Александар Прокопиев за „Модерна времена“
Имаше некое затишје, ужасно, неправедно, идиотско, кога човек се чувствуваше како некоја будала изолирана, а ти останале толку пријателства… Во Скопје мислам дека има повеќе од дваесет преведени хрватски писатели по книжарниците, некои се и многу читани, вели Прокопиев
Македонскиот писател Александар Прокопиев за хрватскиот магазин, портал за книгите и културата на читањето, „Модерна времена“, дава опширно интервју објавено по повод неговото неодамнешно гостување на саемот на автори и книги „Врисок“ во Риека. Тој зборува за книжевната сцена во Македонија и за новите автори, кои ѝ се добро познати на хрватската читателска јавност, како Лидија Димковска, Ермис Лафазановски, Венко Андоновски, Гоце Смилевски… за кои вели дека се различни, но сите одлични.
– Имаше некое затишје, но сега се отвори книжевната сцена, и за хрватските писатели кај нас и за нашите тука, и гледам дека има многу интерес бидејќи ние сепак сме семејство. Овие наши автори се многу шармантни и многу патуваат. Е сега тоа е времето на прозата. Кога ќе кажеш книга раскази, супер, а роман? А поезијата, кога во овој регион секогаш била навистина врвна, и сега има млади поети што се навистина добри – вели тој.
За културната размена на подрачјето на поранешната држава Прокопиев вели дека сега почнува.
– Сега влегоа и Словенците, кои беа мошне онака на страна. Словенците сакаат да објавуваат книги на овие наши јазици и нашите на нивниот. Е сега, тука малку се замислив. И потоа нѐ открија овие од Запад, „Традуки“, Европската агенција, како ли се вика… Но резултатот е добар. Како културна политика, таа наша регионална размена тргна во последните десет години. Имаше некое затишје, ужасно, неправедно, идиотско, кога човек се чувствуваше како некоја будала изолирана, а ти останале толку пријателства… Во Скопје мислам дека има повеќе од дваесет преведени хрватски писатели по книжарниците, некои се и многу читани. Еве сега Каракаш ме интересира, бидејќи неговата книга е многу добра, па Ивица Пртењача, одлично му е прифатен романот „Брдо“, па потоа Татјана Громача, дури ми правеше и интервју, тогаш беше новинарка за „Зарез“…
Во интервјуто тој зборува и за дехуманизацијата за која сведочиме денес, за тоа што луѓето си прават едни на други.
– Еве еден сликовит опис. Во бајката кај Лити ги има тие три слоја на бајка. Првиот слој е социјалниот слој, се случува таа бајка во нешто препознатливо, во некое село во Германија или Македонија. Тоа е таа најнадворешна работа. Таа е многу силна во нашево време. Таа надворешна страна на нашата личност, која е најмалку важна во суштина, таа е доминантна, како да се однесуваш, да се биде модерен, да се земе постструктуралистички докторат, тоа е сѐ. Потоа доаѓа онаа другата, послоевитата што се однесува на нашите лични искуства. Затоа некои бајки се поспецифични од други, и подобро. Тоа се нашите пријателства, односи со блиски луѓе, пронаоѓање сродна душа. Исто е важно да го задржиме тој дел од таа духовност. Но третиот слој е најважен, тоа е тој архетипски слој, да го употребам тој израз, тоа сме ние самите. Каде се препознаваме? Но ние немаме доволно време, ни желба дури, бидејќи сите сме во трагање нешто да најдеме – да најдеме сродна душа со која ќе живееме, да најдеме сроден пријател што ќе биде покрај нас. Значи, тука е тој напор како да се ослободиме од надворешноста, како да се влезе во овој подлабок слој. Но да се влезе во оној третиот, тоа е најтешко… Тука уметниците се во предност… Вистинскиот уметник влегува во тој слој, и тој е најкреативен и најчовечки. Тогаш стануваш она што си, и не се плашиш ни од своите порази, ни од своите грешки, ни недостатоци, едноставно го живееш својот живот – вели Прокопиев.
Инаку тој беше гостин на 12-то издание на Саемот на книгата и книжевниот фестивал на автори „Врисок“, кој се одржа во Риека, Хрватска (избрана за Европски град на културата за 2020 г.). На фестивалот беа претставени книжевните дела на триесетина значајни регионални автори, меѓу кои Слободан Шнајдер, Клаус Детлеф Олаф, Зоран Предин, Боривој Радаковиќ, Срѓан Воларевиќ, Ласло Вегел… Претставувањето на хрватскиот превод на книгата „Човечулец“ се одржа во Гувернеровата палата во Риека.
– Човечулецот се движи низ Европа, веќе стапна во Азија и во Африка, но мене, како автор, најдраго ми е кога патува и се препознава низ нашиот регион – вели Прокопиев.