Фото: Игор Бансколиев

Верските аналитичари велат дека во моментов вселенскиот патријарх е фокусиран на прашањето да обезбеди поддршка од другите цркви за томосот потпишан за Украина и оти ако ГПЦ биде следната црква што ќе воспостави литургиско единство со Украинската црква, тогаш тоа ќе значи охрабрување за другите цркви да го сторат истото тоа, а од друга страна, ќе значи и отворен пат и за решавање на македонското црковно прашање

Вселенската патријаршија очекува наскоро признавање на Украинската автокефална црква и од другите помесни православни цркви. Патријархот Вартоломеј во последното интервју дадено за украинската новинска агенција ТСН открива дека Грчката православна црква ќе биде првата што ќе ја признае Украинската, по што очекува да го направат тоа и други цркви што сега се под притисок на Руската православна црква. Ваквиот расплет на настаните ќе значи нова надеж и за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која чека на вселенскиот патријарх за нејзиното признавање, односно доделување томос за автокефалност.

Верските аналитичари велат дека во моментов вселенскиот патријарх е фокусиран на прашањето да обезбеди поддршка од другите цркви за томосот потпишан за Украина.

– Ако ГПЦ биде следната црква што ќе воспостави литургиско единство со Украинската црква, тогаш тоа ќе значи охрабрување за другите цркви да го сторат истото тоа, а од друга страна, ќе значи и отворен пат и за решавање на македонското црковно прашање. Истовремено, пак, тоа може да значи и продлабочување на проблемот меѓу Цариград и Москва, но тоа е нешто што веќе е извесно – додаваат аналитичарите.

Инаку, вселенскиот патријарх во интервјуто, одговарајќи на прашањето дали томосот за Украина ја прави зависна Украинската црква од Вселенската патријаршија, вели дека украинската автокефалност не се разликува од автокефалноста на другите православни цркви и дека тоа е суштинска автокефалност во секој поглед,
– Се надеваме дека локалните православни цркви наскоро ќе ја признаат црквата на Украина. Се молиме и се надеваме дека тоа ќе се случи порано или подоцна, ако нема политички притисок – посочи вселенскиот патријарх во интервјуто.

Верските аналитичари велат дека за МПЦ е важно вселенскиот патријарх да го заврши апелациското барање што го побараа македонските владици, заедно со тоа на премиерот Зоран Заев, со потпишување томос за автокефалност, како и дека потоа полесно ќе оди процесот на прифаќање на тој томос од другите цркви.
Сметаат дека Бугарската, па и Грчката и Албанската црква би биле меѓу првите што ќе ја прифатат новата реалност и ќе ја признаат македонската автокефалност.

– Особено под притисок се автокефалните православни цркви, од кои Руската црква бара да застанат на нејзина страна, а вселенскиот патријарх бара да продолжи историската традиција на почитување на одлуките на Фанар како прва црква меѓу еднаквите. На страната на Руската црква се реалната моќ и бројноста, а на Вселенската патријаршија само историското наследство – објаснуваат аналитичарите.

„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на преземените канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.

МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.


Православието поделено на два блока

Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
Во моментов православието е поделено на два блока цркви, кои се во битка за превласт. Едниот е рускиот блок цркви, кој е најмногуброен, а вториот е на Вселенската патријаршија, кој по хиерархија се смета за првичен.
На страната на Русија е СПЦ, а на страната на Вселенската дел од блокот грчки цркви, како Грчката и Кипарската црква.
Сепак, најмногу цркви сѐ уште се држат настрана и не се изјаснуваат за ова прашање.