Судството и правдата ќе бидат уништени доколку политичарите инсистираат во судството, наместо стручноста, да преовладува националниот клуч, односно таканареченото Бадентерово мнозинство
Зошто во Македонија секое одлучување за покрупно општествено правно прашање добива етничка димензија? Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по серијата изјави на политичарите од албанскиот блок партии на оваа тема, поврзани со формирањето на новото обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Хронолошки гледано наназад, прва се огласи пратеничката група на ДУИ, која побара обвинителот на новото споено обвинителство советот на обвинители да го избира со двојно Бадентерово мнозинство. Пратеникот Артан Груби за новинарите изјави дека неговата партија нема резерва кон ниту една личност и запраша зошто идниот обвинител да не е Албанец. Груби појасни дека барањето на ДУИ за Бадентер го темелат на претходното решение, кога обвинителката на СЈО Катица Јанева беше избрана со такво, двојно мнозинство.
Партијата Алтернатива на Африм Гаши, која, пак, е коалициски партнер во владата на Зоран Заев, ја предлага Фатиме Фетаи за шефица на новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција. Од Алтернатива велат дека сега, кога треба да се избира новото име за управување со новото обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, партијата ја користи оваа можност да ја предложи обвинителката Фатиме Фетаи да раководи со ова обвинителство, бидејќи, според нив, таа е кадар што досега не оставил зад себе траги од злоупотреба на службената должност.
Во сублимиран заклучок стручната јавност со која се консултиравме вели дека конотацијата на овие случувања не му носи ништо добро на правниот систем во државата. Дополнително, етничката карта на избор на новиот обвинител е спротивна од Уставот на државата и, доколку се протурка, само дополнително ќе ја отежне работата на идниот функционер.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека ниту по Уставот ниту по која било законска одредба некаде е определено да има етничка припадност на обвинител, судија или адвокат во правниот систем на државата.
Според Илиев, обидите на партиите од албанскиот блок да наметнат Бадентерово гласање имаат за цел работите во новото обвинителство да ги постават како во Републичкиот судски совет, каде што при избор на судии се користи националната карта. Илиев ги советува оние што раководат со државата да направат максимални напори за да не дозволат етничката карта да навлезе во новото специјално обвинителство, бидејќи на тој начин ќе се уништи кредибилитетот на одделението пред да почне да дејствува. – Обвинителот е титула, која треба да биде слободна од политичко и национално дејствување и треба да има општ авторитет, да личи на американската поставеност, каде што и самиот претседател, сега Доналд Трамп, се плаши од наодите на државниот обвинител – резимира Илиев.
Адвокатот Александар Тортевски ги оценува дејствувањата на партиите како штетни и вели дека никаде во светот нема практика во која националноста може да биде услов за поставување на функција или работа на некој обвинител.
– Обвинителот треба да биде независна личност и крајно професионална. Поаѓајќи од таквата констатација, неговата националност е тотално небитна – вели Тортевски.
Тој додава дека изборот според Бадентер во Македонија се користи во Советот на обвинители и Републичкиот судски совет и токму поради тоа партиите имаат силно влијание, што, пак, резултира со лошото правосудство што го имаме денес, кое е далеку од европските и светските стандарди.
Законот за јавно обвинителство пред пратениците на 27 август
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа седницата за предложениот закон за јавно обвинителство на 27 август. Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. На истата седница ќе се расправа и за предложените измени на законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, по скратена постапка.
Со предложениот закон за јавно обвинителство се основа јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, кое, меѓу другото, е надлежно да постапува по кривичните дела што се поврзани и кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година. Со донесување закон за ЈО, СЈО и обвинителството за организиран криминал и корупција се спојуваат во јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, кое ги презема почнатите постапки на СЈО во фазата во која се затекнати.