ИНТЕРВЈУ: Хосеин Карими, амбасадорот на Исламска Република Иран во Република Македонија
Глобалните случувања околу Иран и релациите со САД деновиве се во фокусот на вниманието на домашната и светската јавност.
Која е заднината на релациите меѓу Вашингтон и Техеран поврзана со т.н. ирански нуклеарен договор, што овие случувања значат за Блискиот Исток и светот, какви се односите и соработката на Македонија и Исламска Република Иран, но и како властите во Техеран гледаат на наметнатиот спор за името, се само дел од темите на кои во ексклузивно интервју за „Нова Македонија“ говори Хосеин Карими, амбасадорот на Исламска Република Иран во Република Македонија.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги повлекува САД од т.н. ирански нуклеарен договор, за кој вели дека е „катастрофален“ и за кој смета дека „никогаш не требало да биде склучен“. Трамп, исто така, го обвинува Иран за „прекршување на договорот“, како и за „малигно однесување, вклучувајќи и злобни активности во Сирија, Јемен и на други места низ целиот свет“. Каков е вашиот одговор на ваквите обвинувања?
– Одлуката на г. Трамп за повлекување од нуклеарниот договор е кршење на меѓународните обврски на Америка и газење на правните и политички принципи и норми што ги регулираат односите меѓу земјите и заслужува осуда. Исламска Република Иран ги има спроведено сите свои обврски поврзани со нуклеарниот договор, а Меѓународната агенција за атомска енергија во неколку наврати го потврдила тоа. Г. Трамп се обидува да ги уништи сите достигнувања на претходната американска администрација и со ширење обвинувања и малигни зборови се обидува да ја прикрие оваа негова историска грешка.
Европските земји тврдат дека иранскиот нуклеарен договор не е „мртов“, додека другите потписнички на договорот нагласуваат дека ќе продолжат да го поддржуваат и покрај одлуката на Трамп да се повлече. Каква е позицијата на Иран? Дали сѐ уште е жив договорот?
– Одлуката на г. Трамп не значи и „смрт“ на нуклеарниот договор. Волјата на Европската Унија заедно со Русија и со Кина за зачувување на договорот преку позитивен и конструктивен ангажман со Исламска Република Иран може да ги усогласи условите за продолжување на животот на овој договор. Исламската Република Иран е подготвена за унапредување на оваа цел.
Некои медиуми и аналитичари предупредуваат дека одлуката на САД би можела да предизвика нова нуклеарна трка на Блискиот Исток, бидејќи Иран повеќе нема мотиви да не ја развива својата нуклеарна програма, додека Саудиска Арабија најави дека и таа сака да стигне до атомска бомба, а Израел веќе се смета за недекларирана нуклеарна сила. Колку сме блиски до нова трка за нуклеарно оружје?
– Никако не се согласувам со ваквите поими на медиумите и презентирањето на ваквите тези не го гледам како корисно. Не треба да се дозволи споменатите аналитичари и медиуми преку сензационализам и пропаганда, регионот и светот да ги пренасочат кон нејасни дестинации. Исламска Република Иран е строго против какво било производство, проширување и употреба на нуклеарно оружје и ги повикува сите земји и меѓународни институции да ги зголемат напорите за разоружување на светот од нуклеарното оружје.
Исто така, се предупредува дека повлекувањето на САД од договорот може да предизвика нови конфликти на Блискиот Исток, на пример меѓу Иран и Израел или меѓу Иран и Саудиска Арабија. Колку се точни ваквите прогнози?
– Блискиот Исток нема потреба од тензија и криза. Блискиот Исток има потреба од мир, спокој и безбедност и решавање на работите преку дијалог и разбирање. Се надеваме дека режимите и земјите што се главен извор на тензии и војни во регионот, со помош на разумот и мудроста, ќе се воздржат од провокативни акти. Исламска Република Иран го има искористено и ќе го користи сиот свој потенцијал за зачувување и зацврстување на мирот во регионот.
Конечно, некои сметаат дека администрацијата во Вашингтон размислува за „промена на режимот“ во Техеран, што би можело да доведе до директна конфронтација меѓу САД и Иран. Дали е можен таков конфликт?
– Размислувањата што можат да постојат во Америка имаат врска само со оние што размислуваат така. Но тие што подобро ги разбираат нештата знаат многу добро дека поради широката милионска поддршка на народот за Исламска Република Иран, ваквите размислувања се погрешни. Исламска Република Иран не сака тензии со никого.
Македонија и Иран се две држави што се наоѓаат под силен меѓународен притисок, но од сосема различна природа. Па, од таа гледна точка, како ги коментирате случувањата поврзани со наметнатиот спор за името што нашата земја го води со Грција?
– Со случувањата во вашата земја сум добро запознаен и знам дека Република Македонија во годините по осамостојувањето се соочувала со многу предизвици. Истовремено верувам дека има постигнато големи успеси во напорите за справување со овие предизвици и во целина има позитивно движење напред. Но во последните две години, Република Македонија има вредни достигнувања и во надворешната политика, особено со соседите, и постои голема надеж дека и другите проблеми ќе бидат решени врз основа на почитување на барањата и идентитетот на народите.
Како го оценувате нивото на економската соработка меѓу двете земји и има ли некои конкретни проекти или ирански инвестиции што можат да се најават во иднина во Македонија?
– Република Македонија секогаш била важна економска и трговска страна за Иран, а причина за тоа се големиот постоен потенцијал за соработка и барањата и интересот на двете земји за искористување на тој потенцијал. Исламската Република Иран става акцент врз зацврстувањето и проширувањето на економските односи со Република Македонија. Нормално е дека ќе бидат искористени сите начини и елементи за постигнување на оваа цел. Присуството на висока трговска делегација од Иран во изминативе денови во Скопје и активирањето на Стопанските комори се дел од споменатите начини.