиот закон за Јавното обвинителство и изборот на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција. Изминатиот период тоа е клучна тема околу која се кршат копјата помеѓу партиите од власта и од опозицијата, кои во јавноста веќе лицитираат и со имиња за потенцијални функционери, додека за новиот закон во оптек е и лидерска средба на партиите.
Свое гледиште за оваа тема даваат и странските посредници од ЕУ и од САД.
Инаку, законот за Јавното обвинителство што го предложи Владата, влезе во собраниска процедура, но за да се изгласа законот е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласа, кои владејачките партии ги немаат во моментов.
Во меѓувреме, на ова поле слична е и состојбата во Брисел, каде што во овие моменти првпат во историјата се избира идниот главен обвинител на ЕУ.
И таму позициите и очекувањата во однос на тоа кој треба да ја врши оваа функција се различни па на моменти и спротивставени.
Хронолошки гледано наназад, уште во 2017 година советот на ЕУ усвои регулатива за формирање на Европското јавно обвинителство со кое ќе раководи специјален европски обвинител. Според најавите од пред три години, ова европско обвинителство првенствено ќе работи на спроведување на Законот за борба против измамата и криминалот во Европската Унија. Конкретно, оваа правна институција, која ќе биде лоцирана во Луксембург, ќе биде задолжена за истрага, гонење и изведување на сторителите на прекршоци против финансиските интереси на Европската Унија пред лицето на правдата.
Американскиот магазин „Политико“ на оваа тема информира дека во Европа се води вистинска чудна трка за избор на европски обвинител.
„Политико“ информира дека за оваа функција, која првпат ќе биде устоличена во ЕУ и која треба да започне со работа 2020 година, постојат двајца кандидати меѓу кои се води долга трка на апсурди, а станува збор за романската обвинителка Лаура Ковеси и за нејзиниот француски колега Жан Франсоа Бонер.
– Никој од двајцата кандидати во својата кандидатура не е поддржан од домашните влади, но се чини дека по оваа долга трка на апсурди еден од нив ќе седне на функција на ова исклучително важно место – пишува „Политико“.
Магазинот подвлекува дека за оваа функција за европски обвинител, слично како и за другите високи функции на ЕУ, во моментов има затишје бидејќи зад сцената се лобира во политичките кругови во Брисел од страна на дипломатите и на владите на државите, кои се обидуваат да влијаат за избор на нивни граѓани на овие битни клучни позиции во Унијата.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека иако навидум изгледа исто и процесот со избор на европски обвинител се развлекува онака како што се развлекува кај нас изборот за нов специјален обвинител, сепак состојбите на ова поле во Македонија и во ЕУ не се исти.
– Случувањата не можат да се перципираат од иста диоптрија бидејќи кај нас овој процес е одолжен или е ставен под прашалник поради спорниот кредибилитет и стручноста на одредени обвинители, кои треба да седнат на оваа нова функција, а во ЕУ станува збор за одолжен избор на обвинител поради дипломатско лобирање, а не поради проблематична стручност – вели Пекевски.
Тој истакнува дека треба да се прави разлика меѓу спорниот кредибилитет и лобирањето за овие правни функции.
– Спорниот кредибилитет е лоша работа и тој може директно да му наштети на правниот систем во земјата. Ние го имавме тоа во примерот на поранешната висока функционерка на СЈО, која од нескладно ниско ниво на работа започна да се занимава со исклучително тешка проблематика и новиот предлог за оваа функција, каде што имаме обвинителка зад чие дејствување и име во јавноста се поврзуваат голем број афери. Од друга страна, лобирањето во ЕУ не е лоша работа и нормално е да постои тоа во меѓународни организации бидејќи на таков начин европските држави се борат да истакнат видни професионалци од нивните земји на клучни позиции, кои потоа не дејствуваат во корист на никого освен на правото. Имено, тоа се гледа и во конкретниот случај за изборот меѓу Ковеси и Бонер за европски обвинител, бидејќи никој ним не им ја оспорува нивната стручност бидејќи тие се на нивото на задачата, туку состојбите траат подолго од очекуваното поради политичкото влијание на државите што се поделени во табори за ова прашање – резимира Пекевски.