Добрите познавачи на околностите во врвниот фудбал велат дека играчите, менаџерите или сопствениците на клубовите не се вистинските „кралеви“ во овој спорт, туку суперагентите

Јувентус, по доста одложувања, го финализира трансферот на младиот холандски фудбалски интернационалец, Матијас де Лихт (19). Навивачите на „старата дама“ пред клупскиот тренинг-центар „Виново“ со многу аплаузи го дочекаа Де Лихт, но со речиси иста возбуда, обично резервирана при ангажирањето нови играчи од кои многу се очекува, тие почнаа да го скандираат името на еден средовечен човек, кој излезе од својот автомобил. Тој човек беше Мино Раиола, агентот на Де Лихт, пишува „Јаху-спорт“.

Добрите познавачи на околностите во врвниот фудбал велат дека играчите, менаџерите или газдите на клубови не се вистинските „кралеви“ во овој спорт, туку суперагентите. Најверните навивачи на Јувентус го обожаваат Раиола поради начинот на кој тој ги работи трансферите и за начинот на кој на клубот му донесе рекордни 111 милиони долари од продажба на неговиот клиент, Пол Погба. Додека Раиола го минуваше паркингот, навивачите извикуваа „врати го Погба“. Т.н. суперагенти, како Раиола и Хорхе Мендеш (кој се грижи за Кристијано Роналдо, Давид де Хеа, Жозе Мурињо и за Диего Коста), го контролираат протокот на врвните таленти меѓу најдобрите клубови, пишува „Јаху-спорт“.

Поради способноста да дејствуваат како посредници меѓу играчите и клубовите, агентите се платени како суперѕвездите во Премиер-лигата. Според „Форбс“, компанијата на Мендеш минатата година заработила 100,5 милиони долари од провизии, а Раиола 62,9 милиони долари. Агентите земаат проценти од трансферите на играчите, но и од комерцијалните и спонзорски зделки на играчите. Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија ги објави надоместоците за сите регистрирани посредници, за ланската година, заклучно со 31 јануари. Според тие податоци, премиерлигашките клубови на агентите им исплатиле над 323 милиони долари. Најмногу од нив, европскиот првак, Ливерпул, 54,5 милиони долари, за трансферите на Наби Кеита, Вирџил ван Дајк и на Алисон Бекер.

Тука се поставува прашањето, зошто на играчите и на клубовите им е потребна трета страна за да им помогне да „прават бизнис“. Што, всушност, прави агентот? Во суштина, агентот е добар комуникатор, кој гарантира дека клиентот ќе го добие најдобриот можен договор. Дополнително, агентите ги надгледуваат комерцијалните договори и ги контролираат медиумските настапи на своите клиенти. Агентите не се омилени кај клубовите поради нивната способност да преговараат за повисоки трансфери како и за тоа што ги охрабруваат талентираните и барани играчи да се преселат во друг клуб. Играчите, пак, агентите ги гледаат како „старатели“ што ќе им помогнат да заработат повеќе, пишува „Јаху-спорт“.


Еден Азар, Лионел Меси и Нејмар

Татковците-менаџери се реткост

Мал број фудбалери сами ги договараат трансферите, но не е невообичаено родителите на младите играчи да управуваат со нивните кариери. Всушност, три од најголемите ѕвезди во моментов ги избегнуваат суперагентите, вработувајќи ги татковците. Тоа се Лионел Меси, Нејмар и Еден Азар. Но доказите укажуваат дека ангажирањето на таткото како агент и не мора да биде најдоброто решение.