Дали токму Македонија и Албанија може да бидат првите жртви на определбите за реформи на Унијата и рекомпонирањето на европското лидерство.
Аналитичарите имаат различни прогнози за тоа кој добива, а кој губи
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш отворено порача дека не размислува за проширување на Европската Унија додека таа не се реформира однатре, но се поставува прашањето кој би имал најголема полза од кочењето на процесот за влез на балканските држави во ЕУ.
Македонија, и покрај тоа што го реши најгорливото прашање за името со Грција, а кое беше посочувано како главен услов за добивање датум за почеток на пристапните преговори со Унијата, повторно е оставена во чекалницата. Сè помалку веројатно е дека тоа ќе се случи и во октомври, со оглед на краткиот период за спроведување на бараните реформи, но и турбуленциите што се случуваат на политичката сцена по последната афера именувана „Рекет“.
– Скептичен сум околу изјавите дека иднината на Европа лежи во понатамошното проширување, кога не може да се постигне договор ни меѓу 28-те земји-членки… Нема да прифатам никакви проширувања пред да бидат спроведени длабински реформи што ќе овозможат институционално функционирање – порача францускиот претседател Макрон на самитот на европските лидери во Брисел.
Истиот став го повтори и за време на неодамнешната посета на Србија.
Се чини дека токму Македонија и Албанија ќе бидат првите жртви на Макрон, кој стои цврсто на своите определби за реформи на Унијата, иако политичарите од двете земји нагласуваат дека тие не бараат членство, туку почеток на преговори, процес што трае со години и кој овозможува Унијата да си ги спроведува неопходните внатрешни реформи. Дека работите нема да се променат, сведочи и тивкото повлекување на германската канцеларка Ангела Меркел, еден од главните поддржувачи на доделувањето датум за почеток на преговорите со ЕУ за Македонија.
Од друга страна, поддржувачите на проширувањето велат дека ширењето на ЕУ со земјите од Балканот би било пожелно за да се спречи растечкото влијание на Русија и Кина врз овој дел од светот.
Според дел од аналитичарите, освен главните европски држави, како Франција и Германија, друг не би можел да има полза од закочувањето на процесот за проширување со земјите од Западен Балкан. Други, пак, сметаат дека вакуумот со проширувањето би можеле да го искористат земји што не ѝ мислат добро на Унијата.
– Најголема полза од овој процес на закочување би имале лидерите на главните европски земји, посебно Макрон, кој сака да остави белег при рекомпонирањето на темелите на европски институции, кои беа поставени многу одамна – смета аналитичарот Јове Кекеновски.
Тој додава дека покрај Германија и Франција, не гледа некој друг што би можел да има полза од ваквиот развој на настаните.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, полза од закочувањето на процесот за проширување би можеле да имаат единствено земјите што посакуваат дестабилизација на ЕУ.
– Никој не би имал интерес од сопирањето на процесот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, освен земји што сакаат да ја дестабилизираат Унијата – вели Трошановски.
Негово мислење е дека членките на ЕУ немаат никаква полза од одолжувањето на овој процес.
Регионалните аналитичари сметаат дека закочувањето ќе влијае врз мотивацијата на балканските земји за спроведување на неопходните реформи, но и ќе го отвори сомнежот околу нивната европска иднина.
– Потфрлањето на ЕУ да ја награди посветеноста на Северна Македонија со преговори за членство, го зголемува ризикот за напорите на блокот да ги охрабри реформите на Балканот – смета Никола Буразер од Центарот за современа политика во Белград.
Според него, доколку Македонија не биде наградена, тоа ќе биде сигнал за другите земји од Западен Балкан дека нивната ЕУ-иднина не е сигурна.