МАКЕДОНИЈА ИСЧЕЗНУВА ОД ВОКАБУЛАРОТ НА АТИНА
Според аналитичарите, најновиот говор на шефот на грчката дипломатија Дендиас, во кој бевме нарекувани само северен сосед наместо Република Северна Македонија, во согласност со Преспанскиот договор, претставува популистичко обраќање што треба да ја задоволи грчката јавност, особено онаа конзервативната
И покрај постигнувањето на Преспанскиот договор и промената на името, на кои беше принудена Македонија, официјални грчки претставници и функционери и понатаму не нѐ нарекуваат според името на државата, туку кој како сака. Најнов пример е неодамнешниот говор на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во грчкиот парламент, во кој тој говореше за како да се намалат негативните последици од Преспанскиот договор, но и да биде толерирана нецелосната усогласеност на нивната страна. Притоа, за време на неговото обраќање, министерот, намерно или случајно, одбегнуваше да нѐ именува по новото уставно име Северна Македонија, туку постојно нѐ нарекуваше како северниот сосед. Зборот Македонија како да исчезнува од вокабуларот на Грција и наместо тоа сега нѐ нарекуваат како северен сосед.
– Ќе направиме сѐ што можеме да се намалат негативните последици од Преспанскиот договор, ќе се стремиме и кон продлабочување на односите со северниот сосед, но нема да толерираме нецелосна усогласеност – порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во неговиот говор во грчкиот парламент.
Ваквиот начин на зборување во грчкиот парламент на Дендиас предизвика коментарите во домашната јавност да одат дотаму што некои иронично забележуваат дека можеби треба да се врати Алексис Ципрас на власт во Грција за да повторно бидеме Северна Македонија. Сепак, според стручната јавност, новата грчка влада предводена од Киријакос Мицотакис нема да го оспори Преспанскиот договор, но ќе го усложни неговото спроведување преку опструкции во билатералните комисии или преку различни интерпретации на одредени прашања. Преспанскиот договор е завршена приказна и во Грција, и затоа аналитичарите не очекуваат да има промени во Договорот. Но во исто време, дел од нив велат дека победата на Нова демократија на изборите може да донесе промена во однесувањето на Грција кон земјава, со што евидентно укажува и ваквиот говор на новиот министер за надворешни работи, Дендиас. Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи ги последните развои во грчкиот парламент и најновиот говор на шефот на грчката дипломатија Дендиас, во кој ние бевме нарекувани како северен сосед наместо Република Северна Македонија, вели дека тоа се популистички обраќања кои треба да ја задоволат грчката јавност, особено онаа конзервативната.
– Сметам дека не треба да потклекнуваме на такви провокации, бидејќи Преспанскиот договор е реалност како за нас така и за Грција т.е. тој не може да се менува. Уште повеќе, Мицотакис даде гаранции дека нема да го чепка Договорот. За нас е побитно во таа смисла формалната комуникација на Грција со РСМ – вели Чупевска.
Како што објаснува професорката од Катедрата за политички науки, дел од грчките политичари пред домашната јавност зборуваа сѐ и сешто, па така и сега.
– Но доколку внимателно се проследи говорот на Дендиас, се гледа дека е во обид да балансира домашни апетити и меѓународни обврски. Тој ја потврдува имплицитно заложбата од Преспа за поактивно присуство на Балканот, што впрочем само со Преспанскиот договор е овозможено преку стратегиското партнерство на двата соседи. Се разбира, ова треба да се чита во контекст на потребата да се наметнат како лидери на Балкан и долен Медитеран наместо Турција, да речеме. Оттука, за нас е најважно Грците во меѓународната јавност да ни се обраќаат со новото име и во исто време да не ни ги блокираат нашите евроатлантски аспирации – објаснува Чупевска.
Професорката додава дека домашната јавност треба да се фокусира на спроведувањето од Преспанскиот договор и сѐ што произлегува од него, а не на провокации, бидејќи според неа тоа е нашиот услов за ЕУ и за НАТО.
Од друга страна, политичкиот познавач на состојбите, професорот Лазар Лазаров, вели дека би било смешно да не се очекуваа вакви провокации од грчка страна по смената на умерените СИРИЗА. Според Лазаров, името Македонија не е променето, туку е додадена само придавката северна, јазикот останува македонски, народот македонски и сѐ македонско без оглед на тоа колку грчката страна тоа го негира.
– За мене многу е важен говорот на премиерот Мицотакис. Тој иако дојде на власт токму преку таа линија на критика на Преспанскиот договор, деновиве изјави дека тој сепак ќе го почитува и спроведува истиот без оглед на сѐ. На ова веднаш му возврати поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, притоа прашувајќи го јавно дали сега е добар Преспанскиот договор. Оттаму, важно е што мислат премиерот и Владата, а не политичарите како единки. Зад Преспанскиот договор стојат ЕУ, НАТО, САД и целата меѓународна заедница. Негова корекција не е можна ниту, пак, дополнување. Важно е да ја гледаме сегашноста, а и иднината, која според мене е на добар пат да биде светла и со тоа да се исполни желбата за наше членство во ЕУ и во НАТО – вели Лазаров.
Според професорот, иако ваквите чекори на грчките политичари не се коректни, тоа не треба да нѐ засега многу во иднина.
Инаку, според Мицотакис, Преспанскиот договор е штетен за грчките интереси, иако вели дека е правно обврзувачки. Во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“ тој рече дека нема да се откаже од правото на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија. Претходно, пак, одговарајќи на новинарски прашања, тој изјави дека според Преспанскиот договор, Грција не може да стави вето на почнувањето на пристапните преговори за членство на земјава во ЕУ.
Првите сигнали од Мицотакис се позитивни
Во однос на договорот од Преспа и очекувањата од новата влада во Грција, Заев ги оценува како позитивни првите сигнали што доаѓаат од новоизбраниот грчки премиер Киријакос Мицотакис.
– Кога договорот беше ратификуван, тој рече дека е против него, но ако грчкиот парламент го ратификува, а тоа е меѓународна ратификација, треба да гледаме напред. Верувам дека со текот на времето, договорот ќе даде позитивни придобивки и за Северна Македонија и за Грција – изјави македонскиот премиер.